Историја

Грчката вооружена пропаганда започнува пред Илинденското востание

Macedonian Greeks Bitola Mariovo Rakovo

Macedonian Greeks Bitola Mariovo Rakovo

„Идејата да се поддржи грчкото пропангандно дело во Македонија и преку вооружена сила се роди во Грција уште пред востанието. Во текот на 1901 година грчкиот политичар Карталис, пратеник од Волос и близок пријател на Д(имитриос). Калопотакис, виден новинар и главен редактор на весникот “Емброс”, го обиколи Битолскиот вилает и изнесе во споменатиот весник впечатоци од посетената област. Во неговите записи се протурка мислата дека “бугарите“, покрај своите добро уредени училишта, развиват во Македонија и една “повозвишена родољубива дејност”, која одговара на аспирациите и потребите на месното население и со која тие ги оставиле далеку зад себе Грците, посветени само на духовната и културна пропаганда. Во тоа време во Леринско дејствуваше како апостол-револуционер и организатор, Марко војвода. Карталис слушал од своите сонародници во Битола и Лерин за неверојатната харизма на овој поранешен бугарски подофицер меѓу месното население и за неговата фактичка власт. Пишувајќи за бугарскиот војвода, тој не ја криеше зависта и жалоста зашто направеното од Марко не е уште порано сторено од некој грчки офицер. –  пишува Христо Силјанов за почетоците на грчката вооружена пропаганда во Македонија.

Во своето дело „Ослободителните борби на Македонија“, македонскиот револуционер Христо Силјанов укажува дека грчката вооружена пропаганда започнала да дејствува во Македонија пред Илинденското востание во 1903 година. Идејата за да влезат грчки вооружени чети на територијата во Македонија, грчките националисти ја развиваат по затварањето на Критското прашање. Имено, по востанието во 1897 г., под влијание на големите сили, на островот Крит се формира независна критска република, која десет години потоа се присоединува со Грција. Христо Силјанов  укажувајќи на пишувањата на грчкиот новинар Калопотакис како на зародиш на идејата на територијата на Македонија да започне вооружена пропаганда вели:

„Тоа беа првите објективни осветлувања за дејноста на Револуционерната организација и поминаа речиси незабележано за пошироката грчка публика, навикната од пишувањата на печатот да гледа во македонските револуционери обични разбојници, испраќани од Софија исклучиво за да ги тероризираат и истребуваат грчките духовни и просветни дејци. Сепак, во весникот “Емброс”, како и во други органи на атинскиот печат – “Акрополис”, “Асти”, “Скрип” и др. – откровенијата на Карталис беа следени од засилена кампања за заштита на елинизмот во Македонија. Со идејата за вооружени акција, организирана по примерот и како противтежа на ТМОРО, започнува да се занимаваат (елинистичките – н.з.) “македонските организации” во грчката престолнина – “Елинизмос”, “Македоникос Силогос”, разните емигрантски друштва и др. Со особено внимание и жар таа се разгледува во кружокот на поранешниот министер Стефанос Драгумис, познат државник, родум од Богоцко, грчко село на југо-исток од Костур. Јатката на кружот ја сочинуваат браќата, синовите и зетовите на Драгумис, луѓе со видна општествена положба.

Меѓутоа, самата грчка влада се однесува премногу резервирано за оваа идеја ограничувајќи се од време на време да испрати протестни ноти против “комитските насилства” над беспомошниот елинизам во Македонија. Сеуште во сеќавањето постоеше несреќниот случај со „Етники Етерија“ и се штитеше од авантури. Основана во 1894 година, со цел “да ги собере во една држава целото грчко племе”, “Етерија” успеа за премногу кратко време да втурне земјата боса во војна против Турција за присоединување на Крит. По тесалискиот масакр во 1897 година, владата побрза да ја растури (по добивањето независност на Крит – н.з).

Сепак, поактивните членови на растурената организација, основаа друга, која под името “Стрелачко друштво” (“Скопевтики Етерија”) се зафати да им даде борбена подготовка на младината, наградувајќи ги најдобрите стрелци со пофалби и други награди. Сред настанатото безнадежие во земјата, активистите од поранешната “Етники Етерија” и од “Стрелачкото друштво”, како и некои од редот младите активни офицери, беа првите кои го кренаа гласот за будење на народниот дух. И бидејќи критското прашање беше веќе привремено ликвидирано со назначувањето на принцот Георги за управител на автономниот остров, пропагандистите на подемот ги насочија погледите кон Македонија.“

Оваа идеја на новинарот Калапотакис, како што пишува Силканов,  им станала блиска на богатиот банкар Сароглус, Јон Драгумис, офицерите Павлос Мелас, Кондулис, Г. Цонтос, Катехакис, К. Мазаракис и др.  Во1902 година Калапотакис застанал на чело на преобразениот “Македонски комитет”, а кон крајот на истата година Јон Драгумис, син на стариот Стефанос Драгумис, заминал во Битола како секретар на тамошниот грчки конзулат.  Во тесна соработка со комитетските средини и со артилерискиот потпоручник Павлос Мелас кој е женет за неговата сестра, Јон Драгумис ја испитува ситуацијата во внатрешноста и ги положува основите на организацијата наречена “Одбрана” (Амина). Целта на организацијата е: “да ги штити грчките општини против секакви непријатели”. Силјанов посочува  дека Јон Драгумис не е само првиот организатор на тајниот грчки комитет, но еден од првите идеолози на вооружената алција против Македонската револуционерна организација во Македонија.

