|
|
Од патувањата низ Бугарија (2) |
ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА” ОД СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН ВО НАЈГОЛЕМИОТ ПИРИНСКИ ГРАД - БЛАГОЕВГРАД Причината за упорното негирање на Македонците во Бугарија доаѓа од бугарската националистичка догма дека нема, не може и не треба да има Македонци. Меѓутоа, вистината е друга не само со пописот, туку и со вистинското постоење на народот. Затоа ние сакавме да се увериме, да го потврдиме тоа и да ги информираме читателите за дел од вистина на Пиринска Македонија. Така,во утринските часови на едно ноемвриско утро, тргнавме кон Горна Џумаја, денешен Благоевград. Во далечината горделиво се издигаше Пирин, убавецот и највисоката од сите планини во Македонија. Чиниш со раце ќе ја допреш славната планина на Јане Сандански за која се врзани безброј легенди на Македонците од овој крај. Под Пирин Планина, во рамниот простор што реката Струма го дели на два дела, се вгнездил градот Благоевград (порано Горна Џумаја). Бргу се спуштивме низ густата шума на патот за Благоевград. Овде-онде среќававме по некој автомобил и трактор. Влеговме во градот и откај автопатот што води кон Софија се упативме по улицата која води во центарот на градот, каде што е подигнат споменикот на Гоце Делчев, големиот македонски син, кој за жал, неправедно и грубо, во пиринскиот дел на Македонија, од страна на Бугарите, се прикажува како борец на бугарскиот народ. Но, бугарските националисти ќе го поставеле споменикот на Гоце Делчев во Варна, ако бил Бугарин, туку го поставиле во Благоевград, во Пиринска Македонија, бидејќи бил Македонец. Со чувство на непријатност, подзатскривајќи се, направивме неколку фотографии од споменикот на Гоце Делчев и се упативме на спротивната страна од паркот, од кај реката во тесната уличка, каде што живее еден наш роднина роден во Воден, во егејскиот дел на Македонија, а бил донесен во Бугарија заедно со уште многу илјади Македонци, кои како стебла беа откорнати од родната грутка и преселени со грчко - бугарскиот договор за размена на пограничното население од дваесеттите години на минатиот век. Инаку, како старец, изнемоштен, со мала пензија и во тешки услови за живот, тој бил учесник во културно-просветната дејност кога по Втората светка војна во пиринскиот дел на Македонија беа отворени македонските училишта, книжарници, весници. Ни раскажуваше за минатото, за тешкиот живот, за својата тага која, како што рече тој, е голема како Пирин Планина. Кај него, веројатно, носталгијата беше поизразена, така што постојано ни зборуваше за својот роден град Воден. За жал, откако го прогониле од родната земја, никогаш повеќе не го видел родното место и гробовите на своите предци. Неговата тага беше уште поголема што не се здобил со национална слобода, но беше горд што останал Македонец. Ја чуваше личната карта од времето кога во Бугарија беа признати правата на Македонците и кога во документите можеше да се напише дека по националност е Македонец. Со тага се разделивме со нашиот роднина, а потоа го продолживме нашето патување кон градот Симитли, кон Разлог и Банско. Патот што води кон исток се искачува долж реката Елвица, која извира од северните падини на Пирин Планина и се слива во Струма. Патот е тесен, асфалтиран, но не многу пријатен за возење. Меѓутоа, живописната природа: брзата река, високите букови шуми и прекрасните елки што се издигаат над голем број падинки вдолж патот, го тераат човека да заборави сѐ што се случува во не многу контролиран сообраќај. Брзо стасавме до планинскиот превој наречен Предел кој се наоѓа на 24 километри источно од Симитли, а 12 километри западно од Разлог, на надморска височина од 1.140 метри. Тоа е пријатно планинско катче за одмор и рекреација и е тесно врзано со историјата на македонскиот народ. Имено, во непосредна близина на Предел, во правец на Симитли, на 16 септември 1901 година, четата на големиот и славен пирински цар Јане Сандански ја грабна американската мисионерка Мис Стон, за која доби богат откуп за купување оружје. Во таа борба за слобода на Македонија легендарниот војвода Сандански рекол: „Ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други тирани, па ни со бугарски тирани и бугарски кнезови. Македонија треба да стане автономна, независна, слободна држава и да биде на Македонците“. |