Среда, 30 Октомври 2024   
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (11)

a 2Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (11)

„Крајот на 20-от век, беше мошне бурен. Донесе многу пресврти во политичкото уредување на многу држави во Централна и Источна Европа. Дојде до распаѓање на федерации и до создавање на нови држави, а социјализмот беше заменет со капитализам. Уривањето на Берлинскиот ѕид, на 9 ноември 1989 година, го забрза процесот на обединување на Западна со Источна Германија, што беше официјализирано на 3 октомври 1990 година. Комунизмот падна во Романија, во Чехословачка, во Бугарија, а најтрагичен беше распадот на СФРЈ. Некои од дотогашните федерални единици, самостојноста ја добија со војна. За среќа, Македонија мирно се раздружи од федерацијата. Граѓаните на Македонија, на референдумот одржан на 8 септември 1991 година, изгласаа Македонија да стане независна и суверена држава. Според официјалните податоци, од 1.495.807 гласачи, излегле 1.132.981 или 71,85% од вкупниот број граѓани. За референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308, односно 95,26 проценти.

Како прилог, на новогодишниот број на весникот „Млад Борец“, што се појави на крајот на декември 1989 година, беа објавени Статутот и Програмата на нова партија ДПМНЕ, со најава дека основачкото собрание, треба да се одржи во Скопје, во првата половина на 1990 година. Драган Богдановски, македонскиот дисидент број 1, мигрант во Шведска, беше автор на документите и иницијатор за формирање на десничарска партија во Македонија. Јас (авторот на монографијата) и Јонче Христовски, легендата на македонската народна песна, пред католички Божик (23 декември 1989 г.), пристигнавме во Берлин. Бевме гости на браќата Јаковлески, како и многу други години пред тоа. Списанието „Млад Борец“ со додатокот, им го донесов на Гојко и Манојил. Пријатно се изненадија и се израдуваа, што и во Македонија започнале демократските процеси, што конечно се напушта едноумието. Посебно се израдуваа, кога видоа дека иницијативата за формирање на десничарска партија, ја покренал нивниот неколку децениски пријател и соборец во ДООМ “ – пишува авторот на книгата „Македонија, мојот копнеж - Маноил Мане Јаковлевски“, авторот Киро Кипровски.

Истовремено тој ќе го забележи и сеќавањето на Мане Јаковлевски за неговата прва „политичка љубов“, каде овој македонски патриот вели: „Новото лето Господово 1990, започна со многу неочекувани политички процеси во Европа, а особено во СФРЈ, односно во Македонија. Во февруари, Беше формирано Движењето за се македонска акција МААК, кое беше прва политичка организација, на спроти едно партискиот систем, кој владееше со децении. Веднаш, по формирањето се зачленив во МААК. Партиските документи ги проучив, се совпаѓаа со моите политички определби и тоа беше пресудно да станам член. Имав голема желба, преку МААК, да учествувам во дебатите и во демократска атмосфера, да ги реализирам заложбите и политичките активности, што ги имавме во дијаспората преку ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија), да се избориме Македонија да стане независна, слободна и обединета држава“.

Меѓутоа, по иницијативата на Драган Богдановски за формирање на политичка партија ДПМНЕ во земјата, Мане ја прифаќа понудата и активно се вклучува во целиот процес. За овие историски моменти - почетоците на  формирањето на партијата ВМРО ДПМНЕ, врз основа на кажувањата на Маноил Мане Јаковлевски, но и на низа други искази и документи, авторот кој и самиот е учесник во низа настани од овој период, ќе напише:

„Во април 1990 година, како што ми раскажуваше брат ми Гојко, Драган Богдановски од Шведска, му се јавил на телефон и во подолг разговор, го запознал со идејата во Македонија да се формира политичка партија – ДПМНЕ, за што ги подготвил партиските документи, програмата и статутот, и му понудил да се вклучи. По некој ден, како што впрочем се договориле, Гојко му се јавил на Драган да го извести, дека ја прифаќа понудата и сака да се вклучи во активностите за формирање на партијата. Ветил дека ќе соработува, како што тоа го правел со децении во дијаспората со ОКМ, ДОМ и ДООМ и со издавањето на весникот „Македонска нација“.

Драган Богдановски на почетокот на мај 1990 година, дојде во Берлин. Овој пат, со посебен повод. Во ресторанот „Ново Скопје“, неколку денови водевме мошне сериозни разговори, за иднината на Македонија. Драган нe запозна, со неговата иницијатива за формирање на политичка партија во Македонија. Таа беше негова голема желба и сакаше да ја реализира, заедно со активистите од дијаспорта, кои беа членови на ДООМ, со цел преку новоформираната демократска партија во Македонија, со политички средства да продолжиме да се бориме за самостојна, независна и обединета Македонија. Не само што ме покани да бидам член на партијата, туку побара да се вклучам во подготвките, пред одржувањето на основачкото собрание. Инсистирајќи на тоа, ми говореше: „ Ако ти „војводо“ се вклучиш, ќе успееме и ќе победиме, на првите повеќепартиски избори во Македонија, и ДПМНЕ ќе биде партија за почит“.

