|
|
Македонецот Мајкл Дамески крунисан за најдобар танчер во Австралија |
Македонска нација Осумнаесетгодишниот Мајкл Дамески ја освои Австралија. На финалната вечер одржана на 1 мај 2014 година, тој беше крунисан како најдобар танчер во австралиското шоу „Мислиш ли дека можеш да танцуваш“ („So You Think You Can Dance“), освојувајќи 100.000 долари. Младиот танчер со македонско потекло, кој со својот огромен талент и прекрасни соло изведби ја воодушеви публиката и жирито, покрај главната награда, доби можност да избере меѓу три понуди: да добие улога во Австралискиот балет, мастер-студии по танцување во „Red Bull Flying Bach“ во Берлин, или една сезона да настапува со балетскиот театар „Burn The Floor“. И покрај одредени подеми и падови во текот на натпреварувањето, со својот решителен и енергичен настап, со импресивна кореографија и фантастично танцување, македонскиот танчер од Сиднеј со своите настапи ги освои срцата на милионскиот тв аудиториум и ги исполни страниците на светските електронски и печатени медиуми. Во финалето на шоуто Мајкл Дамески настапил со кореографијата на специјалистката за џез-лиричен балет Лорин Сејмур и според оцената на жирито (американската кореографка Пола Абдул била претседателка), тој бил најдобар од четворицата финалисти. Тој се напреваруваше со Џеј Џонс (Нов Јужен Велс), Лорен Сејмур (Нов Јужен Велс) и Ренеле Џонс (Квинзленд), Прогласувањето на Дамески за апсолутен победник на шоуто на австралиската продукција „Мислиш ли дека можеш да танцуваш“ претставува значаен момент не само за младиот танчер и неговото семејство, туку претставува и голем историски момент за целата македонска заедница ширум Австралија, како и за целиот македонски народ. Тој уште еднаш докажа дека Македонците не само што не можеш да го натпееш, туку и да ги надиграш. Неверојатна соло изведба на младиот Дамески ги воодушеви и публиката и судиите. Судија Пола Абдул за неговиот настап ќе каже: „Знаев дека Мајкл ќе победи. Тој е бестрашен и жесток. Неговата посветеност кон совршеност е евидентна во текот на натпреварот. Неговите настапи беа во центарот на вниманието како на Холивудска премиера, привлекувајќи го нашето внимание како на глутница папараци“. Освојувањето на титулата „Најомилен танчер на Австралија 2014“, меѓу другото претставува признние за целокупниот труд на Мајкл Дамески кој својот живот му го посветил на танцот. Инаку, овој македонски танчер, актер и пејач, кој е роден на 7 ноември 1995 година во Сиднеј, уште на шест годишна возраст учествувал на натпревари по танцување. Дамески настапил на Австралискиот танц идеол, без претходно да зема часови по танцување, и влегува во топ 10. Набргу потоа зема часови по танц во школата на Гленда Ји, а по извесно време оди во срудиото „Брент стрит“, кое му овозможува да ја претставува Австралија на Светскиот шампионат на изведувачки уметности во Лос Анџелес. На овој натпревар тој освои злато во сите категории и стана Прв Светски Танчер во јуниори. Мајкл Дамевски кој живее во Сиднеј со двете сестри и родителите Пеце и Неда, во 2007 година учествува на детскиот фестивал „Златно славејче“ во Македонија со песната „Еден танц“. Веќе наредната 2008 година добива улога во австралискиот мјузикл „Били Елиот“ и во октомври оди на турнеја по цела Австралија. Улогата на Били ја игра до 13 јуни 2009 година, кога во Мелбурн за последен пат настапува во австралискиот мјузикл. Неговата игра била забележана од американски продуценти и е поканет да учествува во американската верзија на „Били Елиот“ на Бродвеј. Веќе кон крајот на 2009 година, Мајкл Дамески настапува како Били Елиот во американската продукција и се задржува неколку години во САД. Во септември 2010 година тој го напушта Бродвеј за да се приклучи на групата БЕТМ 2 со која оди на турнеја низ Северна Америка. Последната изведба на Били Дамески ја изведува на 29 јануари 2011 година. До настапот во шоуто „Мислиш ли дека можеш да танцуваш“, тој ја обиколува Северна Америка. За тоа време освојува неколку награди и признанија. Во 2012 година учествувал и во натпреварувањето „Време за млади таленти“. По победата во шоуто „Мислиш ли дека можеш да танцуваш“, младиот македонски танчер веќе почнаа да го споредуваат и со легендарниот руски балетан Михаил Баришников. |