Историја

Што преставуваше Бугарија за Македонија

macedonia-bulgaria-flag

macedonia-bulgaria-flag

Управда: „Што преставуваше Бугарија за Македонија”

На почетокот на август 2017 година Македонија и Бугарија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Договорот беше потпишан  на македонски и  бугарски јазик согласно Уставите на двете држави.  И покрај одредени недоследности, Договорот преставува историски чекор напред за двете држави и покажува дека минатото може да биде темел на идната соработка, односно Софија да се заложи за евро атланските аспирации на Македонија.

Самиот Договор меѓу двете земји несомнено треба да придонесе кон политичка стабилизација на  регионот, но само доколку соседот не ги повторува грешките од  минатото, чии корења потекнуваат уште од Санстефанскиот договор. Сега со овој Договор, Бугарија како “постара сестра“, има историска шанса да ги исправи грешките од минатото, за кои многу одамна укажуваа македонските дејци.

Имено, по Мировниот договор во Букурешт во август 1913 година, со кој Македонија е поделена,  Македонските дејци надвор од татковината го кренаа својот глас за неправдата која му беше нанесена на македонскиот народ. Приврзаниците за независна Македонија во Русија, реагираа преку својот орган „Македонски глас“ („Македонский голос“), списание на Македонското научно-литаратурно другарство во Санкт Петербург, кое излегува во текот на 1913 и 1914 година и преку кое тие ја афирмираа вистината за Македонија и Македонците.

Димитрија Чуповски (1878- 1940, истакнат деец на македонската национална мисла и редактор на „Македонски глас“, под псевдонимот Управда ќе објави во списанието реакција по повод решението на Букурешкиот мировен договор, со кој Македонија беше разделена меѓу балканските држави Србија, Грција и Бугарија. Во статијата „Што преставуваше Бугарија за Македонија” („Македонский Голос”, 5 септември 1913 г.), Чуповски истовремено ќе направи ретроспектива на бугарската политика спрема Македонија, за која ќе напише:

„Букурешката конференција на балканските држави сосема ја уништи 23 точка од Берлинскиот конгрес, којашто предвидуваше воведување реформи во Македонија, како во една самоуправна провинција, од Турција.

Во свое време, оваа одредба им даде крилје на надежите на Македонците за можноста да се создаде автономна Македонија и се покажа како противтежа на одредбите на Санстефанскиот договор, кој ја обезличуваше Македонија со нејзиното вклучување во границите на голема Бугарија.

Но, без оглед на одредбата на Берлинскиот конгрес, Санстефанскиот договор постојано ги подбуцнуваше Бугарите кон акции за создавање голема Бугарија на сметка на Македонија и тие непрестајно трошеа милиони рубли за агитација во Македонија, по пат на отворање на свои, чисто бугарски, училишта и цркви.

Како резултат од сето ова, Бугарија почна да гледа на себе како на единствена идна ослободителка на Македонија, споредувајќи ја својата улога во делото на ослободувањето на Македонија со улогата на Русија во ослободителната руско-турска војна. Меѓутоа, со ваквата споредба воопшто не можеме да се согласиме.

Русија, откако и објави војна на Турција за ослободувањето на Бугарија, која страдаше под турското ропство, се експонира, како ослободителка, од почетокот до крајот.

Таа се однесуваше еднакво како спрема Бугарите, така и спрема Србите, Босанците и другите јужни Словени, и ако не и појде од рака да ги усреќи, како Бугарија, на која и даде слобода, полна државност, кредит и се што е потребно за самостојна егзистенција, за тоа не е виновна Русија.

Русија беше ослободителка на Бугарија и поради тоа што да се споредува нејзината улога со улогата на Бугарија во сегашната војна, во најмала мера, е бесмислено и смешно за современиците, на кои, пред очите им се играше оваа трагикомедија.

Улогата на Бугарија во однос на Македонија беше од самиот почеток престапна; таа прва ја наруши, со својот румелиски преврат од 1886 година, онаа точка од Берлинскиот конгрес што ја обврзуваше Турција да воведе реформи во Македонија.

Понатаму, Бугарија, водејќи незадржлива, крајно шовинистичка пропаганда сред македонските Славјани преку својата Цариградска егзархија, прва го предизвика ривалството да воведат иста таква пропаганда Грците и Србите и со тоа внесе неслога сред Македонците.

Бугарија, за сето време на своето 30-годишно постоење како држава, водеше антимакедонска политика. Таа, ласкајќи им и привлекувајќи ги на своја страна Македонците, во исто време со жестокост и омраза ја прогонуваше и се грижеше да ја уништи кај нив секаквата помисла за самостојна Македонија, при што Бугарите не се запираа пред никакви средства.

Така, во 1888 година, „Славјаномакедонската книжевна Дружина”, којашто беше образувана од емигранти-Македонци под претседателство на Ѓорѓи Пулевски, а која имаше за цел да ја прероди народната македонска литература, бугарската влада ја уништи и многумина нејзини членови протера надвор од границите на кнежевството.

