Историја

Уште нешто интересно за географијата на Македонија

Jus

Jus

Уште нешто интересно за географијата на Македонија

Ви претставуваме уште неколку можеби слабо познати податоци за Република Македонија, главно резултат на сопствени истражувања.

Просечната надморска височина на Република Македонија изнесува 832 метри. Таа се движи помеѓу 44 м кај излезот на реката Вардар од нашата територија и 2753 м (2764 м според постари мерења) на врвот Голем Кораб. Според просечната височина, Македонија е меѓу „највисоките“ држави во Европа. Инаку, вредноста од 832 м е добиена врз основа на просечната височина на десетина милиони рамномерно распоредени точки од дигиталните модели на релјефот на нашата држава (3”SRTM DEM, 1”ASTER GDEM). Најниска пак населба во Македонија е Гевгелија на околу 50 м надморска височина, највисок град е Крушево на 1110 м, а неколку села во долината на Радика се наоѓаат на височина на 1400-1500 м: Горна Белица (1400 м), Галичник (1400 м), Богдево (1450 м), Бродец (1490 м), Кракорница (1500 м) и тие се највисоки населби во Македонија. Инаку, од некои високи точки (врвови) во Република Македонија, може да се видат навистина далечни места. Така, од врвот Љуботен (2498 м) на Шар Планина, Солунска Глава (2540 м) на Јакупица, Пелистер (2601 м), па дури и Лисец (1754 м) на Плачковица, при многу ведро време и чиста атмосфера, можат да се видат врвови и места во соседните држави оддалечени и до 300 км!

Просечната наклонетост на релјефот во Република Македонија изнесува дури 13,8 степени, што претставува исто така една од највисоките вредности за државите во Европа. Вака големиот просечен наклон е поради честа смена на бројни планини, котлини и долини кои обично имаат доста стрмни падини и страни. Вредноста за просечниот наклон исто така е доста реална и утврдена од прецизно калибрираните дигитални модели на релјефот со резолуција од 25, 30 и 90 метри. Апсолутно најголем просечен наклон (над 70 степени) имаат стрмните, речиси вертикални падини на Јакупица јужно од Солунска Глава (2540 м), познати како Нежиловски карпи. Просечно најстрмни планини пак се Кораб, Шар Планина и Пелистер.

Границата на Република Македонија е долга точно 850 км. Границата минува преку 18 планини (од кои 8 високи над 2000 м), 6 котлини и 3 езера и бидејќи е главно планинска, нејзината просечна височина е дури 1295 м. Најголемото растојание на границата во правец исток-запад е помеѓу врвот Ченгино Кале на Малешевски Планини и ридот Кестењар западно од Дебар и изнесува 217 км. Тоа е воедно најголемо линијско растојание меѓу две точки во нашата држава. Најголемото растојание помеѓу северната и јужната граница е од котата Аниште (северно од Крива Паланка) до тромеѓето кај островот Голем Град на Преспанското Езеро и изнесува 202 км.

Најзападна населба во Република Македонија е селото Бомово, 5 км западно од Дебар. Тоа е на 20 ст. 29 мин источно од Гринич. Најисточно пак населено место е с. Старо Коњарево покрај реката Струмица, на самата граница со Република Бугарија. Тоа е на 22 ст. 58 мин. источно од Гринич. Разликата помеѓу овие две населени места е речиси 2 степени и 30 минути. Тоа значи дека Сонцето во с. Бомово ќе изгрее дури 10 минути подоцна отколку во с. Старо Коњарево.

Најсеверна населба во Република Македонија е селото М`гленце (на северната страна на планината Козјак; општина Старо Нагоричане), кое се наоѓа на 42 ст. 20 мин. северна географска широчина. Поради положбата, ова село комуникациски е многу подобро поврзано со Србија отколку со Македонија. Само малку појужна положба од М`гленце има с. Луке кај Крива Паланка. Најјужната пак населба е с. Долно Дупени (општина Ресен) покрај источниот брег на Преспанското Езеро, на 40 ст. 52 мин. северна географска широчина.

jus2Комуникациски најраздалечени два града во Република Македонија се Дебар и Пехчево (314 км), а слично растојание е и помеѓу Дебар и Струмица (310 км), а најоддалечени населби пак се с. Старо Коњарево (општина Ново Село) и с. Спас (општина Дебар) и тоа точно 340 км.

