|
|
Европа не врши доволен притисок врз Грција |
Ќе поддржиме секое решение кое и` оди во прилог на Македонија. Без да се здружат сите држави од ЈИ Европа во ЕУ, Унијата би била инвалидна, изјави поранешниот претседател на Република Хрватска Степан Месиќ при посетата на Охрид. - Ние не смееме да тргнуваме од тоа дека Хрватска сега е во ЕУ и треба да соработува само со неа. Мораме и натаму да соработуваме и нашата цел треба да биде влез на сите држави од ЈИЕ во Европската унија.
Кога Унијата мора да се здружи заедно со сите овие држави, со нашето соседство, дури тогаш Европа ќе биде голем светски играч. Без тоа таа ќе биде инвалидна, нагласи Месиќ. Според Месиќ, Европската унија е најелитниот политички клуб во светот и за да се влезе во него, како што додаде, треба да се исполнат одредени услови. - Јасно е дека и ЕУ не е совршена и мора да реши некои свои институционални проблеми за да може да функционира, но несреќа е тоа што се здружува во време на светска криза. Тоа ќе се преброди бидејќи европското здружување нема алтернатива и сите земји од ЈИЕ мора да влезат во Унијата, додаде поранешниот хрватски претседател. За новинарско прашање за евро-интегрирање на Република Македонија, тој потсети на проблемот што го има Македонија со соседна Грција. - Од македонска страна, прашањето за јазикот и за името на државата е длабоко национално прашање. Од друга страна, за истата работа постои Грција за која тоа е едно политичко прашање кое треба да се реши на политички начин. Тоа нема никакво влијание врз животот во Грција. Од грчката страна нема доволно разбирање, а мене ми се чини дека не постои и доволен притисок на Европа врз Грција за да се забрза решавањето на македонско-грчкиот спор, подвлече Месиќ при посетата на Охрид каде што оствари протоколарна средба со охридскиот градоначалник Никола Бакрачески. Превземено од: Македонски глас- Хрватска (В. М.) |