Историја

Косара (керката на Цар Самуил) и кнезот Владимир

kosara-i-knez-vladimir-600

Владимир и Косара живееја во голема љубов, слога и светост, искрено служејќи му на Бога и на народот

kosara-i-knez-vladimir-600

Лето Господово 997, цар Самуил со силна војска ја нападна Дукља, со која владееше младиот крал Владимир, кој уште од детството се одликуваше со голема светост, мудрост и праведност. Кога му предложија да се предаде, тој ги собра поданиците и им рече: “Премили браќа, потребно е на себеси да ја почувствувам евангелската изрека: ‘Добриот пастир душата своја за овците свои ја полага’. Така што, подобро е, браќа, јас душава моја да ја положам за сите вас и да го предадам телото свое да го колат и убиваат, отколку вие да страдате од глад и меч”, и се предаде. Цар Самуил веднаш го испрати во својот дворец во Преспа, а тој го нападна утврдениот град Дулцињ (Улцињ), но не успеа да го освои, па страшно се разлути и ги разруши, ограби и запали градовите Декатар (Котор) и Лаузиј (Дубровник), ги опустоши селата, така што изледаше дека земјата нема жители. Па стаса до градот Јадар (Задар) и со голем плен се врати во својата престолнина, крај Преспанското Езеро.

Во Преспа, кралот Владимир лежеше во окови во заточение. Деновите и ноќите ги минуваше во постојан пост и молитва. Еден ден, ќерката на цар Самуил, боговдахновената и милосрдна принцеза Косара, како вистинска христијанка побара од татка си да ì одобри заедно со слугинките да слезе во темните ќелии и на окованите затвореници да им ги измие главите и нозете. Тогаш личната и учена Косара за прв пат го сретна Владимир. Ì оставија впечаток неговата понизност, кроткост и скромност, но и убавиот изглед. Забележа дека е полн со знаење и мудрост Божја и долго разговараше со него. Многу го засака во срцето свое и од жал за неговата младост и светост, кога слушна дека е од кралска лоза, намисли како да го ослободи. Клекнувајќи пред нозете на цар Самуил, му рече: “Татко мој и господару мој, знам дека, според обичајот, ќе ме мажиш. Но, ако е по волја на твоето величество, дај ми го за маж кралот Владимир, кого го држиш окован. Знај дека сум поподготвена и да умрам, отколку да се мажам за друг!” На стариот цар му се допаднаа овие думи и бидејќи многу ја сакаше ќерка си, а и затоа што знаеше дека Владимир е од кралски род, ì  ја исполни молбата. Нареди да го ослободат Владимир и откако го искапија и го облекоа во кралско руво, гушкајќи го, им го претстави на бољарите. По раскошната венчавка, царот Самуил му ја врати во владеење на Владимир земјата на неговите прадедовци.

Владимир и Косара живееја во Краина, крај Скадарското Езеро, во голема љубов, слога и светост, искрено служејќи му на Бога и на народот. Кога на царот Самуил Ромеите му ги ослепија војниците, тој, не можејќи да ја поднесе страшната глетка, издивна во тврдината крај Варош. На престолот стапи син му Гаврил Радомир. Еден ден, новиот цар Гаврил Радомир појде во лов на елени со својот прв братучед Јоан Владислав, кому пред повеќе години му го спаси животот, тогаш кога цар Самуил го уби сопствениот брат Арон, таткото на Владислав. И одненадеж, Јоан Владислав наместо во еленот, стрелаше во Гаврил Радомир и така се зацари на неговото место. И бидејќи Владислав беше таен богомил, намисли да се ослободи од христољубивиот крал Владимир. Испрати во неговиот дворец пратеници, да го канат на посета во Преспа, но верната кралица Косара списка: “Мој господару, немој да одиш, за да не ти се случи истото што и на брат ми. Пушти ме мене да отидам и да видам како ќе се однесува царот. Нека ме погуби мене, само ти да не загинеш”. И замина кралицата за Преспа, а царот Владислав ја дочека со најголеми почести. И повторно дојдоа пратеници, носејќи златен крст на подарок. Кралот Владимир го врати подарокот со зборовите: “Знаеме дека нашиот Господ Исус Христос не беше распнат на златен крст, туку на дрвен, така што, ако твојата вера е искрена, а зборовите вистински, испрати ми по луѓе духовни крст дрвен, па со верата и силата на нашиот Господ ќе дојдам, надевајќи се на животворниот крст”. Царот Владислав му испрати дрвен крст по двајца владици. Пред крстот кралот Владимир длабоко се поклони до земи, го целива и со мала придружба тргна на пат кон Преспа. Уште по пат му беа поставени заседи, но, по Божја промисла, кралот безбедно стаса во престолнината. Веднаш, заедно со духовниците влезе в црква да се помоли, но набргу војници ја опколија црквата. Владиците од срам ги наведнаа главите, а кралот, откако се помоли и се исповеда, се причести и држејќи го в раце крстот, рече: “Молете се за мене и овој чесен крст заедно со вас нека биде сведок на денот Господов, дека умирам невин!” Го целива крстот, се прости со духовниците и додека сите ронеа солзи, не испуштајќи го крстот од раце, излезе од црквата, а војниците му ја отсекоа главата пред црквената порта, на (22 мај) 4 јуни 1015 г. Духовниците го сохранија телото во црковниот двор и на гробот, од кој зрачеше необична светлина, набргу почнаа да се случуваат чудесни исцеленија. Кралицата Косара со денови неутешно плачеше. Кога царот Владислав ги виде чудесните дела на гробот на маченикот Владимир, се уплаши и ì дозволи на роднината своја да го земе телото и да го погребе каде што сака. Косара го однесе во Краина и го погреба во манастирот Пречиста Богородица. Таа се замонаши и како монахиња Теодора живееше побожен и свет живот, а кога се упокои, по сопствена желба, беше погребена крај нозете на мажот. Царот Владислав живееше во постојан страв заради злоделото што го изврши, а набргу во страв и умре затоа што многу често му се чинеше дека го гледа кралот Владимир како со исукан меч стои пред него.

