|
|
Јубилејна прослава на Литературното друштво „Григор Прличев“ во Сиднеј |
35 години заштитник на македонскиот јазик во Австралија
Минатиот петок, 12 април, во Сиднеј на свечен начин се одбележа 35 годишницата од постоењето на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија. На свечаноста присуствуваа стотина членови како од Сиднеј така и од поближните градови кои имаа можност да се присетат за почетоците од формирањето и безбројните активности со кои Друштвото се постави на пиедестал како поборник за македонскиот јазик, литература и култура во Австралија. Друштвото од самиот почеток превзеде водечка улога во негување на македонскиот јазик преку издавање на списанието „Повод“, организирање на наградни конкурси за „Прличева награда“, издавање книги од самите членови и формирање на библиотеката „Григор Прличев“. Од самиот почеток Друштвото ја превзеде улогата на организирање Денови на македонската култура, филмски фестивали, изложби, семинари и конференции, поетски средби, театарски вечери, јавни протести, дебати и издавање писмени ноти во борбата за зачувување на македонскиот идентитет, барање човекови права за Македонците во поробениот дел на Македонија и апели за да се поддржи правото за самоопределување на Македонците во Австралија и да се запре дискриминаторската политика на Европската Заедница. За јубилејот пристигнаа повеќе честитки од членови, соработници, почесни членови, асоцијации од Австралија, Америка, Канада, Европа и Македонија, како и од Агенцијата за иселеништво од Македонија и Друштвото на писателите на Македонија. На своите најактивни членови, соработници и помагатели, Друштвото им додели благодарници за нивните напори во негување на македонскиот јазик. Исто така по изнесените претходни предлози на свечаноста се одлучи едни од најактивните членови да бидат прогласени за почесни-доживотни членови. Иван Трпоски беше прогласен за почесен член, а Душан Ристевски за почесен член-претседател. Исто така на средбата едногласно се одлучи на најиздаваниот поет и писател Иван Трпоски да му се додели посебна Прличева награда за книгата „Угреј сонце во мојот сон“ што оваа година се издаде како избор од неговата поезија по повод неговата 35 годишна публистичка дејност. Исто така им се додели посебна благодарница на Димче Џајкоски од Маседон Травел и на филантропистот Др. Васил Тулевски за нивното парично донирање кон издавањето на книги од Друштвото. Честит јубилеј Прличевци!
Душан Ристевски Фото: Илија Вељаноски |