|
|
Меѓaта на животот од Љубица Поповска |
Неодамна во издание на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј се објави најновото поетско дело „Меѓата на животот“ од Љубица Поповска која живее и твори во Мелбурн. Рецензент на книгата е Гордана Димовска. Оваа, 2023 година, се навршуваат 45 години од објавувањето на првата збирка поезија од Љубица Поповска “Битола, бабам, Битола” по повод ослободувањето на Битола 4-ти Ноември. И оваа 23-та збирка поезија пак се издва по повод 4-ти Ноември. Во предговорот на книгата Љубица забележува дека пишувањето поезија не и дава мир. Пишува патриотска и лирски песни, со социјални и религиозни теми, но секако по преселувањето во Австралија преовладува темата поврзана со иселувањето и болката за родното огниште – Македонија. Исто така пишува и детска поезија инспирирана од своите деца и внуци. За Љубица, членувањето во Литературните друштво „Кочо Рацин“ од Мелбурн и Литературното друштво „Григор Прличев“ ја потсетува на нејзиниот поетски почеток како член во Литературниот клуб „Стале Попов“ во Битола. Нејзини книги се промовираат во овие градови како и во Битола, а тоа е и голем стимул и предизвик да продолжи и твори, да ги изнесува своите чувства и немир, својот восхит и сонови. Рецензентот Гордана, анализирајќи го ова дело ќе забележи дека ова најново дело на поетесата Љубица е навистина голем успех, „недостижен за многу, а за неа остварен сон кој го сонувала и вредно работела да го достиге уште како мало љубопитно девојче“. За Љубица поезијата е љубов, нешто кое и дава смисла на нејзиниот живот. Гордана ќе заклучи дека без нејзините бројни поетски изданија сиромашна би била македонската книжевност. „Меѓата на животот“ содржи поеми за љубовта, животните патешествија, неостварена љубов, желби и идеали, премостување на проблемите и продолжување напред, за родното огниште, за чедото, за убавините на пролетта, есента е вистински поглед низ прозорецот кон нова иднина и остварување на сите идеали без разлика колку е тежок патот до нив. Сета оваа мудрост пренесена во нејзината поезија нека биде поучен водич на читателот денес и во иднина за тоа како преку прифаќање на ситуациите во кои се наоѓа, да продолжи да се бори, да пишува и твори, да ја раскажува својата животна приказна низ мудроста на стиховите и силата на македонскиот збор“. Инаку, Љубица Поповска е родена во Битола. Дипломира на Економскиот факултет и Филозовскиот факултет во Скопје. Првата збирка поезија “ Битола, бабам, Битола “ ја објави во 1977 година. Потоа следат “Палаво детство“, “ Децата од мојата улица“, “Пролет во мојата душа“ и второто проширено издание на “Битола, бабам, Битола” во 2015 година, “Виножито во мојата прегратка“, “Македонски непребол и гордост“, “Светлина во нас и околу нас“, “Пролетен шепот“,”Tраги во времето”, “Песни од мојата младост“, “Патека на детството“- раскази за деца, “Извори од мојата душа“, “Сонот во моите раце”, “Крстопати“, сликовница за деца “ Анабел и Кики во зимските бајки“, “Исус Христос и светците“, “Светлини”, “Видици“, “Светот на дeтето“, “За духовниот свет на децата и младите“, “Немири“ и “Меѓата на животот“. Исто така свои песни и раскази има објавувано во осумдесет Антологии и Зборници. Добитник е на повеќе награди, признанија и дипломи од конкурси и настапи во Македонија и Австралија.
Душан Ристевски-Македон
МЕЃА НА ЖИВОТОТ РЕКА НА ВРЕМЕТО |