|
|
Историјата на македонскиот народ изобилува со политичко угнетување и неправда |
ОМД: Република Македонија слави 115 години Илинден и 74 години АСНОМ На 2 Август 1903 година, во пресрет на празникот Свети Илија, во градот Крушево пламна големото Македонско востание, во историјата познато како Илинденско Востание. Симболот на револуционерната борба на Македонскиот народ и неговиот стремеж за слободна, независна и суверена државност, заедно со првото заседание на АСНОМ на 2 Август 1944 година во манастирот Свети Прохор Пчински - Куманово, го поставија темелот на современа Република Македонија. 115 години по Илинден и 74 години по првото заседание на АСНОМ, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) ја памети жртвата на Македонските синови и дејци, кои со своите прогресивни заложби и толкувања на светот како поле за културен натпревар помеѓу народите, важат за пример на многу генерации и општествени чинители. Покрај тоа што Крушевската Република на чело со Никола Карев како нејзин Претседател згасна на десетиот ден со последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, непокорот за Македонските идеали за слободна и автономна Македонија опстана 41 година подоцна, кога 115 делегати го одржаа првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија), под претседателство на Методија Андонов Ченто. Историјата на македонскиот народ изобилува со политичко угнетување и неправда, но како тогаш, така и сега, ОМД верува дека треба да се остане истраен во интерес на Македонските идеали за самоопределување и сопствена држава. Земено во предвид дека секоја генерација има своја битка, во спомен на непокорот и жртвата на нашите предци, ОМД повикува на достоинствена одбрана на Македонското име, историја и идентитет, во време кога сериозно е загрозен нивниот континуитет. Нека ни е честит и вековит Илинден, Денот на Републиката, симболот на Македонскиот непокор и државност! |