По извесни дискусии и размислувања, се согласив, а Драган воодушевен од мојата одлука, ме прегрна. Му реков, дека мора да направиме добра пропаганда, за што се потребни доста средства, кои можеме да ги обезбедиме во дијаспората. Тој ме уверуваше, дека ќе има голем интерес за партијата во Македонија. Во разговорот се вклучи и брат ми Гојко, кој во меѓувреме имаше телефонски разговори, со луѓе од Македонија. Во ресторанот „Ново Скопје“, одржавме консултативен состанок, на кој присуствувавме Драган Богдановски, брат ми Гојко, Стево Доневски-Мајка, Ванчо Механиџиски, новинар во „Нова Македонија“ - Скопје, кој тие денови беше наш гостин и јас. На состанокот, донесовме одлука, да се одржи уште еден состанок во проширен состав, на кој ќе присуствуваат и активисти од Македонија, кои ќе ја водат партијата. По неколку дена, Драган не информира, дека состанокот ќе се одржи во Минхен, на 31 мај, 1 и 2 јуни 1990 година. На состанокот во Минхен присуствуваа: Драган Богдановски, брат ми Гојко, Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски и Владо Транталовски. На оваа средба, беше донесена одлука за формирање на партијата, која ќе го носи името ВМРО-Демократска партија за  македонско национално единство. Потоа, веднаш започнаа подготовките, за одржување на Основачко собрание, кое беше закажано за 17 јуни 1990 година, во Скопје...

СЕ ФОРМИРА ВМРО- ДПМНЕ

„На Основачкото собрание во Скопје, од Берлин допатувавме јас, брат ми Гојко и Стево Доневски-Мајка, а Драган Богдановски не дојде, бидејќи немаше патна исправа. На аеродромот „Петровец“ во Скопје, бевме дочекани од Борис Змејковски, Дијана Транталовска и над стотина активисти. Ние го донесовме знамето, кое беше поставено на бината на основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ. Пред аеродромот, се пееше македонската химна „Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата“. Оттаму, заминавме на дополнителни средби во Скопје. Претходно бевме договорени со Јонче Христовски, да ја испее химната „Изгреј зора на слободата“. Но, пред самиот чин на формирањето на партијата, во салата на Домот на млади „25 Мај“, во последен момент, по сугестија на Јонче Христовски, решивме да ја испее актуелната химна на Македонија „Денес над Македонија се раѓа...“, бидејќи Јонче не го знаеше целиот текст на „Изгреј зора на слободата“. Откако ја испеа химната, во придружба на Зоран Марковски со хармоника, во салата се создаде еуфорична атмосфера. Во говорите на повеќемина присутни, меѓудругото, беше критикувана старата структура на Југословенската народна армија.

На основачкото собрание, присуствуваа над 200 лица. Љубчо Георгиевски, првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, одржа говор, а првиот секретар Борис Змејковски, го прочита прогласот за формирање на партијата. Од името на миграцијата, рефератот го прочита мојот брат Гојко. Основачкото собрание го поздравија: Стојан Ковачев од Париз, Дане Поповски од Чикаго, Душко Дојчиновски од Сиднеј, Јордан Груев од Мелбурн и Панде Мицев од ОМО „Илинден“ од Пиринска Македонија.

По формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, од Скопје заминав во моето родно Зубовце и со моите истомисленици, другари и пријатели, ги започнавме активностите за формирање на Општински комитет на партијата во Гостивар. Во иницијативниот одбор, беа вклучени и лица кои учествуваа на основачкото собрание во Скопје. Првите средби ги одржувавме во мојата кафеана „Солун“. На почетокот бевме десетина луѓе од Зубовце и Гостивар, но за кратко време, по објавувањето на информацијата за основање на Општински комитет на партијата, секојдневно ни се придружуваа симпатизери, чиј број постојано се зголемуваше. Просторијата на вториот кат на кафеаната беше претесна, да ги собере сите заинтересирани. Од спротивната странана „Солун“, се наоѓаше кафеаната „Калеш Анѓа“, во која постојано имаше инспектори на СДБ, кои беа задолжени да ги следат нашите активности и да ги регистрираат лицата, кои влегуваа и ја поддржуваа нашата идеја. Како што дознавме подоцна, на некои активисти им бил вршен притисок, ги заплашувале дека ќе добијаат отказни решенија од работа, ако продолжат да доаѓаат на нашите состаноци. Но, тоа не им помогна да ги поколебаат македонските патриоти.

Гостивар масовно и храбро ја прифати новата партија. Наформирањето на огранокот на ВМРО- ДПМНЕ во Гостивар, дојде највисокото раководство на партијата – претседателот Љупчо Георгиевски, потпретседателот Владимир Голубовски, секретарот Борис Змејковски, како и Драган Богдановски. Дојдоа и повеќе поддржувачи на нашата идеја од Скопје, Тетово, Кичево,Охрид и од други места. Основачкото собрание го одржавме на 18 август 1990 год, во големата сала на Домот на културата „АСНОМ“. За претседател го избравме Младен Србиновски, за потпретседател Делче Ицков, а за секретар Цветан Личоски.

