Историја

Оригиналниот „Абецедар“ е во Скопје

Македонски Абецедар

1925 година грчката влада презеде конкретни мерки за објавување на првиот буквар (Абецедарот) за потребите на МАКЕДОНСКОТО малцинство

Предизвикан пожар но, пожарот не Ја изгоре вистината

Оригиналниот „Абецедар“ е во Скопје

Се работи за документ, или поточно, за учебно помагало за потребите на тогашните образовни програми. Абецедарот од денешна историска дистанца е од извонредно големо значење за македонската историографија и лингвистичка наука. Станува збор за буквар печатен на хрватска латиница и затоа наречен Абецедар, а наменет, за децата на македонското национално малцинство во тогашното Кралство Грција.

Овој документ е од извонредна голема важност како за дефинирањето на посебноста на македонската националност уште во средината на 20-те години од минатиот век, така, уште повеќе и за фактот што тогашната грчка влада за прв пат официјално го признала постоењето на македонска националност во рамките на тогашната грчка држава. Имено, во 1920 година Грција пред Друштвото на народите Грција го потпишала Севрскиот договор со кој се обврзала да им даде малцински права на сите народности во Грција што не се етнички Грци. Четири години подоцна, во 1924 година, повторно по сугестија на Друштвото на народите, меѓу Грција и Бугарија бил потпишан познатиот Протокол Калфов-Политис со кој врз реципрочна основа Бугарија се обврзуваше на грчкото малцинство во Бугарија да му обезбеди малцински права (јазик, училиште и друго), додека Грција, Македонците од егејскиот дел на Македонија ги признаваше како ,,бугарско” малцинство, на кое би му признале, исто така, малцински права.

Меѓутоа, кога идната 1925 година грчката влада презеде конкретни мерки за објавување на првиот буквар (Абецедарот) за потребите на тоа малцинство, таа јасно и ставила до знаење на бугарската страна дека нема никаква основа Бугарија да се интересира за некакво „бугарско малцинство” во Грција, а уште помалку букварот да биде на бугарски јазик. Грчката страна ,,словенското малцинство” во Егејска Македонија го дефинирала како посебна етничка група различна од Бугарите и Србите. Значи не се ниту Коминтерната ниту Тито првите кои ја признале посебноста на македонската нација. Парадоксално но вистинито – тоа е Кралството Грција.

Оттука Букварот т.е. Абецедарот не бил издаден ниту на бугарски ниту на српски јазик туку на леринско-битолското наречје. По неговото издавање тој бил дистрибутиран во некои околии од Западна Егејска Македонија (Костурска, Леринска и Воденска) со што соодветните грчки владини училишни власти започнале со подготовките за негово воведување во употреба и организирање на соодветна настава за македонските деца до четврто одделение на мајчин јазик.

Сепак Кралството Грција никогаш искрено не пристапило кон решавање на ова прашање. Имено, уште на почетокот властите настојувале да изнајдат било каков повод за одлагање на воведувањето на Абецедарот во училишниот систем на Грција. Па така, додека се преземале привидни мерки за отворање македонски училишта, бил инсцениран судир на грчката војска со бугарската кај Петрич, а потоа и организиран масакр врз недолжното македонско население во селото Трлис, Серско. Овие инциденти биле искористени во функција на создавање на несигурност кај Македонците со крајна цел тие самите да се откажуваат од задоволување на нивните малцински права, односно да бараат сигурност преку иселување во Бугарија. Значи главната цел на овие притисоци било да се продуцира иселување на македонското население од Егејска Македонија како би се сменила етничката карта. Со тоа сите напори за задоволување на малцинските права на македонското население би станале безпредметни, што од денешна дистанца се гледа дека ваквата грчка владина политика дала успешни резултати. Поради колонизацијата во 20-те години на XX век, а посебно по егзодусот на македонското население за време на Граѓанската војна од 1949 година, денес етничката карта во Егејска Македонија е значително изменета.

Сепак, иако, Абецедарот практично никогаш не стигнал до рацете на македонските деца, тој сам по себе е едно силно сведоштво за постоењето на многубројното македонско национално малцинство во Грција и обидот на Друштвото на народите со притисок да ја натера Грција да преземе одредени задолженија за задоволување на правата на тоа малцинство.

Атина под притисок на Друштвото на народите официјално го призна македонското малцинство уште во далечната 1925 година. Тогаш го издаде познатиот „Абецедар“, буквар за школување на Македончињата. Меѓутоа, таа никогаш нема да дозволи да почне да се користи во училиштата. Подоцна ќе се разбере дека тоа, всушност, била само една од многуте валкани игри за да ја залаже меѓународната организација дека ги почитува правата на малцинствата, обврска што ја презела уште во 1920 година со договорот потпишан во Севр, Франција.

Интересна е хронологијата како се роди првиот македонски буквар, кој беше препечатен пред две години од Македонците во Егејска Македонија и промовиран во Солун. Во 1924 година на свечена седница на ОН во Женева била потпишана конвенција меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија, Христо Калфов, и на Грција, Николаос Политис, за еднаков третман на „бугарското“ малцинство во Грција и на грчкото во Бугарија, иако Софија немала право да говори за македонското малцинство и да го штити со меѓународни договори. Во седиштето на Друштвото на народите на овој настан му било дадено големо значење. Бугарскиот парламент веднаш ја ратификувал конвенцијата, но такво расположение не постоело во Грција, така што нејзиниот парламент одбил да го потврди договорот.

