|
|
МИСИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЗАЕДНИЦАТА ( MACO) |
Македонската организација на Заедницата (MACO) одржа своето генерално собрание на 13 јули во Sheldon reception. На собранието присуствуваа претставници на 30 организации од Македонската заедница во Мелбурн. Повеќе од пет години успешно реализираат голем број важни проекти во Заедницата како што се афирмирањето на македонската храна на Македонскиот фестивал на храната, настани од историско значење како што беше и одбележувањето на 100 години од Букурешкиот договор, свеченост по повод 20 години од независноста на Македонија, учество на Мумба парадата во Мелбурн, традиционалните забави по повод 8 – март, Денот на жената и многу други . Сепак најзначајно е тоа што ова организационо тело составено од голем број културно уметнички друштва, спортски организации,социјални, хуманитарни и други здруженија кои го сочинуваат имиџот на Македонската заедница во Викторија. Постојано активни и посветени, продолжуваат и понатаму со нови проекти за оваа година. Во тек е подготвувањето на веб страницата која ќе претставува “интернет огледало“ место каде ќе се информира, афирмира се што е поврзано со сите досегашни и идни активности на организацијата. Од големо значење е фактот што Фестивалот на храната кој се одржува секоја година во Вилиамстеон, е еден од најпосетените фестивали од ваков вид и оваа организација ќе продолжи да ги инволвира Македонците во афирмирањето на македонската храна а истовремено и повеќе да инвестира во културни настани како и поддршка на сите активно инволвирани во Заедницата. Континуитетот на активности и воспоставување на односи со други етнички групи во Заедницата допринесува за развојот на мултикултурата во Австралија како и углед во очите на австралиската јавност. Упорни и посветени, членовите на Македонската организација на заедницата, достојно одат по стапките на организираните движења на Македонци емигранти за кои се дознава дека биле први Македонци во Перт, Австралија во далечната 1900 година. Организацијата е отворена за соработка со сите други здруженија во Австралија како и за зачленување на нови друштва и организации со кои би ја продолжиле мисијата за обединетост и посветено работење во интерес на целокупната македонска Заедница во Австралија . MACO |