|
|
ПАТЕПИСИ ОД ПЕТ КОНТИНЕНТИ |
Новa книгa Во најновата книга со наслов „Патувачки симфониум“, познатиот новинар и публицист Фиданка Танаскова од Скопје, пишува и опишува шеснаесет земји во светот, меѓу кои е и Австралија. ********************************************* Во најновата книга од истакнатиот новинар и публицист Фиданка Танаскова од Македонија, која е и почесен член на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, се публикувани репортажи, прилози и фотографии за шеснаесет земји на пет континенти на планетата, меѓу кои е, и Австралија. Тоа е петто дело во кое таа е автор или коавтор. Да споменеме, дека во 1990 година Танаскова ја напиша првата книга за првиот претседател на слободната македонска земја Методија Андонов-Ченто. Долго и многу макотрпно трагаше по вистината за судбината на првиот претседател на Македонија, храбро зафаќајќи се со предизвиците во време, кога Ченто беше забранета тема во Република Македонија. Потоа, според нејзино сценарио, за Ченто беше снимен и документарен филм за Македонската телевизија. Во најновата книга со наслов „Патувачки симфониум“, која излезе деновиве, се застапени Македонија, Австралија, Америка, Канада, Аљаска, Германија, Русија, Франција, Швајцарија, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија, Турција, Србија, Словенија и Аргентина. На 220 страници со убав, лесен и читлив јазик и стил, авторот опишува познати и непознати места, градови, реки, езера, кањони, села, полиња, природни реткости, водопади, потоа, пишува за разни луѓе, настани, свечености и други случувања. Насекаде каде што постоеле услови и можности, Танаскова трага и пронаоѓа и афирмира наши Македонци од различни генерации кои век векуваат во земјите на нивниот пристан, што ѝ дава посебна тежина на книгата. Авторот навистина прави афирмативни блесоци на Македонци, на македонски заедници и нивни дела и постигања, како и за нивната роднокрајна љубов и носталгии, низ светските меридијани од Аргентина до Австралија, од Франција до Америка. Австралија има посебно место во „Патувачки симфониум“ бидејќи за време на посетите на петтиот континент, Фиданка овековечува многубројни визити, средби и разговори во домови на нашите луѓе, во друштва, организации, здруженија, асоцијации, црковни општини, клубови, училишта и универзитети. И тоа најмногу во Мелбурн и Сиднеј, во Волонгонг и Канбера итн. Инаку, Танаскова е истакнато новинарско име, која долги години поминала во редакцијата на весникот Нова Македонија, а пишувала и за списанието „Македонија“ и весникот „Денес“. Таа известувала и за бројни македонски радио-програми, меѓу кои за државното австралиско радио SBS, за WDR – западно германското радио од Келн, како и за радио-емисиите во Берлин, Торонто, и Париз. Повеќе од дваесет години и сега, се јавува за македонската радио-програма Триплзет (ZZZ) од Мелбурн, а неколку години и за програмата Оро македонско од Детроит и Чикаго. Таа е добитник на повеќе награди и признанија во земјата и надвор од неа. Да споменеме дека е прогласена за новинар на годината и добитник на „Златно перо на хуманоста“ на Македонскиот црвен крст, добитник е најпрестижната републичка награда за публицистика, потоа на годишната награда на Здружението на новинарите на Македонија, како и на највисоката државна награда за животно дело во новинарството „Мито Хаџивасилев Јасмин“, што е исклучително признание за нејзиниот полувековен журнализам и творештво . Најновата книга на Фиданка Танаскова која деновиве излезе од печат, наскоро ќе биде промовирана во Скопје. Иван ТРПОСКИ |