|
|
На Празникот на липите во ДПМ |
Врачена наградата „Иселеничка грамота“ Наградата „Иселеничка грамота“ за најдобра поетска збирка на поет иселеник, што традиционално ја доделува Матицата на иселениците од Македонија, денеска свечено им беше врачена на Жаклина Михајлова од Сиднеј, Австралија за поетската збирка „Од^ по жица“ и на Лилјана Стоилковска Андовска од Малме, Шведска за стихозбирката „Аксиос“ на меѓународната поетска манифестација „Празник на липите“ во Друштвото на писателите на Македонија. -Матицата на иселениците од Македонија оваа година за прв пат додели две награди „Иселеничка грамота“. Жири комисијата едногласно отцени дека и двете изданија покажуваат јасни книжевни и поетски вредности, со естетски дострели кои ги одбележуваат и двете поетеси како индивидуални творци, истакна д-р Вера Стојчевска Антиќ. -Задоволство но и обврска е да се добие оваа награда. И благодарам на Матицата на иселениците што со доделувањето на оваа награда го одржува огнот на животот во македонските поетски иселенички души низ светот. Наша должност е да пишуваме на македонски јазик затоа што изворот на писменоста, мудроста, изворот на креативноста на убавината е од Македонија. Кој друг може да ја почувствува македонската традиција и да ја преточи во зборови, за да остане запишан сведок за историјата, кој друг ако не македонските поети и писатели. Затоа доделувањето на оваа награда е обврска да твориме и во иднина, истакна Жаклина Михајлова. Лилјана Стоилковска рече, дека е среќна што Матицата на иселениците сите овие години истраја и продолжи и понатаму да ја доделува „Иселеничка грамота“, најпрестижната поетска награда за поетите од дијаспората. „Ваквите награди побудуваат интерес кај иселениците да творат на својот мајчин јазик, да го негуваат македонскиот збор и да го пренесуваат на идните генерации“, Истакна Стоилковска. Лилјана Стоилковска – Андовскае родена во Скопје каде што завршила Учителска школа и Педагошка академија, за потоа да дипломира педагогија на Филозофскиот факултет. Сега живее во Малме, Шведска, каде твори и не престанува да работи на полето на културно-уметничкото презентирање на Македонија на тие простори. Првата стихозбирка „Разбудена биднина“ ја најавува нејзината определба како поетеса. Втората стихозбирка е насловена „Животот е фантастичен, но...“, а третата „Аксиос“ го носи митолошкото име на реката Вардар. Жаклина Михајлова е родена во Кочани. Завршила Педагошка академија во Скопје, а потоа и Филолошки факултет – група национална литература и македонски јазик, на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Објавувала поезија и проза во најразлични литературни списанија и весници. „Од^ по жица“ е нејзина прва самостојна книга поезија. |