|
|
Од патувањата низ Бугарија (3) |
ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА” ОД СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН ВО ГРАДОТ НА ВАПЦАРОВ Целта на нашето патување беше градот Разлог кој го посетивме во делник напладне, кога летото се чувствуваше со сета силина и убавина. Затоа, во градот владееше мртвило: многу продавници беа затворени. Седнавме во еден ресторан за да го почувствуваме мирисот на пиринската кујна. Од кога се нагостивме, направивме куса кружна прошетка низ градот и се упативме кон Банско. Банско е сместено на јужната страна на Разлошката Котлина под падините на Пирин Планина. Распослано е на двете страни на реката Глазне. За првпат се спомнува во турски документ од 1576 година, а силен растеж и процут доживеал во втората половина на XVIII век, кога станал познат трговски центар за тој дел на Македонија. Караваните на банскалиите, како што обично ги нарекувале жителите на ова питомо место, секојдневно тргнувале кон Белград, Дубровник, Виена, носејќи го надалеку познатиот по квалитет бански тутун. Исто така, афионот стигнувал до европските пазари. Меѓутоа, за тоа време особено на добар глас биле предметите изработени од дрвјата од витите стебла на белиот и црниот бор што виреат на просторите на убавата, богата и висока Пирин Планина. Македонците од Банско по многу нешта се специфични луѓе, со особено задоволство ќе ви говорат за Банско и Пирин, за богатствата што им ги оставила историјата. За она што нивните предци го вградиле во македонската национална историја. Горди се поради тоа што во последната деценија на XIX век, или поточно во 1896 година, во Банско допатувал Гоце Делчев како учител на македонските деца. Музејската поставка во куќата-музеј впечатливо говори за животот на поетот, за неговото творештво и за трагичниот крај во тунелите на софиското стрелиште, откако претходно беше осуден на смрт со стрелање, заедно со неговите сонародници, соoбраќа и соборци, македонските патриоти Антон Попов и Атанас Романов. Се присетивме на средбата со неговата мајка Елена. Како тогаш да ги слушнавме нејзините зборови во кои беше измешана и тагата и радоста. Црната шамија ѝ ги скриваше белите коси, а длабоко од неа извираше гордоста што е мајка на такво чедо. Ја напуштивме куќата музеј на Вапцаров и кинисавме да чекориме по калдрмисаните улички на Банско. Во ова пиринско-македонско планинско гратче, куќите се градски, убави, молерисани со млечно бела боја, а луѓето се љубезни, горделиви, разговорливи и мошне пријатни. Слушнавме дека семејното гнездо е свето катче, а чесноста е нивната одлика. Тие бесконечно ги почитуваат белезите на традицијата и своите корени, а со посебно чувство го негуваат македонско-пиринскиот фолклор. Песната и песнопојноста им е знак за распознавање меѓу Пиринците… |