Набргу потоа еден член на Долниот дом на британскиот парламент, кој сметал дека е направена неправда спрема малцинствата во Грција, на седница во февруари 1925 година поставил прашање дали британската влада ќе преземе нешто во ОН за Грција да ја ратификува конвенцијата со Бугарија. Така, тогашниот министер за надворешни работи на Велика Британија, Остин Чемберлен, еден месец подоцна побарал Советот за безбедност на ОН да ја праша Грција што сторила за потпишувањето на Конвенцијата во врска со задоволување на правата на словенското, како што го нарекла македонското малцинство, и какви мерки според Грција се потребни за образование и вероисповед на тоа малцинство.

Министерот Чемберлен го поставил прашањето пред Советот, а Грција, наоѓајќи се под силен притисок на меѓународната заедница, морала, ако ништо друго, барем на хартија да преземе нешто за правата на македонското малцинство. На седницата на Советот на ОН, одржана во јуни 1925 година, грчкиот претставник ги информирал неговите членови за мерките што веќе ги презела или ќе ги преземе нивната влада. „Прво, во државниот буџет ќе предвиди кредит за поддржување на училиштата на словенското малцинство. Второ, според чл. 9 од договорот за заштита на малцинствата, ќе изработи специјална програма за отворање општествени училишта за тоа малцинство. Трето, подготви потребен кадар и ќе издаде учебници на сметка на државата. И четврто, ќе им се дозволи на верниците сами да ги избираат своите советници“, информирал грчкиот претставник.

Сакајќи да и’ покаже на Европа дека има искрени намери, Атина го издала „Абецедарот“. Тој бил отпечатен на леринско-битолско наречје и неколку примероци биле испратени во седиштето на ОН во Женева. И се завршило на тоа. Практично, Грција не реализирала ништо од она што го ветувала пред меѓународната заедница. „Независно од грчкото лицемерие во врска со букварот, во времето на неговото издавање употребата на македонскиот јазик во секојдневниот живот, дома, на пазар, на улица била широка. На македонски јазик со грчки букви биле напишани многу фирми на продавниците и друго. Со него се комуницирало и во судовите“, вели академик Иван Катарџиев, кој го истражува прашањето на асимилацијата на Македонците во Грција.

Обединетите нации често пати испраќале свои претставници за да проверат колку Грција го спроведува она што го ветувала, но Атина секогаш со разни трикови и итрини успевала да ги убеди дека словенското малцинство ги ужива сите права. Учителот Пападопулос, кој бил задолжен за пречекот на претставниците на ОН во Воден, вели дека имале многу маки и требало да употребат голема умешност за да и’ докажат на Меѓународната комисија дека малцинствата во Македонија ги уживаат сите права. Тој вели дека дента кога организирал презентација на училиштата пред Меѓународната комисија ги излажал учениците и им рекол дека на станицата во Воден минува министерот за образование и дека сите треба в раце да веат грчко знаме и да пеат патриотски песни. „Им препорачав на учениците во случај да бидат прашани на улица или, пак, на железничката станица дали знаат друг јазик, освен грчкиот, да одговорат негативно. Оваа презентација на училиштата беше претставена со целосен успех“, признава грчкиот учител како биле излажани претставниците на Обединетите нации. А и тие во Грција доаѓале формално и многумина од нив се правеле дека не ги забележуваат провидните лукавства на домаќините.

„По обичај, во однос на извршувањето на своите обврски кон малцинските права на македонското малцинство на својата територија, Грција ќе примени двоен стандард. На внатрешен план ќе им даде целосна слобода на државните органи задолжени за асимилација на македонското малцинство и на разните националистички парадржавни организации да се служат со се’ што можело да го забрза процесот на погрчување на македонскиот етнос. Меѓутоа, на надворешен план постојано ќе инсистира и ќе ’докажува‘ дека доследно ги почитува обврските од договорот кон националностите и конкретно кон македонското малцинство“, пишува академик Катарџиев.

Истовремено Грција ќе го убедува светот дека по потпишувањето на Грчко-бугарската конвенција за доброволна размена на население и нејзината реализација, во неа немало повеќе „славофони“ и дека сите тие емигрирале во Бугарија. Таа ќе тврди дека од нејзина територија 101.000 лица си заминале во Бугарија, а 52.881 Грк од Бугарија се доселиле на нејзина територија, што не е вистина, зашто бројот на иселените Македонци во Бугарија бил трипати помал и изнесувал 32.232.

Отпечатениот „Абецедар“, иако Македончињата во Грција никогаш не почнале да учат на него, предизвикал бурни реакции кај соседните држави, посебно во Софија. Бугарскиот професор Љубомир Милетич вели: „Бидејќи од политички причини се прифати македонските бугарогласни да се именуваат, не со нивното сопствено име Бугари, туку со едно конвенционално име Словени, грчката влада го искористи тоа за своите бугарогласни поданици да ги третира како некаква нова, сега откриена народност, без своја писменост, без литературна традиција, без нормиран литературен јазик“.

