|
|
ПРОФЕСОР Д-Р ВИОЛЕТА АЧКОСКА ПРОГЛАСЕНА ЗА ПОЧЕСЕН ЧЛЕН ВО ЛИТЕРАТУРНОТО ДРУШТВО „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ ОД СИДНЕЈ |
Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј на својот редовен состанок ја прифати номинацијата за прогласување на почесен член на проф. д-р Виолета Ачкоска. Виолета Ачкоска е доктор по историски науки, универзитетски професор во пензија, најголем дел од својот работен век го поминала на Филозофскиот факултет во Скопје, на Универзитот „Св. Кирил и Методиј“. Родена е во Охрид на 4 септември 1954 година. Во 1977 година дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, група Историја. На истиот факултет магистрирала во 1988 и докторирала во 1993 година со темата: „Аграрот и селото во Македонија 1945-1955 година“. Во 1978 се вработила во Марксистичкиот центар „Мито Хаџи василев – Јасмин“ како стуручен соработник од областа на историјата. Во 1989 година преминува во Институтот за национална историја, најпрво како аситент, а по докторирањето стекнува степен научен соработник и самостоен научен советник. Десет години потоа се вработува како професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за историја. Досегашните објавени трудови на Виолета Ачкоска се однесуваат, главно на следниве научни области: Историја на Македонија и македонскиот народ, најнов век, при што поголемиот број посветила на социјалната историја, потоа на политичката историја (меѓуетничките односи и репресијата во комунизмот), историјата на образованието и културната историја; Теорија - Методологијата на историската наука, Историја на историографијата, Методиката на наставата по историја. Како професор на Филозофскиот факултет, во рамките на првиот и вториот степен на студии предавала повеќе предмети од политичката и економската историја на Македонија, Методиката на наставата по историја и Методологија. Ачкоска е автор на околу 45 монографии, учебници, учебни помагала и други историографски изданија, автор на стотина научни статии, на 30 сценарија за документарни филмови, на неколку музејски концепции и на различни написи, фељтони, интервјуа итн. Со пишување поезија и проза се занимава од ученички денови. По нејзиното пензионирање, покрај истражувањата на најновата историја, објави 7 самостојни збирки поезија и е застапена во над 60 домашни и меѓународни групни изданија. Како јавна личност, проф. д-р Виолета Ачкоска неколку децении е во првите редови во одбраната на македонското име, идентитет, јазик и историја, при што настапуваше на бројни трибини, митинзи и протести ширум Македонија со своја реч. Таа е присутна во јавноста со учество во различни медиуми. Инаку проф. д-р Виолета Ачкоска е дваесет и седми почесен член во ова Друштво кое четириесет и седум години го штити и негува македонскиот јазик и култура во Австралија. Душан Ристевски
|