По две години, во истата таа Софија, бугарската влада ги затвори вечерните училишта, специјално отворени за емигрантите Македонци-занаетчии, а раководителите на овие училишта, македонските патриоти Дамјан Груев, Делчев, Петре поп-Арсов и многумина други ги протера од Бугарија.

Понатаму, да ги земеме макар само оние прогонувања на кои беше изложена таканаречената Внатрешна македонска организација, која работеше за духовната преродба на Македонија и за нејзиното политичко ослободување. Нејзините членови беа прогонувани како од самите бугарски влади, така и од Егзархијата, местен орган на овие влади. За да ги парализира успесите од дејноста на Внатрешната македонска организација, бугарската влада образува од емигранти Македонци реквизитна (составена од отпадоци) контрамакедонска организација, позната под името Врховен македонски-одрински комитет, чијашто задача беше да му труби на целиот свет дека Македонија е чисто бугарска земја. На кого не му е позната срамната улога на овој Комитет изразена низ работата за распарчувањето на Македонија воопшто и на македонската интелигенција посебно? Овој Комитет, раководен од бугарската влада, преку своите пензионирани професори и генерали,..дејствуваше против македонското ослободително движење и сестрано работеше за присоединувањето на Македонија кон Бугарија.

Уште попрестапна беше улогата на Бугарија во оваа срамна „ослободителна” војна.

Зар Бугарија не водеше долги преговори врз база на поделбата на Македонија со нејзините сегашни владејачи? Зар таа, според договорот од 29 февруари 1912 година со Србите, не им го предаде ним целиот западен дел од Македонија и со тоа ја наруши нејзината целокупност? Зар Бугарија, која ја привлече и Грција кон српско-бугарскиот сојуз, не тргна да ја дели Македонија? Та нејзе не можеше ли да не и биде познато дека Грците можеа да влезат во таквиот сојуз само поради тоа што го имаа предвид заграбувањето на јужниот дел од Македонија? Зар Бугарија не е виновна во таа делба на Македонија, сокривајќи ја вистинската цел на војната од претставниците на македонскиот народ, со кого таа мораше да смета. Спротивно на тоа, почнувајќи ја војната, таа им изјави на Македонците дека, заедно со сојузниците, тргнува против Турција за нивното ослободување. Дозволувајќи им на Македонците да се организираат во воени легиони, Бугарија стори стократен престап, зашто не им дозволи да отидат да се борат против Турција во нивниот роден крај, туку ги упати во Тракија, таму кон бреговите на Мраморно Море и под ѕидиштата на Одрин и рововите на Чаталџа, кои не и беа никому потребни, освен на трупите бугарски славољупци; и тоа стана во она време кога сојузниците Бугари, Срби и Грци ја освојуваа Македонија. Со што може да се објасни таквата престапна постапка на Бугарите кон Македонците, ако не со стравот дека истите тие Македонци со оружје в раце ќе ја бранат својата татковина еднакво од кои и да било посегања врз нејзината независност?  Но, имено со ова Бугарија ја погуби не само Македонија туку и сета своја иднина во неа.

Пролевајќи сега крокодилски солзи за изгубената за неа Македонија, зар Бугарија своевремено направи каков и да било обид да ја запази неделивоста на Македонија, која таа милува да ја нарекува својата помлада сестра?

– Како можат некои бугарски патриоти да тврдат дека Бугарија била во однос на Македонија онаа библиска мајка која излегла пред судот на Соломон? Не ли таа, достојна за следење мајка, повеќе сакала да се откаже од родниот син, само и само тој да остане цел, додека, меѓутоа, како што ни е познато, Бугарија прва се согласи со поделбата на Македонија.

Зошто Бугарија до овој момент не истапила како вистинска „родна мајка” со својата некористољубивост, со мајчинска добронамерност по однос на Македонија, – со проект за нејзината автономија? Ете, токму ваквото истапување на Бугарија можеше да ја обезбеди целоста и неделивоста на Македонија, мирот меѓу балканските народи и би го зачувало достоинството на самата „родна мајка” – Бугарија. Што и пречеше, откако ја внесе во договорот точката за автономијата на Македонија, да го постави своевремено прашањето за остварувањето на таа точка?

Никој ништо не и пречеше, туку самата таа не направи никакви обиди да се подигне ова прашање. Таа не го направи тој обид ни по завршувањето на првата половина од војната, кога и стана јасно дека нејзините довчерашни сојузници Србите и Грците, откако ја заграбија Македонија, нема да да сакаат да излезат од неа. И наместо да истапи со проект за автономија, таа се реши за војна, заради поголемо парче од Македонија, како свој дел.

Дури и по нејзиниот разгром, кога веќе прашањето се постави не за Македонија туку за самата Бугарија, овде зборувам за Букурешката конференција, каде што на Бугарија „великодушно” и предложија еден осми или десетти дел од Македонија, и тука таа повеќе сакаше да го земе тоа парче, а не тргна по примерот на библиската мајка да се откаже од делот на своето дете.

