|
|
Се одржаа 45-те „Илинденски иселенички средби во Љубојно“ |
На први и втори август 2018 година „Љубанските илинденски иселеничките средби“ прославија 45 години од своето постоење. Тие се значајна иселеничка манифестација не само за Љубојно и Преспа, туку и за Република Македонија. Во тие денови се славеше Илинден, најголемиот ден на слободарскиот дух од сите денови и празници на македонскиот народ и Македонија. Илинден е величествен ден на сенародниот македонски копнеж за борба и слобода на Македонија. Затоа тој голем ден за сите Македонци од етничка Македонија го прави Љубојно да е најубаво, највесело и најпривлечно. На Илинден во Љубојно се игра и се пее, се јаде и се пие, се чувствува топло гостопримство и срдечност кај домаќините и кај сите оние што дошле за Илинден во убавата Долна Преспа. Во организација на Одборот за прослава на средбите, оваа година на Илинден во Љубојно се собраа неколку илјади иселеници од прекуокеанските земји, од Европската Унија, Преспанци што живеат низ Македонија, голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите села, туристи од Претор, Сливница, Долно Дупени, Брајчино, Наколец, Штрбово, Арвати и Крани, како и голем број повратници од Преспа, Битолско, Охридско, Леринско и од Мала Преспа. Четириесет и петте „Љубанските илинденски иселеничките средби“ се одржаа во центарот, познат како „Полена“ во Љубојно на први и втори август. Тие започнаа со народна веселба, за потоа да ги прогласи за отворени градоначалникот на општината Ресен, д-р Живко Гошаровски. Веселбата ја збогатија младите и полетни играорци на Друштвото „Гоце Делчев“ од Битола, кои се претставија со грст македонски народни ора и песни, за што беа наградени со аплаузи. Во текот на средбите присутните ги забавуваа групата „Нели ти реков“ со познатата Кате, која беше ѕвезда на 45-те „Љубанските илинденски иселеничките средби“. и естрадните уметници Благојче Стојановски - Туше и Ташко Каранфиловски, групата „Гердан“ со естрадната уметничка Марија, како и бендот „3Г“. Токму на Илинден во Љубојно со гордост се истакнуваа бурното минато исполнето со непокор и борба за опстанок. Тоа е резултат на фактот дека на првиот Илинден се случиле бурни и драматични настани, а и во текот на окупацијата Љубојно беше едно од жариштата на револуционерното движење и прва ослободена територија во Преспа. На прославата на четириесет и петте „Љубанските илинденски иселенички средби“, се потврди дека родното место, со невидена сила ги привлекува иселените повторно да се вратат на дедовските корени. На средбата во прекрасната атмосфера присутните ги доживееја деновите и моментот како во поранешните времиња. На иселеничките средби сите се дел од многубројните случувања кои остануваат за паметењје во родното печалбарско Љубојно.
Како и сите изминати годиниу и оваа година на денот Илинден во црквата „Свети Илија“ во Љубојно се одржа традиционална богослужба на која присуствуваа голем број верници од Љубојно и гости на средбите. Потоа, пред спомен-плочата за паднатите илинденци пред куќата на Калајџиовци градоначалникот на општината Ресен, д-р Живко Гошаровски положи свежо цвеќе. Притоа, беше речено дека ако долнопреспанци со пушка во рака биле учесници во двата Илиндена за слобода на Македонија, денес тие со продолжувањето на македонските традиции и духовно-националното живот, со обичаите и со културните настани, ги зацврстуваат корените на Македонија, на македонскиот народ во Преспа и насекаде во светот. Сите тие порачаа - средбите и Македонија да бидат вечни. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |