Историја

МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД (3)

Donski111

Donski111Александар ДОНСКИ

(Посветено на академик Блаже Ристовски)

ФЕЉТОН: МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД (3)

ВОДАЧОТ НА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ БОРИС САРАФОВ ВО СТРАНСКИТЕ МЕДИУМИ ЈАВНО ТВРДЕЛ ДЕКА МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СЕ НИ БУГАРИ НИ СРБИ, ТУКУ ПОСЕБЕН НАРОД

Да го спомнеме и еден од водачите на Илинденското востание, големиот маке­дон­ски револуционер Борис Сара­фов (кој само поради тоа што бил десничар, неправедно беше сатанизиран од некои македонски ис­то­ричари комунисти). Борис Сарафов во 1902 година изјавил:        

„Ние Македонците не сме ни Срби ни Бугари, ами просто Маке­донци. Македон­скиот народ постои независно од бугарскиот и срп­скиот. Ние им сочув­ствуваме и на едните и на другите, и на Буга­рите и на Србите, и којшто ќе го помогне нашето осло­бодување – нему ќе му речеме благодарам, но Бугарите и Србите нека не забо­раваат дека Македонија е само за Македонците!“         

Оваа изјава на Борис Сарафов била дадена за весникот „Балкански Глас­ник“ во бројот од 07.07.1902 година.         

Веќе во 1903 година, т.е. во годината на самото Илинденско вос­та­ние, Сарафов повторно е дециден:          

„Во Србија и во Бугарија се уште не ја сфаќаат огромната важ­ност за автономијата на Македонија и затоа се борат за да дока­жат дека во Македонија живеат Бугари и Срби. Ние Македон­ците не сме ни Бугари ни Ср­би, ние сме само Македонци и ние сака­ме сло­бо­да за нас и за нашата Ма­ке­донија“.          

Оваа изјава Сарафов ја дал за весникот “Штампа” (30.11.1903), а слична ваква изјава била објавена и во софискиот дневник “Мир” (02.12.1903).        

Борис Сарафов давал изјави дека Македонците се посебен народ и за други европски весници (Подетално кај: Блаже Ристовски: Крсте Мисирков…, стр. 808).          

За Борис Сарафов како за македонски (а не бугарски) нацио­нален деец пишувале и странските весници. Така, на пример, авст­рис­ки­от весник „Die Zeit“ за Борис Сарафов и за неговото зала­гање за са­мостојна Македонија со одделна македонска нација, како и за него­вото спротиставување против бугарските и српските интереси во Ма­кедонија, во 1902 година пишува:      

„Сарафов работи на тоа Македонија да добие политичка самос­тојност. Факт е дека постои извесна разлика помеѓу македонскиот дија­лект и јазикот што се зборува во Србија или во Бугарија, по­ради што постои желба дијалеткот на оваа провинција самос­тој­но да се развива. Во таа смисла Сарафов ја даде девизата: Маке­донија на Македонците!… Ако Сарафов сериозно мисли за самос­тојноста на Македонија, ние можеме само да му посакаме среќа во неговите пот­­фати во иднината…Ако тој се залага неговата тат­ковина да добие автономија и ако притоа ги одбива голе­мо­бугар­ските и го­лемосрпските барања, тогаш тој ја заслужува моралната под­дрш­ка од Австро-Унгарија…“           

Францускиот весник „Le Temps“ (30.07.1903) пишува дека Борис Сарафов изјавил дека македонските востаници одлучиле или да ум­рат или да извојуваат слобода. Весникот пишува и дека Борис Са­рафов изјавил дека македонските востаници ќе ја остварат прог­ра­мата “Македонија на Македонците”, независно од Бугарија.           

Дека Сарафов бил далеку најпознатиот тогашен македонски ре­волуционер во Европа, сведочи и написот од истиот француски весник, објавен на 08.08.1903, во кој пишува за почетокот на Илин­ден­ското востание. Овде читаме:        

„Востанието избувнало во Битолскиот вилает, на повик од Борис Сарафов, главниот македонски воен командант и неговите пријатели, од кои ќе наведеме некои досега непознати имиња на не­когашни учители: некој си Дамјан Груев или кратко Дамјан, по­тоа Пере Тошев и Лозанчев“.         

Дури и јапонскиот весник „Осака Мајничи Шимбун“ во бројот од 14 август 1903 година, пишувајќи за Илинденското востание, Борис Сара­фов го опишал како водач на Маке­дон­ците:           

„Повикувајќи се на вестите што доаѓаат од Лондон, воста­нието се  уште се шири, а згора на тоа извршен е и атентат врз рускиот конзул.Востаниците се составени од: Македонци, Бугари и Албанци, додека за најважна личност се смета Борис Сара­фов, кој ги води Македонците. Борис Сара­фов е голем револуционер и сега иднината на Македо­нија зависи од него“.         

Во овој напис мошне значајно е јасното издвојување на Маке­дон­­ците од Бугарите и од Албанците (кои во тоа време имале свој бунт во Косово), а за Сарафов децидно се вели дека ги води токму Ма­ке­донците.         

За Борис Сарафов низ европските весници почнала да се соз­дава слика на фанатичен македонски револуционер, кој е подготвен на се за да ја добие слободата на Македонија. Понекогаш се одело и со претерувања. Како пример за ова ќе го спомнеме написот од фран­цус­­киот весник „L Avenir de la Vienne“ (“Иднината на Вијен”) објавен во бро­јот од  29.08.1903 година. Овде читаме:          

„Водачите на македонското востание изјавија дека имаат намера да ги рашират во Константинопол бакцилите на азиска колера, на чумата и на малите сипаници, да ја затрујат реката Дарлас, која го снабдува градот, со клици на не помалку страшни болести, особено доводот на водата во палатата на султанот. Се вели дека Сарафов и неговите партизани  имаат намера од Конс­тан­тинопол да направат град на ужас, каков што никогаш не е виден. Султанот е избезумен.“          

Да кажеме и дека Сарафов во 1903 година дал изјава  за посеб­носта на македонскиот јазик во однос на српскиот и на бугарскиот.         

Претходно, во 1900 година, Сарафов го финансира излегу­ва­ње­то на драмата „Прилепски светци“ од бугарскиот писател А. Стра­ши­миров, која, со помош на Ѓорче Петров, била напишана на еден ма­ке­донизиран јазик. Целиот тираж од 3.000 примероци на оваа драма бил распродаден за само еден месец.          

Борис Сарафов во истата година финансиски го помогнал и изле­­гу­вањето на познатата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрин­ски, а го организирал и нејзиното изведување во Софија.           

Сарафовиот весник „Деб’р“ во 1905 година бил единствениот весник во Бугарија што смело го најавил излегу­вањето на списанието „Вардар“ на Крсте Мисирков, поради кое Мисирков бил осуден на смрт од бугароманите.           

Како се чувствувале најголемиот број обични востаници и ло­кал­ни војводи штом нив­ниот водач Борис Сарафов јавно изјавувал дека е Македо­нец, а не Бугарин, нека размислат бугарските пропа­гандисти. Надвор од умот е да се тврди дека сите илинденци се чувствувале „Бугари“, а истовремено нивниот водач и идол Борис Сарафов, јавно насекаде да изјавува дека Македонците не се ни Бугари ни Срби, туку посебен народ – Македонци. Исто така ќе треба да одговорат и на прашањето: зошто денешната бугарска историографија не пишува ништо за македон­ските национални пројави на Борис Сарафов (како и на другите илин­ден­ски револуционери)?

99

Изјавата од Борис Сарафов за посебноста на Македонците ја објавил и Димитрија Чуповски на руски јазик.

Продолжува

Најново од: Историја

Александар Трети Македонски освојува голем дел од Мала Азија

Од победата кај Граник до походот кон Киликија: освојувањата, легендата за Гордиевиот јазол и опасната болест што го запрела неговото напредување. Во првата година од војната Александар Македонски постигнал големи успеси. По победата кај Граник, голем дел од Мала Азија, сè до реката Сангар, паднал под негова власт. Персиската флота ги изгубила пристаништата на тој […]

Зошто Македонија низ историјата била делена – и зошто борбата за нејзината историја трае и денес?

Македонија со векови се наоѓала на крстопатот меѓу Истокот и Западот, на простор низ кој минувале војски, трговски патишта, империи и интереси. Но зошто токму Македонија толку долго била предмет на војни, поделби, пропаганди и спротивставени историски претензии? И уште поважно: колку Европа знаела за сето тоа и зошто интересите на големите сили толку често […]

Под каков идентитет се земаа и се иселуваа македонските деца?

Едно од најзначајните прашања со кои се запознав при истражувањето на чедособирството, а на кое не му е дадено соодветно внимание, е разликата во ставовите меѓу славофонските и грчкофоните села во северна Грција. Извештајот на УНСЦОБ известуваше за расположението на селаните во славофонските области и реони: тие, воопшто земено, биле многу подготвени да им дозволат […]

Крушоради, 1902: последната борба на војводата Дине Кљусов

На 28 септември 1902 година, по целодневна борба во Крушоради, Леринско, загинале војводата Дине Кљусов и тројца негови соборци. Нивната чета била предадена и опколена од османлиската војска. Дине Кљусов бил еден од револуционерите што дејствувале во четата на Марко Лерински. Во 1902 година Леринско било погодено од потери, предавства и вооружени судири. Кљусов учествувал […]

Востанието се проширува во Серскиот округ

Илинденското востание не завршило со падот на Крушевската Република. На 27 септември 1903 година, на Крстовден, започнале планираните востанички дејства во Серскиот револуционерен округ. Во летото 1903 година, додека во Битолско веќе се воделе жестоки борби, револуционерите во Серскиот округ се подготвувале за дејствување. На конгресот одржан во Пирин било решено востанието таму да започне […]

Драмското востание во 1941 година: отпор и трагедија во Егејска Македонија

Во ноќта меѓу 28 и 29 септември 1941 година, востаници во Драмско се кренале против бугарската окупациска власт. Востанието траело кратко, но репресалиите што следувале оставиле длабока рана во источниот дел на Егејска Македонија. По окупацијата во 1941 година, населението во Драмско живеело под воена и полициска контрола. Во такви околности бил организиран вооружен отпор, […]

Тајниот македонски комитет – основан 1885 година во Софија

Во втората половина на XIX век, во време кога Македонија била изложена на силни и меѓусебно спротивставени пропаганди, меѓу македонската интелигенција се појавуваат организирани обиди за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и црковната самостојност. Еден од најзначајните такви рани обиди бил Тајниот македонски комитет во Софија. Формирањето на Тајниот македонски комитет Тајниот […]

Владеењето на Александар Македонски со провинциите Лидија и Карија

Историјата на Јонците покажува дека тие постојано го чувствуваа јаремот на туѓинецот како товар. Тие не се караа, туку ја почитуваа слободата како најголем благослов. Записот на Приен од третиот век ни дава благороден израз на оваа идеја кога вели: „Нема поголемо нешто за античкиот грчки човек од слободата“. На прашањето како Александар Македонски ги […]

To top