Укажувајќи на основите водилки на андартската акција во Македонија, кои подоцна ќе остават крвав белег на територијата на Македонија, Силјанов ќе забележи:

„Во својата книга “Крв на маченици и на херои”, напишана со живописен емотивен јазик, но инспирирана со нечовечка невистина кон (македонските револуционери), Јон Драгумис ја повикува смелоста на Василиј Бугароубиец и се поклонува пред неговата метода, но сака нејзината примена да биде на начин “похуман” и истовремено “попрактичен”: “Василиј, наместо да ослепи толку луѓе, нешто варварско, ќе направеше подобро, ако ги убиеше сите. Така ем тие луѓе немаше да се измачуваат – живи ослепени, ем бројот на “бугарите“ во светот ќе беше одеднаш помал со 15.000 луѓе – нешто корисно”, Македонија, класичната грчка земја населена “со Грци кои си го изгубиле јазикот”, земја во која “градовите се грчки, т. е. цивилизацијата нејзина е грчка, историјата, земјата просторите нејзини и се грчки”, има да се одвои не од Турците, туку од “бугарите“. – “Во минатото Грците ги имаа за непријатели Турците; а во идните години ќе ги имаат за непријатели “Бугарите“ “. “Почнува се одново и ќе продолжи во уште пострашна форма отколку некогаш, дивата војна од византиските времиња, и разни Василиевци ќе крстосуваат … земјата и ќе ги бркаат “Бугарите“ по планините, пештерите, по селата и по горите и ќе ги прогонат или ќе ги убијат”.

Но со крајната цел – освојувањето на Македонија, авторот гледа во проповеданиот крстоносен поход против “бугарите“ и средство за преродба на грчкиот национален дух, паднат и обезвреден после воениот погром од 1897 година: “Македонија ќе нè спаси од нечистотијата, во која тонеме, ќе нè спаси од просечноста и од мртвилото, ќе ни избави од срамнта поспаност, ќе нè ослободи. Ако успееме да ја спасиме, ние ќе бидеме спасените”. А спасението е во вооружената борба: “Треба да формираат чети, инаку сме изгубени”.

Подготовките и влегувањето на четите на грчката вооружена пропаганда во Македонија започнуваат уште пред почетокот на Востанието. Силјанов во своето дело ќе напише:

„Уште во пролетта на 1903 година П. Мелас, Г. Цонтос К. Мазаракис и др. регрутираат андарти во Грција. Тие испратија и неколку момчиња во Македонија. Еден од нив, Георгиос Перос, легално обиколува повеќе центри во Југозападна Македонија и ги пренесува писмените и усни препораки на Мелас до разни членови на “Одбраната”, а потоа се враќа во Атина и му носи на Мелас многу писма од Македонија.

Во внатрешноста човекот кој не само што ги сподели разбирањата на младиот Драгумис, но и се погрижува уште од порано да се снабди со андартски чети, е костурскиот митрополит Германос Каравангелис. Тој има на располагање еден гркоман, на име Вангел, од село Сребрено, некогашен арамија кој е сега на служба кај Турците како потерџија. Вангел со една мала чета, составена од неколку негови роднини и соселани-гркомани, учествува, заедно со војската, во следењето на (македонските – н.з) чети, за што е и осуден од Организацијата на смрт. Костурскиот владика и Јон Драгумис бараат од Грција десет одбрани момчиња, за да ја засилат четата на Вангел. Во втората половина на јуни 1903 година бараните момчиња избрани и вооружени од Цонтос и од Мелас, се наоѓаат веќе во Костурско – во Чуриловския монастир “Св. Никола”, од каде што Вангел го презема. Сите се од Крит. Меѓу нив е и Ефтимиос Каудис, кој подоцна стана андартски капетан.

Последователна дејност на оваа прва андартски чета е опишана од Стаматис Раптис, еден од многуте грчки автори, во чии дела ние ја следиме историјата на грчкото четничко движење во Македонија. Четата која засилена со други гркомани и потераџии стигнала до 24 лица, ги започнува веќе своите “казнени” акција против “бугарите“ и тоа во тесна соработка со Турците.

… Митрополитот Каравангелис се сретна слободно со андартската чета и тоа во присуството на турски војници. На 28 јуни (се наоѓаме сеуште пред востанието) митрополитот, придружен од 27 војници Арнаути, под предводени од чаушите Рустем-бег и Шефкет-ага, пристигнуваат во с. Елеово. Капетанот Вангел дознал и веднаш дошол со својата чета во истото село. Таму “Одмаздници” присуствуваат на литургијата што ја отслужи митрополитот. Митрополитот потоа ја продолжил обиколката “учејќи го и просветувајќи го своето патство во вистината”. И во текот на летото за цело време на патувањето четата на Вангел го придружува “тајно”, без да се оддели од него.

