|
|
Во Корча, Република Албанија, беше промовирана збирката раскази „Сто години копнеж“ од охридскиот писател Мишо Јузмески |
Домаќин и организатор на средбата беше Македонскиот културен центар „Сонце“ од Корча, а публиката ја сочинуваа претежно етнички Македонци од округот Корча, односно жители на градовите Корча, Поградец, Билишта и општина Пустец, како и преставници од македонските друштва “Прегор” од Поградец и “МЕД” од Врбник. На промоцијата присуствуваше и Едмонд Темелко, градоначалникот на општината Пустец. Домаќин и водител на програмата беше Васил Стерјовски, познат активист од редовите на македонското малцинство во Албанија. За творештвото на Јузмески зборуваше охридскиот книжевник Тоде Илиевски, а поконкретно за книгата „Сто години копнеж“ зборуваа м-р Лидија Размоска од Охрид и Драги Башевски од Прилеп. Претставувањето на книгата започна со изведба на македонската химна којашто ја отпеа Ратко Ѓорѓиески од Прилеп. - Секој расказ има своја порака. Секоја порака ја оживува вистината за љубовта, сонот и копнежот. Силната желба да се реализира сонот, ја навестува љубовта која заради неможноста да се оствари се претвора во сон. Сонот се претвора во бескрајност, во силна желба да се постигне нешто, во копнеж. Со секој збор е опишана мистеријата околу која се вртат и двата лика во расказот, а авторот оставајќи му на читателот сам да ја заврши приказната, му овозможува да ги толкува настаните според сопственото согледување. „Сто години копнеж“ многу симболично прикажува дека човековиот живот е исполнет со копнеж, истакна во освртот кон книгата уредникот м-р Лидија Размоска. Македонска нација |