|
|
Звонко Танески избран за почесен член на словачкиот ПЕН центар |
Братислава, 3. 8. 2013 година Македонскиот поет, критичар, есеист, преведувач и универзитетски професор Звонко Танески неодамна е избран за почесен член на словачкиот ПЕН центар. На последната седница одржана во Братислава на 26. 6. 2013, чиј записник потоа е официјално усвоен на 28. 7. 2013 година, Танески е едногласно избран за почесен член, а во одлуката, при набројувањето на неговите заслуги, стои дека тој е мошне истакнат универзитетски професор, македонски поет, преведувач, книжевен научник и критичар, стручњак за словачка литература и култура, кој работел неколку години и на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава. На тој начин, Танески влегува во престижното и ретко друштво на странски почесни членови во словачкиот ПЕН центар заедно со Барбарели Спиелвогел од САД, Јирзи Кронхолд од Полска, Павел Павел од Чешка и поранешниот претседател на Чехсоловачка и познат драматург – Вацлав Хавел. (http://www.scpen.sk/index.php/estni-lenovia-sc-pen). Професионалниот профил на Звонко Танески е веднаш објавен и на веб-страницата на словачкиот ПЕН центар: http://www.scpen.sk/index.php/component/content/article/34-clenovia/606-zvonko-taneski. Воедно, на истата седница, претседателот на Словачкиот ПЕН центар – д-р Ладислав Волко поднел извештај за неговото учество на 14-тата регионална конференција во Скопје, организирана по повод 50-годишнината од македонскиот ПЕН центар, одржана од 6 до 9 септември 2013 година. Според неговите зборови, одличната организација и самата конференција покажале дека литературата и, во поширока смисла на зборот, и културата претставуваат важен инструмент на европското зближување и на културната дипломатија воопшто. Во таа насока се предвидува и поголема и поширока соработка меѓу македонскиот и словачкиот ПЕН центар во иднина. Инаку, Звонко Танески е роден на 12 март 1980 година. Доктор е по филолошки науки (Филозофски факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава), универзитетски професор (Факултет за странски јазици при Универзитетот ФОН во Скопје). Автор е на пет поетски збирки, на три научни монографии и на голем број лингвистички, литературни и културолошки студии. Објавуван е на англиски, италијански, словенечки, српски, хрватски, албански, бугарски, украински, есперанто и словачки јазик. Дел од неговото творештво е публикувано или претставено на повеќе јазици во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Италија, Шпанија, Р. Ирска, Чешка, Полска, Русија, Словачка, Филипини, Индија и САД. Добитник е на повеќе книжевни и научни награди во Македонија и во странство. Редовен член е на Клубот на независни писатели на Словачка (од 2006 година) и на Независните писатели на Македонија и на Здружението на преведувачи на Македонија (од 2012 година). Автор е и на повеќе книжевни преводи. |