На 24 јули – востанието е веќе најавено – еден одред од 400 војници заминал кон Клисура за да нападне една комитска чета од 500 и повеќе (Македонци- н.з). “Елино-Македонците” потоа на извесно растојание ја следеа војската. Меѓу Маврово и Горници офицерите се спречкале меѓу себе и се вратиле назад. “Меѓутоа одмазниците, заедно со ним познатите од обиколката на Костурскиот митрополит Албанци-чауши Рустем и Шефкет, придружувани само од четири војници, продолжиле на патот кон Клисура”. И тие стигнале на 300 чекори од позициите на (македонските револуционери – н.з). “Војниците штом видоа дека  (Македонците –н.з) се близу дваесет пати повеќе и сместени на силни позиции, побараа од чаушите да се повлечат од ова опасно место. Но, Рустем и Шефет не прифатија да остапат.” Тие им рекоа на војниците: „Одете си вие, кукавици, а ние ќе останеме со паликарите, белки ќе направиме нешто“.

.. Истата чета на Вангел и критјаните го придружуваа кон крајот на востанието Костурскиот митрополит во неговите обиколки по опожарените села, за да ги убедува да поминат под Патријаршијата. После востанието Вангел останува со месните луѓе, а критјаните се вратиле во Грција.“

Од кажаното до тука, како што вели Силјанов, се утврдува на еден несомнен начин дека андартски акција е замислена, подготвена и почнала да се спроведува пред Илинденското востание.

(продолжува)

Најново од: Историја

Тајниот македонски комитет – основан 1885 година во Софија

Во втората половина на XIX век, во време кога Македонија била изложена на силни и меѓусебно спротивставени пропаганди, меѓу македонската интелигенција се појавуваат организирани обиди за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и црковната самостојност. Еден од најзначајните такви рани обиди бил Тајниот македонски комитет во Софија. Формирањето на Тајниот македонски комитет Тајниот […]

Владеењето на Александар Македонски со провинциите Лидија и Карија

Историјата на Јонците покажува дека тие постојано го чувствуваа јаремот на туѓинецот како товар. Тие не се караа, туку ја почитуваа слободата како најголем благослов. Записот на Приен од третиот век ни дава благороден израз на оваа идеја кога вели: „Нема поголемо нешто за античкиот грчки човек од слободата“. На прашањето како Александар Македонски ги […]

Беличица во пламен – трагедијата од 19 септември 1944 година

На 19 септември 1944 година селото Беличица, во Горна Река, станало место на една од најтешките и најтрагичните борби во последните месеци од Народноослободителната војна во Македонија. Во нерамноправниот судир меѓу борците на Третиот тетовски партизански одред и многубројните балистички сили загинале 21 партизан, а по завршувањето на борбата биле убиени и 17 жители на […]

Драги Трајков за почетоците на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица: „Ројал“ беше место каде отворено се зборуваше за македонска држава

Во годините кога Македонија го започнуваше патот кон осамостојување од Југославија, политичкото организирање не се одвиваше само во партиските штабови и на плоштадите. Драги Трајков од Струмица, во лично сведоштво се навраќа на атмосферата од тие години и на кафеаната „Ројал“, која, според неговото сеќавање, била едно од собиралиштата на членови и приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ […]

Зошто Македонија низ историјата била делена – и зошто борбата за нејзината историја трае и денес?

Македонија со векови се наоѓала на крстопатот меѓу Истокот и Западот, на простор низ кој минувале војски, трговски патишта, империи и интереси. Но зошто токму Македонија толку долго била предмет на војни, поделби, пропаганди и спротивставени историски претензии? И уште поважно: колку Европа знаела за сето тоа и зошто интересите на големите сили толку често […]

20 септември 1944: Во Софија се пишувало за правото на самоопределување на македонскиот народ

На 20 септември 1944 година, во период на крупни политички и воени промени на Балканот, во Софија било објавено пишување во весникот „Отечествен фронт“ во кое се говорело за правото на самоопределување на македонскиот народ и за значењето на АСНОМ. Документот, зачуван во збирка поврзана со Павел Шатев, претставува значајно сведоштво за политичката атмосфера непосредно […]

Дабничкиот масакр: крвавиот 19 септември 1942 кај Прилеп

На 19 септември 1942 година, во месноста Дабнички Завој, меѓу Прилеп и селото Дабница, се случил еден од најтрагичните настани од периодот на Втората светска војна во Македонија – Дабничкиот масакр. Настанот бил кулминација на повеќедневна акција на бугарските окупаторски власти против населението од Дабница и прилепските учесници и поддржувачи на Народноослободителното движење. Дабница – […]

Брз економски развој во Мала Преспа и голем отпор на населението против асимилацијата

Во периодот од 1926 до 1930 година во Мала Преспа бил забележан брз развој, особено во изградбата на нови куќи. Голем број луѓе кои по Грчко-турската војна заминале на печалба низ светот им испраќале значителни суми пари на своите семејства, а кога се враќале во родните села, со себе носеле и голем дел од заштедените […]

To top