|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (2) |
Македонија, мојот копнеж – Маноил Мане Јаковлевски (2) За атентатот на претседателот Киро Глигоров осомничени членови на ВМРО ДПМНЕ Во монографијата "Македонија, мој копнеж - Манојил Мане Јаковлески" се говори како за атентатот на претседателот Киро Глигоров биле осомничени членови на ВМРО ДПМНЕ. Имено, тогашните власти ќе искористат еден состанок во Галичник за да го насочат своето внимание кон нив, наместо кон вистинските виновници. Авторот Киро Кипроски, кој и самиот учествува на состанокот во Галичник, за исказите во врска за испитувањето на групата од страна на инспекторите на СДБ пишува: „На една од паузите на 10-тиот јубилеен Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, што се одржа на 6 и 7мај 1995 год., на претседателот Љубчо Георгиевски, му предложив да направиме анализа за активностите на некои партиски структури, за кои имавме сознанија дека отстапуваат од стратегиските цели на партијата. Предложив, да се сретнеме во Галичник, односно во месноста Старо Село, кај црквата„ Света Петка“, оддалечена од Галичник, околу 6-7км. Тој се согласи и средбата ја одржавме на 9 мај 1995 год. На средбата бевме дванаесет луѓе. По ручекот, шетајќи низ буковата шума, имав подолг разговор со Георгиевски, во четири очи. Разменивме мислења за одредени проблеми, кои беа присутни во партијата“, се сеќава Манојил на оваа средба и додава: „Од мене побара повеќе да се активирам во партијата, но и целосна поддршка од задграничните комитети, во кои членуваа мошне моќни луѓе, за да направи ред во партијата“, раскажува Манојил. Во весникот„ Нова Македонија“, беше објавена фотографија и мал текст за средбата во Галичник, каде во полу-шега, беше напишано дека„ Комитите се на висински подготовки“. На пикникот, покрај Љубчо Георгиевски и Манојил Јаковлески, присуствуваа и Александар Флоровски, тогашен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајче Трепски, личен возач на претседателот на партијата, како и гостиварците Делче Ицков, Никола и Иван Куковски, Митре Ќипроски, Јаков Јаковлески, Миле Милошески, Русе Ивановски и авторот на книгава Киро Кипроски. Неколку месеци по средбата во Галичник, на 3 октомври 1995 година, во Скопје, беше извршен атентат врз КироГлигоров, претседател на Република Македонија. Структури на СДБ, средбата ја искористија, како„ доказ “дека дванаесетмината вмровци, кои се сретнаа во Галичник се под сомневање дека наводно таму, во планината, подалеку од јавноста, го договарале атентатот!!! „Поради тоа, сите седуммина гостиварци, кои бевме на галичката средба, одделно бевме повикувани во СДБ-Гостивар и бевме сослушувани од инспектори“, се сеќава Јаков Јаковлески, еден од учесниците на средбата и додава:. „Тоа беше најголема глупост. Наместо да трагаат по организаторите, нарачателите и извршителите, тие се настрвија врз нас. Целта им беше јасна и провидна, да ја дискредитираат партијата ВМРО-ДПМНЕ, која беше популарна меѓу народот. Со полициски методи, владејачката партија СДСМ, сакаше да ни го урне угледот. Претпладнето бев на работа, началникот на СВР Гостивар, телефонски ме повика веднаш да појдам кај него. Во канцеларијата ме чекаа двајца инспектори на СДБ. По краток разговор, се повлековме во нивната канцеларија. Ме понудија да се напиеме по чашка виски (знаеја дека сум мераклија на„ чашка“). Ја одбив понудата, бидејќи сакав да бидам трезен и одговорно да одговорам на чувствителните прашања. Ги интересираше мотивот за средбата во шумата, кај црквата„ Св.Петка“, во околината на Галичник. Прашуваа што сме разговарале и дали говоревме, за подготвување на атентати. Категорично ја одбив провокацијата, дека воопшто не стнало збор за тоа, ниту пак некој помислувал да убива. По неколку часовен разговор, ми дадоа бели листови хартија да напишам изјава. Ја напишав на седум страници и ја потпишав. Ми побараа фотографии од средбата, им реков дека немам“, раскажува Јаков Јаковлески. „Мајскиот еднодневен излет во Галичник и околината, во 1995 година, со Љубчо Георгиевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, со мојот другар од детството Манојил Јаковлески, со пратеникот Александар Флоровски и со моите сопартијци, доживувањата ми останаа во сеќавања и никогаш нема да ми избледат од мојата меморија“, вели Миле Милошевски. „Прекрасно се дружевме, уживавме во недопрената природа на планината Бистра, видовме многу од културното богатство наГаличник, а на пикникот кај црквата „Св.Петка“, оддалечена 6-7 км од Галичник, во уникатен амбиент разговаравме на партиски теми и многу нешта научив од нашиот лидер. Но, по неколку месеци бевме осомничени дека ние сме го кроеле планот за атентат на претседателот Глигоров, далеку од јавноста, во галичката шума. Неколку денови по неуспешниот атентат бев повикан во Службата за државна безбедност во Гостивар. Инспекторите неколку часови ме испрашуваа и покрај тоа што јас и другите учесници на излетот им тврдевме дека ние немаме врска со атентатот, и дека на средбите со претседателот Георгиевски воопшто не зборувавме за организирање на атентати. Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ е сериозна политичка партија, а не терористичка, како што ја замислуваше тогашната владејачка гарнитура“, раскажува Милошевски. Фотографија: Киро Кипроски (продолжува) |