|
|
За МПЦ Св. Димитрија во Флорида |
ДОНАЦИЈА ОД 50.000 ДОЛАРИ Историскиот развој на Македонската православна црква Св. Димитрија во Јужна Флорида започнал на 15 август 1989 година кога била регистрирана пред американските власти во Талахаси (Tallahassee). Меѓутоа за Македонците во Флорида ќе остане за паметење 2004 година, кога се купени две куќи на Булеварот Нортлаке во Palm Bich Gardens. Потоа просториите се адаптирани во црква и црковна сала, во кои се продолжи и се практицира православната македонска вера, обичаите, традициите, песната и орото и другите духовни и културни вредности донесени од Македонија. Во црквата Св. Димитрија има голем број Македонци кои од почеток до денес се вклучени во купувањето, изградбата и реконструкцијата на зградите, меѓу кои најголеми донатори досега се бизнисмените браќата Јосив и Георге Атанасоски, кои дале околу 200.000 долари. Исто така треба да се одбележи дека на 2-ри март оваа година црквата Св. Димитрија организираше годишен пикник на кој присуствуваа околу 250 посетители, членовите на црквата и други добронамерници и пријатели на Македонците, кога и се собраа повеќе од 30.000 долари. Притоа треба да се истакнат најголемите донатори, бизнисмените Мајкл Илич, Георге Атанасоски и Џон Битов, кои подарија по 10.000 долари, потоа бизнисменот Џорџ Браун, писателот Јосиф Грезловски-Гандето, Јосиф Пасариковски, д-р Ламбро и Пет Димитров и многу други добротвори и донатори кои постојано даруваат средства на Црквата. Потоа, на 9 март оваа година се одржа Традиционалниот голф турнир, кој го организираа бизнисмени од Канада и САД, меѓу кои, Џорџ Браун, Анџело Пеовски, Крис Стериовски и голем број други Македонци и нивни пријатели, кои собраа околу 4.000 долари донација за црквата Св. Димитрија. Исто така, авторот на овој текст, Славе Катин, од името на издавачката куќа "Македонска искра" подари 200 публикации, со цел да се отвори скромна библиотека во црковните простории, а со тоа да се поттикнат и други издавачки куќи и поединци да донираат книги и финансиски средства за Македонската православна црквата Св. Димитрија, која се наоѓа на 4980 Northlake Boulevard, Palm Beach Gardens, Fl.33418, чија реконструкција и доградба ќе ја изведуваат Бранко Димовски и Стивен Талевски. На 16 март оваа година, пак, се одржа членско собрание на црквата, на кое беше претставен финансискиот известај, од страна на управата. Инаку, во собирањето на средствата големи заслуги, покрај иницијаторот на акцијата Стиви и Лили Плиакес, имаат членовите на сегашната управа Васил Џајкоски, Лена Гогова, Лилјана Доревска, Трајче Матевски, Драги Ивановски, Ратка Реи Попек, Раде Цветковски, потоа Бошко Рајчовски-Пелистерски, Перо Христов Тони Голабоски, Коста Илиас, Лика Панчо и многу, многу други предходни и сегашни активисти. Финансискиот извештај беше презентиран пред голем број членови на Црквата и гости. Притоа беше истакнато дека со акцијата за собирње на финансиски средства за законската реконструкција на објектот, се собрани околу 50.000 долари, што значат и почеток на градежните работи и посветла иднина на овој македонски храм, за кој се очекува во оваа акција да се вклучат и други донатори и цркви од Канада и САД. |