Пред тоа, на 8 или 9 август во канцеларијата на гостиварскиот огранок, во ресторанот „Солун“, дојде Драган Богдановски, кој беше топло поздравен од иницијативниот одбор за формирање на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар. Притоа, Драган им даде интервју на новинарите Владо Мокров и Киро Кипроски за дневниот весник „Нова Македонија“. По ручекот во „Солун“, заедно со Богдановски и членови на Иницијативниот одбор на гостиварскиот огранок, заминавме на митинг во Охрид. Плоштадот беше преполн со народ, имаше околу 10.000 граѓани, кои бурно го поздравија неговиот настап. Во таа прилика Богдановски, меѓу другото, истакна дека единствено ВМРО-ДПМНЕ може од Македонија да создаде самостојна, независна и суверена држава.

Инаку, Манојил Мане Јаковлески ги поддржуваше и учествуваше на сите значајни активности на Партијата, како еден од основачите. Со исклучок не присуствуваше само на 9- от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, што се одржа во Прилеп во 1991 година, додека на сите други конгреси активно учествуваше во работата. На 10-от Конгрес во Кичево, во 1995 година, беше избран во работното претседателство. Активен придонес даваше: на 11-от конгрес во Струмица, во 1999 година; на 12-от во Охрид, во 2003; на 13-от во Штип, во 2007; на 14-от во Битола, во 2011; на 15-от во Куманово, во 2015 и на 16– от конгрес во Валандово, во 2017 година. На повеќето конгрес и имаше забележителни дискусии, за состојбите во дијаспората и во Македонија, како и за иднината на партијата.

Покрај активностите за ширење на вмровската идеја меѓу Македонците во дијаспората, посебно во Берлин и Германија, Манојил се грижеше за омасовување на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Гостивар, за основање на месни комитети во градот и селските средини во поширокиот гостиварски регион. Активностите на гостиварскиот комитет ги помагаше со материјални средства, што беа многу битни за остварувањето на програмските задачи.

Отсуството на иницијаторот и идеолог на партијата Богдановски од основачкото собрание на ВМРО ДПМНЕ, го објаснува Мане Јаковлевски. Врз основа на неговите кажувања, Кипровски ќе напише:

„На основачкото собрание на ВМРО- ДПМНЕ во Скопје, што се одржа на 17 јуни 1990 година, не присуствуваше идеологот, таткото на Партијата, Драган Богдановски. Неговите блиски соработници, сомисленици од дијаспората прашуваа зошто го нема на денот кога се удираа темелите на Партијата, на историскиот ден, кога во Македонија од еднопартизам се мина во плурализам? На ова прашање ни одговори неговиот долгогодишен пријател и верен соработник, Манојил Јаковлески.

„Една година, по излегување од затворот Идризово, во 1988 година, Драган ме замоли да ургираме во УДБ-а, да му дадат патна исправа. Отидовме заедно. Тој ги убедуваше инспекторите, дека за десетина дена ќе се врати назад, ако му дадат пасош. Не му веруваа. Ме прашаа мене, дали ќе гарантирам дека ќе се врати. Да, им потврдив. Така, за ден- два, ја доби патната исправа. Заедно, со авион, пристигнавме во З.Берлин. Во ресторанот „Ново Скопје“ ,само што се раскомотивме и седнавме. Драган од џебот на сакото го извади пасошот и го искина на ситни парчиња, велејќи: „Јас нема да ја носам оваа патна исправа затоа што не е македонска. Брзо ќе дојде денот кога на пасошот ќе биде грбот на Република Македонија. Тој пасош ќе го извадам и со гордост ќе патувам низ светот!“ На Драган му беше мошне тешко, што не можеше да присуствува на Основачкото собрание. Во втората половина на јули 1990 година, успеав со сведоци во Воената мисија на СФРЈ во Берлин, да му извадам патна исправа. Јас и Данка Киселовска, по потекло од Кривогаштани, која беше готвачка во ресторанот „Ново Скопје“, потпишавме изјава, со која тврдевме дека на македонскиот новинар Драган Богдановски, му ја украле истата. Блефот ни успеа, Драган ја доби патната исправа и на почетокот на август 1990 година, заедно долетавме во Скопје“.

(продоложува)

Цела книга: https://drive.google.com/file/d/

 

На прво место

News image

Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија му ги направи најголемите национални предавс

Со партиската игранка од пред некој ден, СДС само потврди дека со неа сè уште раководи Зоран Заев ...

Историја

News image

Балканскиот пакт од 1953

Балканскиот пакт од 1953 година (официјално: Спогодбата за пријателство и соработка) е договор потпи...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО КАИРО – ПРЕСТОЛНИНАТА НА ДРЕВЕН ЕГИПЕТ (9)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

News image

НЕДА ЛОЗАНОВСКА – ПОЗНАТА ПОЕТЕСА ОД ТОРОНТО (29)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.