Пак повторувам, и по сето ова, пак се наоѓаат луѓе што ја споредуваат сегашната положба на Бугарија со положбата на Русија во ослободителната Руско-турска војна, со желба на ваков начин да ја претстават во улогата на иста таква некористољубива ослободителка на Македонија, каква што беше Русија по однос на сама Бугарија, трудејќи се да не видат дека главната причина за несреќите на Македонија беа токму чисто бугарските копнежи по оваа многунамачена земја. (Управда, „Македонски глас“, стр. 130-133)“

По Букурешкиот договор, и покрај сите укажувања на македонските дејци, грешките на бугарската дипломатија продолжија и по двете Балкански војни – за време на Првата и Втората светска војна и по неа.

Денес, искуствата стекнати од Балканските, Првата и Вората светска војна, треба да бидат патоказ за идната соработка меѓу двете држави. Бугарија како „постара сестра“ и вистински пријател треба да и помогне на Македонија да го сочува името, идентитетот и целовитоста на земјата. Секоја друга опција би преставувала грешка, која во иднина може многу скапо да ги чини државите од регионот.

(извор: Долкменти за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том први, Скопје 1981, стр,575 – 577 )

Македонска нација

Најново од: Историја

23–24 октомври 1912 година – Кумановската битка

Крајот на османлиската власт не ја исполнил македонската надеж за слобода и сопствена држава На 23 октомври 1912 година, во Кумановско започнала една од решавачките битки во Првата балканска војна. Во дводневниот судир меѓу српската и османлиската војска, завршен на 24 октомври, османлиските сили претрпеле пораз што значително влијаел врз натамошниот тек на воените дејства […]

Зошто треба да си горд Македонец од Беломорска Македонија

Пишува: Новица Арсовски Од борбата кај Д’мбени до зачувувањето на мајчиниот јазик – историја на пожртвуваност, страдање и истрајност Да бидеш Македонец со корени од Беломорска Македонија значи да носиш семејно и историско наследство што поминало низ востанија, војни, преселби и забрани. Во тоа наследство се испреплетуваат имињата на селата, спомените за предците, мајчиниот збор […]

Воздигнување на Александар Трети Македонски во оазата Сива во Египет

Кога Александар Македонски и неговата придружба најпосле пристигнаа до оазата Сива, беа изненадени од големите и необични стебла на урми и маслинки и од богатството со вода од многубројни извори и езера. Храмот на пророштвото беше во тврдината наречена Агхурми. Денес можат да се најдат остатоците на храмот надградени со модерни куќи, па не може […]

21 октомври 1943 година – (Фотограифи) Издеглавје – Дебрца го отвори патот кон македонската црковна самостојност

На патот кон признавање и осамостојување на Македонската православна црква-ОА Во виорот на Втората светска војна, на слободната територија во Дебрца, македонското свештенство ја потврдило својата определба да биде со народот – во борбата за слобода, за сопствен црковен живот и за духовно достоинство. На 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, во куќата на […]

На 13 октомври 1993 Македонија го одигра својот прв меѓудржавен фудбалски натпревар

На 13 октомври 1993 година, во словенечкиот град Крањ, започна меѓународниот пат на фудбалската репрезентација на самостојна Република Македонија. Во пријателски натпревар против Словенија, македонските фудбалери остварија убедлива победа од 4:1 и го претворија своето деби во ден за паметење. Првиот гол го постигна Зоран Бошковски – Чоко, чие име засекогаш остана запишано на почетокот […]

„Гласот на Москва“ во 1914 година: Македонец и Бугарин се различни поими, а стремежот е обединета и независна Македонија

Во статијата „Македонија“, Н. Николаев ги разгледува балканските спротивставувања и се залага за обединета и независна Македонија како праведно и трајно решение на македонското прашање. Превземено од: Macedonia: A True Endless Story Во рускиот весник „Гласот на Москва“ („Голос Москвы“), број 237 од 15 октомври 1914 година, е објавена статијата „Македонија“, потпишана од Н. Николаев. […]

Берлинскиот конгрес од 1878 година – прекројување на Балканот без решение за Македонија

Големите сили го ревидирале Санстефанскиот договор и воспоставиле нова политичка рамнотежа на Балканот. Македонија останала под османлиска власт, со предвидени реформи што не ѝ обезбедиле политичка самостојност. Берлинскиот конгрес се одржал од 13 јуни до 13 јули 1878 година, под претседателство на германскиот канцелар Ото фон Бизмарк. На него учествувале претставници на Германија, Австро-Унгарија, Русија, […]

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ И АЛЕКСАНДРИЈА

Со основањето на Александрија во 331 година пред нашата ера, Александар Македонски ги поставил темелите на град што ќе стане едно од најзначајните трговски, културни и научни средишта на античкиот свет. Неговата визија ги поврзала природните богатства на Египет со поморските патишта на Средоземјето. Основањето на Александрија било еден од најдалекосежните потези на Александар Македонски. […]

To top