Геометрискиот центар на Република Македонија се наоѓа на 1,3 км северно од с. Долно Врановци (општина Чашка), покрај реката Бабуна. Положбата е добиена како центроид (централна-тежишна точка) на државната граница. Просечното растојание на оваа точка до граничната линија е 87 км.

jus3Освен што е најдолга река низ нашата држава (301 км), Вардар е и најполноводна река со просечен протек кај Гевгелија од 150 м кубни/сек годишно. Меѓутоа, за време на екстремни поплави, протекот може да биде навистина голем. Така, за време на катастрофалната поплава во ноември 1962 година, протекот на Вардар низ Скопје изнесувал дури 1000 м кубни/сек, односно речиси 20 пати над просекот, па плоштадот Македонија бил околу 0,5 м под вода, а делови од градскиот парк и до 1,5 м! Сличен протек реката имала и кај Гевгелија, а вкупните штети од таа поплава низ целата држава изнесувале над 100 милиони долари. Инаку, според историските податоци, поради многу порамномерниот протек, до XVI век Вардар бил пловен од Солун до Велес за поголеми, а до Скопје за помали сплавови со кои се транспортирала најразновидна стока. Всушност, се до XIX век поголеми сплавови пловеле до Гевгелија.

Автор: д-р Ивица Милевски

http://www.igeografija.mk/Portal/

Најново од: Историја

23–24 октомври 1912 година – Кумановската битка

Крајот на османлиската власт не ја исполнил македонската надеж за слобода и сопствена држава На 23 октомври 1912 година, во Кумановско започнала една од решавачките битки во Првата балканска војна. Во дводневниот судир меѓу српската и османлиската војска, завршен на 24 октомври, османлиските сили претрпеле пораз што значително влијаел врз натамошниот тек на воените дејства […]

Зошто треба да си горд Македонец од Беломорска Македонија

Пишува: Новица Арсовски Од борбата кај Д’мбени до зачувувањето на мајчиниот јазик – историја на пожртвуваност, страдање и истрајност Да бидеш Македонец со корени од Беломорска Македонија значи да носиш семејно и историско наследство што поминало низ востанија, војни, преселби и забрани. Во тоа наследство се испреплетуваат имињата на селата, спомените за предците, мајчиниот збор […]

Воздигнување на Александар Трети Македонски во оазата Сива во Египет

Кога Александар Македонски и неговата придружба најпосле пристигнаа до оазата Сива, беа изненадени од големите и необични стебла на урми и маслинки и од богатството со вода од многубројни извори и езера. Храмот на пророштвото беше во тврдината наречена Агхурми. Денес можат да се најдат остатоците на храмот надградени со модерни куќи, па не може […]

21 октомври 1943 година – (Фотограифи) Издеглавје – Дебрца го отвори патот кон македонската црковна самостојност

На патот кон признавање и осамостојување на Македонската православна црква-ОА Во виорот на Втората светска војна, на слободната територија во Дебрца, македонското свештенство ја потврдило својата определба да биде со народот – во борбата за слобода, за сопствен црковен живот и за духовно достоинство. На 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, во куќата на […]

На 13 октомври 1993 Македонија го одигра својот прв меѓудржавен фудбалски натпревар

На 13 октомври 1993 година, во словенечкиот град Крањ, започна меѓународниот пат на фудбалската репрезентација на самостојна Република Македонија. Во пријателски натпревар против Словенија, македонските фудбалери остварија убедлива победа од 4:1 и го претворија своето деби во ден за паметење. Првиот гол го постигна Зоран Бошковски – Чоко, чие име засекогаш остана запишано на почетокот […]

„Гласот на Москва“ во 1914 година: Македонец и Бугарин се различни поими, а стремежот е обединета и независна Македонија

Во статијата „Македонија“, Н. Николаев ги разгледува балканските спротивставувања и се залага за обединета и независна Македонија како праведно и трајно решение на македонското прашање. Превземено од: Macedonia: A True Endless Story Во рускиот весник „Гласот на Москва“ („Голос Москвы“), број 237 од 15 октомври 1914 година, е објавена статијата „Македонија“, потпишана од Н. Николаев. […]

Берлинскиот конгрес од 1878 година – прекројување на Балканот без решение за Македонија

Големите сили го ревидирале Санстефанскиот договор и воспоставиле нова политичка рамнотежа на Балканот. Македонија останала под османлиска власт, со предвидени реформи што не ѝ обезбедиле политичка самостојност. Берлинскиот конгрес се одржал од 13 јуни до 13 јули 1878 година, под претседателство на германскиот канцелар Ото фон Бизмарк. На него учествувале претставници на Германија, Австро-Унгарија, Русија, […]

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ И АЛЕКСАНДРИЈА

Со основањето на Александрија во 331 година пред нашата ера, Александар Македонски ги поставил темелите на град што ќе стане едно од најзначајните трговски, културни и научни средишта на античкиот свет. Неговата визија ги поврзала природните богатства на Египет со поморските патишта на Средоземјето. Основањето на Александрија било еден од најдалекосежните потези на Александар Македонски. […]

To top