Професорот Иван Шишманов вели дека целта на издадениот „Абецедар“ бил обид „славофонското население во Македонија со писмото и со јазикот да се оддалечи од бугарската опасност“. Тој ја обвинува грчката влада за издавањето на букварот, подвлекувајќи дека тоа ќе и’ се врати како бумеранг. „Таа сака да создаде сосема нов, специјален литературен јазик за да може уште повеќе да ги оддалечи овие славофонски субјекти од бугарското влијание, ризикувајќи со тоа во своите граници да потхранува македонски сепаратизам многу поопасен за Грција“, ќе изјави тој.

На ист начин реагирала и владата на Кралска Југославија. Тоа може да се види од телеграмата што ја испратил италјанскиот амбасадор во Рим. Тој им јавил на своите претпоставени дека штотуку примил информации кои говореле дека владата на СХС била возбудена поради систематски лошиот третман наложен од грчките власти врз Македонците „кои зборуваат српски или ја изразуваат својата етничка припадност со Србите. Таа ќе испита наметнување слични средства кон лицата во Кралството.

Најново од: Историја

ВМРО му оддава признание на Михаил Чаков за зачувувањето на моштите на Гоце Делчев

Писмото до Михаил Чаков: сведоштво за почитта кон Гоце Делчев и за идеалот на независна Македонија Документот од 1923 година сведочи дека посмртните останки на Гоце Делчев биле чувани како светиња, со длабока почит кон неговото дело и кон борбата за независноста на Македонија. Писмото на Тодор Александров до Михаил Чаков од 1923 година претставува […]

Гоце Делчев: 10 највлијателни мисли за Македонија

Гоце Делчев е едно од најголемите имиња во македонската историја и револуционерна мисла. Неговите зборови и денес се цитираат затоа што не се само историски сведоштва, туку и силни пораки за слободата, народната свест, достоинството и иднината на Македонија. Неговите зборови зборуваат за предавството, истрајноста, жртвата, самостојната борба и правото на Македонците сами да одлучуваат […]

Охридско-дебарското востание од 1913 година: заеднички отпор против српската окупација и поделбата на Македонија

Македонските револуционерни чети и албанските востаници краткотрајно ја протерале српската власт од Дебар, Струга, Охрид и Кичево. Востанието било задушено со воена противофанзива, помогната и од грчки сили, по што следувале репресии, палење населби и бегалство. Охридско-дебарското востание од септември 1913 година претставува значаен настан во историјата на отпорот против српската окупаторска власт во Македонија. […]

Светозаревиќ: Охридските реликвии биле дадени на привремено чување — македонската влада има право да ги бара назад

Бранислав Светозаревиќ „ВНИМАВАЈТЕ! Еве дел од предадените скапоцени реликвии од страна на некои охриѓани на бугарските власти во 1916 год. Под бр. 10 е и сребрената реликвија со моштите на Св. Матрона, која пред некој ден Бугарија ѝ ја подари на Грција во замена за коските од непознат човек. Но, ВНИМАВАЈТЕ! Отстапени се на привремено […]

Табела за пописот од 1956 година: Во Благоевградскиот округ се наведени 63,64 проценти Македонци

Во приложениот преглед Македонците се наведени како посебна национална категорија, со 63,64 проценти од населението во округот. Во околиите Сандански и Петрич нивното учество надминувало 80 проценти. Една фотографија од табела за националната структура на населението во Благоевградскиот округ отвора важно прашање за македонскиот идентитет во Пиринска Македонија: што покажуваат пописните податоци и зошто тие […]

Битката кај Тир и понудата на Дариј на својата ќерка Естер и 10.000 таланти

Надежите на Александар Македонски за лесна опсада на Тир не се осгварија, бидејќи Тирјанците продолжија да се бранат многу храбро. Но, одењето на тирјанската флота кон север и судирот со Киприотите заврши со нејзино целосно уништување. Co завршувањето на бедемот се покажа дека инженерците не го постигнаа саканиот ефект на силниот источен ѕид. Меѓутоа, бродовите […]

Грчки историчари во 1992 г.: Гоце Делчев и Јане Сандански се бореа против Бугарите, Србите и против Грците

Грчки историчари во 1992 г.: Гоце Делчев и Јане Сандански се бореа против Бугарите, Србите и против Грците, за македонската нација, за Македонија на Македонците. Грчка публикација сведочи за македонската национална посебност и за идеите на Гоце Делчев Во издание од 1992 година се разгледува развојот на македонското национално движење и се посочува разликата меѓу […]

1913 година – поделбата не го решила Македонското прашање

Балканските војни биле пресвртница за Македонија. По нив, нејзината територија била поделена меѓу балканските држави. Границите биле исцртани, но поделбата не го решила Македонското прашање. Секоја држава настојувала да ја оправда својата политика и преку толкување на минатото. Затоа борбата за територијата продолжила и како борба за историјата, јазикот и определувањето на населението. Чие е […]

To top