|
|
Да плачам или да се радувам? |
Мој став Последниот ден од октомври е резервиран за гледање на драмска претстава. Возам со возилото кон населбата која од Господа ми беше одредена за моја прва дестинација во која го започнав мојот самечки живот пред точно 46 години. Населбата беше населена претежно со Грци, по кое англосакцонците ја нарекуваа наместо Мериквил – Гриквил. Повеке од прехранбените и овошни продавници беа грчки, а за рестораните и ноќни кафулиња да не зборуваме. Дружењето со Грците, поради непознавањето на англискиот јазик, ни беше поблиско отколку со Англичаните или со домородните Абориџини. Поради таквите околности слободното време го користевме во одмерување на силите преку автомобилски или фудбалски натпревари. Еве ме стигнав во Етничкото село во кое се сместени повеќе градежни павилиони наменети за одржување на културни настани, од кои веќе некои си станале и сопственост на одредени етнички заедници. Грчкиот павилион е препознатлив по сината фасада и по написот „Хеленистичко-артистички театар“. Пред влезот се поставени плакати од вечерашната драмска претстава „Страв и срам“ од Душан Ристевски, преведена на грчки јазик. Застанав во редот со дојдените посетители за да си го побарам предвреме резервираниот билет. Опкружен сум во мравјалник каде сите зборуваат на грчки јазик. Душан се уште го нема. Мене ме опфаќа паника. Мислам дека сите гледаат во мене. Билетот е резервиран на име од Душан. Додека им објаснувам кој е Душан, покажувајќи им го името на авторот од драмата напишан на рекламниот памфлет, чија драма вечерва тие треба да ја гледаат, спонтано почнувам да се потам. По добивањето на билетот, еве го дојде и Душан. Со неговото доаѓање мене веќе ми е подобро. Јас се ослободив од националистичкиот гнев што го чувствував до тогаш. А како не би го чувствувал, кога бројни пати со гнев во душата сум протестирал пред грчките конзуларни претставништва и на фудбалските натпревари. Седиштата во театарската сала се поставени во половина круг каде може да седат околу 150 гледачи. Претставата почнува на време. Драмата се изведува на грчки јазик, а титлуважата е со превод на англиски јазик кој лесно е читлив и се емитува на одредена висина. Има бројни измени во начинот на изведбата, имињата од улогите, музиката, собниот распоред... се тоа е направено за да се задржи вкусот на заедницата за која се прикажува. Драмата е идеална. Таа обработува 4-ри члена фамилија, во која едно од децата им се одметнува во користење на дрога, а другото се заболува од шизофренија, додека мајката бара лек за нив од надри лекари, до тогаш таткото е препуштен на алкохол. Молчеливоста во гледалиштето и плачниот липеж на покревките срца ни наметнува мнение дека драмата, гледачите ја прифатија. А тоа беше потврдено со бројните извици и ракоплескања. По поклонувањето на артистите, пред публиката се појави и режисерот на драмата Ставрос Економидис, кој видно возбуден од успешното прикажување на драмата, не заборави да ги спомне повеќето заслужни луѓе за овој проект, помеѓу кои Министерството за здравство и името на авторот Душан Ристевски. После тоа следуваше и коктел средба на која Душан беше во центарот на внимание. Него го познаваа десетина интелектуалци кои работаат во заедницата. Тој е опкружен од повеќе радозналци кои сакаа да го видат авторот и да разменат по некој збор, да доазнаат како дошол на идеја да напише ваква драма. Во бучниот веселбарски дух предначеа артистите и господинот Економидис, кој држејќи го во прегратка Душан им објаснуваше на присутните дека тој му е добрар пријател и соработник. Оваа прегратка помеѓу Ставрос и Душан мене ми премами и сомнеж за мисловното тркало да го вратам за време од два месеци, поточно на 14 август кога во просториите од Сиднејската болница, односно во театарот „Клофи“, каде се одржа промоција на ДВД за едукација на здравствените работници од три етнички заедници: Либанска, Македонска и Грчка. По прикажаните фрагменти од драмските изведби на англиски јазик, пред присутните, се појавуваа авторите на делата за да кажат како им дошла идеја да напишат такви драми. По авторот од либанската драма, се појави авторот на македонската драма „Борење со мечка“ Душан Ристевски. Тој, покрај идеата за да ја напише драмата, спомна дека драмата е прикажана во повеќе градови на Австралија и во 7 градови во Македонија, која ја гледала повеќе илјадна публика... По претставата од грачката драма, на говорница се појави и грчкиот автор, истиов овој Ставрос Економидис, кој можно дека беше навреден од успехот на драмата на Душан или од спомнувањето на турнејата по Македонските градови, со доза на огорченост ќе започне вака? Господо, вие знаете дека зборот „драма“ е Грчки збор и дека грците знаат подобро од другите народи да напишат драма...“ Секако од присутните овие зборови беа пропратени со цинично исмејување. Ете, овој гест ми тежеше на душата, па морав да го поврзам со претставата на која се прикажуваше драма од Душан Ристевски, а беше обработена од Ставрос Економидис. По полноќјето, се збогував со Душан и напуштајќи го Етничкото село, возам за дома. Во мислите го гледам Душан и го споредувам со познатиот поет Григор Прличев кој пркосно е исправен во Поетскиот аудоториум во Атина и ја слуша одлуката на поетската комисија за доделената награда за поемата „Сердарот“ со Ловоров венец. И повторно се прашувам, дали оваа средба може да ги зближи нашите две заедници за вечна и взаемна соработка, за повторно да се гледаме низ пријателска призма, а не преку борбени барикади и пушкини нишани. Иван Трпоски |