|
|
Фестивал на храната во Мелбурн |
Со звуците на македонските традиционални инструменти, кавалот, зурлата, гајдата и тапанот започна Македонскиот фестивал на храната во популарниoт Williamstown. Oрганизиран беше и авион кој го вееше големиот банер испишан со Macedonian Food festival. Илјадници посетители со голем интерес ги следеа настапите на фолклорните уметнички друштва кои продефилираа во македонски народни носии и се претставија со најубави македонски ора. Гостите од Сиднеј, КУД Илинден, ги импресионираа посетителите со својот совршен настап, изведувајќи сплетови од Источна и Северна Македонија, Пијанец и Шопска Петорка. Официјално фестивалот го отвори претседателот на Македонско Австралиската Организација, Лидија Нешковска која нагласи дека овој фестивал е од огромно значење за Македонската заедница, а во организацијата се вклучени голем број организации, друштва, ученици, наставници, волонтери без чија помош не би можело да се одржи. Потоа говори одржаа и Конзулот на Република Македонија во Мелбурн, Австралија, Бети Коруновска, Лидија Нарашанова Смилевска, асистент за македонските учители во Австралија, Andrew Elsbury и фудбалската ѕвезда Питер Дајкос. На повеќе од дваесет штандови се продаваа македонски традиционални јадења, мазиници, кифли, тиганици, тавче гравче, сарма, тулумби и многу други специјалитети во кои уживаа посетителите. Инаку Македонскиот фестивал на храната се одржа под слоганот „Македонско и вкусно“ за да се презентира и биде препознатливо и за австралиската заедница. Ова беше уште една прилика да се отслика македонската традиција, култура, јазик и фолклор, својствени за Македонците каде и да се во светот. Македонската Заедница во Викторија континуирано презема активности на секое поле и со тоа допринесува за развој на мултикултурното општество во Австралија како и јакнење на нашиот идентитет како македонска нација. Гордана Димовска
|