Историја

Македонско културно здружение „Јане Сандански“ во Брисел (1962-1964)

dragan-bogdanovski-2

dragan-bogdanovski-2

Македонската патриотска организација (МПО) која ги подржувала големобугарските аспирации спрема Македонија била концентрирана главно во Северна Америка. Меѓутоа по Втората светска војна МПО се обидела своето влијание да го прошири и во Европа и тоа пред сѐ поради бранот на новодојдени македонски политички емигранти во 50-тите години од XX век во Западна Европа. Концентрацијата на Македонците во Брисел, Белгија било одлучувачко за МПО да се обиде да го прошири своето влијание во Западна Европа, преку формирањето на клубот „Тодор Александров“.

Во тој период биле формирани две македонски политички организации, првата „Македонски национален фронт“ (1956) во Франција, а потоа и „Македонски национален комитет“ (1959-1961) во Шведска предводени од емигрантот Драган Богдановски. Крајната цел на двете организации била идентична: независна и обединета македонска држава на македонскиот народ, а со тоа организациите, а особено Драган Богдановски, добиле непомирливи непријатели во лицето на ванчомихајловистите и нивниот клуб „Тодор Александров“.

Таа нивна нетрпеливост растела и во наредниот период, кога Богдановски се преселил токму во градот каде било седиштето на клубот „Тодор Александров“, Брисел. Имено во зимата 1962/63 година Богдановски помогнал да се формира и да профункционира клуб-друштво за Македонците од Брисел, кое официјално за  тамошните власти требало да дејствува како културно друштво. Преку ова друштво Богдановски се обидел да им помогне на тамошните Македонци, кои го напуштиле друштвото „Тодор Александров“, но не биле организирани. За потребите на новиот клуб, Богдановски максимално се ангажирал. Изнајмил куќа, ја опремил со мебел и мала библиотека за што потрошил околу 100.000 белгиски франци. На основачкото собрание учествувале околу 40 Македонци, решено било клубот да се вика „Јане Сандански“ и да функционира како „македонско културно здружение“, а за претседател бил избран Ѓорѓи Манев. Друштвото било регистрирано во општината, а имало и статут, чиј автор бил Богдановски.

Формирањето на друштвото нe останало незабележано, од ванчомихајловистите од „Тодор Александров“, кои неможејќи да се помират со фактот дека бил формиран ваков клуб направиле инцидент уште при одржувањето на основачкото собрание. Тогаш упаднале неколку лица кои вербално ги нападнале присутните па дури била испровоцирана и физичка пресметка.

Било одлучено клубот да печати и свое гласило под името „Македонска мисла“, како списание за култура и општествени прашања. Првиот број излегол во јули 1964 година и бил уредуван од Редакциски колегиум во состав: Михаил Чекич, Јован Павлов и Крсте Стојановски, но најголем број од текстовите биле потпишани од Драган Богдановски. Во воведната статија од првиот број била објаснета намерата на списанието каде меѓудругото се вели: „Денес во емиграцијата има неколку македонски изданија, од кои некои се вистински македонски и национални кои се издаваат на македонски литературен јазик и ги заштитуваат македонските национални интереси, а други, псевдомакедонски како ‘Македонска трибуна’ и ‘Македонски глас’, што се издавани од група родоотстапници на бугарски јазик, сеејќи во нив замаглување и фалсификаторство за националниот карактер на Македонците, нивното историско минато и нивната борба за национална самостојност. За разлика од од последните псевдомакедонски трибуни и гласови, нашето списание ‘Македонска мисла’ ќе биде во редот на вистинските национални македонски изданија во емиграцијата, и со својата содржина и цел, тоа ќе се разликува од нив, по тоа што ќе биде културно-просветно списание.“ Списанието  редовно излегувало и клубот одлично функционирал сé до крајот на 1964 година, односно, додека во Брисел престојувал Богдановски и сета грижа и одговорност за функционирањето на клубот била негова. Па така кон крајот на 1964 година излегол и последниот петти број на „Македонска мисла“.

Кога Богдановски го напуштил Брисел, веднаш започнале несогласувањата меѓу членовите на Управата, кои биле толку големи и непремостиви што предизвикале растурање на клубот, па дури мебелот и библиотеката биле буквално разграбани од просториите. Подоцна Богдановски дошол до сознанија дека сето тоа било дело на луѓето од „Тодор Александров“, кои на своја страна го придобиле благајникот Крсте Боглев кој го направил раздорот.

