|
|
Романија и Македонија ги продлабочуваат односите |
Мики Трајковски за Southeast European Times во Скопје Македонија е заинтересирана за поддршка од Романија во добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ, како и за искуството на Романија во пристапувањето во ЕУ и НАТО. Македонија се обидува да добие поддржувачи за своите кандидатури за влез во ЕУ и НАТО од земјите-членки на Унијата и се свртува кон Романија за поддршка. „Односите меѓу двете земји се интензивираат и Романија дава поддршка за процесите на евроатланска интеграција на Македонија“, рече за SETimes Панде Лазаревски, амбасадорот на Македонија во Романија. Официјалните претставници велат дека Романија силно ја поддржуваше интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО во минатото и искажа подготвеност за зголемена помош за Македонија во извршувањето на подготвителните работи во рамките на процесот на пристапување. „Има расположение за одржување политички консултации на кои би се презентирале романските искуства и би се договорило воспоставување конкретна соработка меѓу двете земји“, се вели во соопштението за SETimes на министерството. Двете земји во 2011 година потпишаа спогодба за поддршка од страна на Романија на интеграцијата на Македонија во ЕУ, што претставува основа за актуелните напори за проширување на размената на информации и соработката меѓу институциите на двете земји, рече Антонио Милошоски, поранешен македонски министер за надворешни работи, кој ја потпиша спогодбата. „Тоа значи дека најмалку еднаш годишно министерствата за надворешни работи треба да одржуваат политички консултации за теми за кои ќе определат дека е најпотребно“, рече Милошоски за SETimes. Милошоски рече дека можат да се приклучат и други институции, особено ако можат да се ангажираат во заеднички програми и твининг проекти за подобрување на искористувањето на средствата од ИПА на ЕУ. Pоманија има традиционално добри односи со Македонија. Pоманија има политичка желба да ја помага Македонија и земјите од регионот на патот кон зачленување во ЕУ. Најголемата поддршка сега ни е потребна за отпочнување на преговорите. Препораката од Романија може да биде од помош за да се зголеми интересот на другите држави-членки своето внимание да го посветат на Македонијa“, рече Милошоски. Романија е пред сè заинтересирана да ја поддржи интеграцијата на Македонија во ЕУ, рече Кристијан Гвинеа, директор на романскиот Центар за европски политики во Букурешт. „Романија, исто така, има солидна експертиза во интеграцијата во ЕУ и Македонија може да има корист од мислењата на [романските] експерти во своите напори за усвојување на законодавството на Унијата и спроведувањето на потребните реформи“, рече Гвинеа за SETimes. Гвинеа рече дека најдобар пример за ваквата соработка е ангажманот на Моника Маковеи, поранешен романски министер за правда, која даде голем придонес за консолидирањето на антикорупциските институции во Македонија. Соработката меѓу двете земји е особено забележителна меѓу армиите, бидејќи Македонија вложува двојни напори за да осигури одржување на највисоките стандарди на НАТО. Македонските војници сè повеќе присуствуваат на курсеви и семинари во романските образовни институции и двете земји се согласија македонските војници да се обучуваат во романскиот Универзитет за одбрана во Букурешт. Покрај тоа, македонските војници учествуваат во вежби за обука во Романија, како дел од програмата на ротациските сили на Црното Море за регионална соработка во одбраната. „Главниот бенефит за Македонија е подигнувањето и одржувањето на нивото на подготвеност на нејзиниот персонал одреден за учество во [меѓународните] мисии, како и реализацијата на неопходните обуки за подобра меѓусебна оперативност со другите партнерски армии“, се вели во изјавата за SETimes на македонското Министерство за одбрана. |