Маченикот свети Јован Владимир, како и многу други светии, никогаш официјално не беше канонизиран за светец, но неговиот култ, произлезен од волјата на самите верници, набргу од Дукља се рашири и во Далмација, Албанија, Македонија, Света Гора и Бугарија. Неговиот лик е живописан на иконостасот во манастирот Св. Наум, а парче од неговите свети мошти се чува во кивотот во манастирот Св. Јован Бигорски.

Најново од: Историја

Годишнина од Гавгамела: Решавачката битка што го отвори патот кон Александаровото Царство

На 1 октомври 331 година пред нашата ера, Александар Велики ја победил војската на персискиот цар Дариј III кај Гавгамела. Победата претставувала решавачки пресврт во освојувањето на Персиското Царство и во создавањето на неговата огромна империја. Битката кај Гавгамела останала запаметена како една од најзначајните воени победи во античката историја. Соочен со побројна противничка војска, […]

Александар Трети Македонски освојува голем дел од Мала Азија

Од победата кај Граник до походот кон Киликија: освојувањата, легендата за Гордиевиот јазол и опасната болест што го запрела неговото напредување. Во првата година од војната Александар Македонски постигнал големи успеси. По победата кај Граник, голем дел од Мала Азија, сè до реката Сангар, паднал под негова власт. Персиската флота ги изгубила пристаништата на тој […]

Зошто Македонија низ историјата била делена – и зошто борбата за нејзината историја трае и денес?

Македонија со векови се наоѓала на крстопатот меѓу Истокот и Западот, на простор низ кој минувале војски, трговски патишта, империи и интереси. Но зошто токму Македонија толку долго била предмет на војни, поделби, пропаганди и спротивставени историски претензии? И уште поважно: колку Европа знаела за сето тоа и зошто интересите на големите сили толку често […]

Под каков идентитет се земаа и се иселуваа македонските деца?

Едно од најзначајните прашања со кои се запознав при истражувањето на чедособирството, а на кое не му е дадено соодветно внимание, е разликата во ставовите меѓу славофонските и грчкофоните села во северна Грција. Извештајот на УНСЦОБ известуваше за расположението на селаните во славофонските области и реони: тие, воопшто земено, биле многу подготвени да им дозволат […]

Крушоради, 1902: последната борба на војводата Дине Кљусов

На 28 септември 1902 година, по целодневна борба во Крушоради, Леринско, загинале војводата Дине Кљусов и тројца негови соборци. Нивната чета била предадена и опколена од османлиската војска. Дине Кљусов бил еден од револуционерите што дејствувале во четата на Марко Лерински. Во 1902 година Леринско било погодено од потери, предавства и вооружени судири. Кљусов учествувал […]

Востанието се проширува во Серскиот округ

Илинденското востание не завршило со падот на Крушевската Република. На 27 септември 1903 година, на Крстовден, започнале планираните востанички дејства во Серскиот револуционерен округ. Во летото 1903 година, додека во Битолско веќе се воделе жестоки борби, револуционерите во Серскиот округ се подготвувале за дејствување. На конгресот одржан во Пирин било решено востанието таму да започне […]

Драмското востание во 1941 година: отпор и трагедија во Егејска Македонија

Во ноќта меѓу 28 и 29 септември 1941 година, востаници во Драмско се кренале против бугарската окупациска власт. Востанието траело кратко, но репресалиите што следувале оставиле длабока рана во источниот дел на Егејска Македонија. По окупацијата во 1941 година, населението во Драмско живеело под воена и полициска контрола. Во такви околности бил организиран вооружен отпор, […]

Тајниот македонски комитет – основан 1885 година во Софија

Во втората половина на XIX век, во време кога Македонија била изложена на силни и меѓусебно спротивставени пропаганди, меѓу македонската интелигенција се појавуваат организирани обиди за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и црковната самостојност. Еден од најзначајните такви рани обиди бил Тајниот македонски комитет во Софија. Формирањето на Тајниот македонски комитет Тајниот […]

Најнови вести

To top