Дејствувањето на „Јане Сандански“ иако кратко било од големо значење за Македонците во Белгија, за збогатување на нивниот социјален и културен живот, како и за јакнење на националното чувство. Влијанието на „Тодор Александров“ сред македонската емиграција започнало да е намалува, а финален удар Драган Богдановски му нанесува на овој клуб во периодот кога го предводи „Движењето за ослободување и обединување на Македонија“, и тој клуб продолжил да функционира и во наредните децении но само номинално, со мало членство и намален авторитет и влијание.

Д-р Марјан Иваноски

Најново од: Историја

Александар Трети Македонски освојува голем дел од Мала Азија

Од победата кај Граник до походот кон Киликија: освојувањата, легендата за Гордиевиот јазол и опасната болест што го запрела неговото напредување. Во првата година од војната Александар Македонски постигнал големи успеси. По победата кај Граник, голем дел од Мала Азија, сè до реката Сангар, паднал под негова власт. Персиската флота ги изгубила пристаништата на тој […]

Зошто Македонија низ историјата била делена – и зошто борбата за нејзината историја трае и денес?

Македонија со векови се наоѓала на крстопатот меѓу Истокот и Западот, на простор низ кој минувале војски, трговски патишта, империи и интереси. Но зошто токму Македонија толку долго била предмет на војни, поделби, пропаганди и спротивставени историски претензии? И уште поважно: колку Европа знаела за сето тоа и зошто интересите на големите сили толку често […]

Под каков идентитет се земаа и се иселуваа македонските деца?

Едно од најзначајните прашања со кои се запознав при истражувањето на чедособирството, а на кое не му е дадено соодветно внимание, е разликата во ставовите меѓу славофонските и грчкофоните села во северна Грција. Извештајот на УНСЦОБ известуваше за расположението на селаните во славофонските области и реони: тие, воопшто земено, биле многу подготвени да им дозволат […]

Крушоради, 1902: последната борба на војводата Дине Кљусов

На 28 септември 1902 година, по целодневна борба во Крушоради, Леринско, загинале војводата Дине Кљусов и тројца негови соборци. Нивната чета била предадена и опколена од османлиската војска. Дине Кљусов бил еден од револуционерите што дејствувале во четата на Марко Лерински. Во 1902 година Леринско било погодено од потери, предавства и вооружени судири. Кљусов учествувал […]

Востанието се проширува во Серскиот округ

Илинденското востание не завршило со падот на Крушевската Република. На 27 септември 1903 година, на Крстовден, започнале планираните востанички дејства во Серскиот револуционерен округ. Во летото 1903 година, додека во Битолско веќе се воделе жестоки борби, револуционерите во Серскиот округ се подготвувале за дејствување. На конгресот одржан во Пирин било решено востанието таму да започне […]

Драмското востание во 1941 година: отпор и трагедија во Егејска Македонија

Во ноќта меѓу 28 и 29 септември 1941 година, востаници во Драмско се кренале против бугарската окупациска власт. Востанието траело кратко, но репресалиите што следувале оставиле длабока рана во источниот дел на Егејска Македонија. По окупацијата во 1941 година, населението во Драмско живеело под воена и полициска контрола. Во такви околности бил организиран вооружен отпор, […]

Тајниот македонски комитет – основан 1885 година во Софија

Во втората половина на XIX век, во време кога Македонија била изложена на силни и меѓусебно спротивставени пропаганди, меѓу македонската интелигенција се појавуваат организирани обиди за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и црковната самостојност. Еден од најзначајните такви рани обиди бил Тајниот македонски комитет во Софија. Формирањето на Тајниот македонски комитет Тајниот […]

Владеењето на Александар Македонски со провинциите Лидија и Карија

Историјата на Јонците покажува дека тие постојано го чувствуваа јаремот на туѓинецот како товар. Тие не се караа, туку ја почитуваа слободата како најголем благослов. Записот на Приен од третиот век ни дава благороден израз на оваа идеја кога вели: „Нема поголемо нешто за античкиот грчки човек од слободата“. На прашањето како Александар Македонски ги […]

To top