Среда, 08 Ноември 2023   
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „Во тајниот затвор на СДБ“ (4)

Dragan Bogdanovski 1

Драган Богдановски по киднапирањето во Париз и префрлањето во Југославија бил пренесен со авион на ЈНА од Љубљана во Скопје. Но наместо во скопски затвор, припадниците на тогашната југословенска Управа за државна безбедност, позната како УДБА, го однеле надвор од Скопје, во таен затвор на СДБ. Со проверени методи, закани по неговиот живот, припадниците на УДБА се обидувале да го заплашат и да изнудат признавње дека соработувал со странските полиции и разузнавачки служби, дека се кае и дека „сам и по своја лична волја си се вратил во Југославија затоа што си согледал дека политичката дејност што си ја развивал во емиграцијата била на штета на македонските национални интереси.“  Во својот дневник, тој го опишува доаѓањето, престојот и заканите со кои се соочувал во тајниот затвор на СДБ. За почетоците поминати во овој затвор најпознатиот македонски политички дисидент вели: 

„Ангажиран во овој предизвикан разговор, не осетив колку брзо ми мина времето од неполн час со брзиот млазен авион до Скопје. Авионот се спушти на скопскиот аеродром Петровец и застана на отворена писта, оддалечена едно 200 до 300 метри од аеродромската зграда. Јас бев на скалата за слегнување кога видов како неколку џипови со милиција и цивилни агенти се доближија до авионот. На земјата бев опколен од 20тина милиционери во униформа, со нив беа и тројца цивили, од кои двајцата веќе ги познавав зашто беа учесници во моето киднапирање во станот на Ѓорѓи Јовановиќ, тоа беа Анче Гогов и Димитар Николовски, третиот, еден висок човек на свои 60 години со лузна на лицето, подоцна научив дека се вика Аганијан, скопјанец со ерменско потекло, кој тогаш беше потсекретар за внатрешни работи на Македонија, началник на Службата за јавна безбедност т.е. командант на македонската милиција.

... Ме качија во најголемиот џип, тоа беше еден англиски “Ландровер“. Со мене на задното седиште од двете страни Гогов и Аганијан, возеше еден милиционер, а до него на предното седиште седеше милиционер со машинска пушка во рацете. Кога седнав во џипот со црна крпа ми ги врзаа очите да не гледам, зашто “Ландроверот“ имаше летна каросерија од мушама па од него можеше да се гледа надвор, но однадвор мене внатре никој не можеше да ме види. Џипот крена. Си мислев дека ме возат во затвор во Скопје... Меѓутоа, џипот продолжуваше да вози и по моето проценување на изминатото време и дистанцата одамна требаше да стигневме во некој затвор во Скопје. Бучавата од градскиот сообраќај одамна престана да се слуша и за мене стана јасно дека се наоѓаме некаде на отворен пат надвор од Скопје. Се прашував себеси каде ли ме носат? Кога по моето слободно проценување измина скоро два часа возење, и кога џипот скршна од рамниот асфалтиран пат и почна да труска по некој макадам, полн со нерамнини и камења, заклучив дека ме возат во некоја “пустелија“... Тогаш не издржав и прашав: “Каде ме носите бре луѓе, во Бугарија ли?“. “Зошто да те носиме во Бугарија?“ – ме праша Анче Гогов. – “Затоа што ваков нерамен пат има само на Пирин Планина“ – реков. – Ти да га јебу бре земљак, играш си курташак с’с нас!“ ми рече на чист кумановски дијалект Аганијан. Подоцна разбрав дека тој не бил никаков кумановец, туку неколку години бил шеф на СДБ во Куманово и таму го научил кумановскиот дијалект.

... На крајот џипот застана и Анче Гогов рече дека сме стигнале. Очекував дека ќе ми ги одврзат очите. Меѓутоа како некој слепец ме фатија за обете страни под мишките и ме слегоа од џипот. Потоа ме поведоа да се искачувам по некоја скала. Внатре во претсобјето на една куќа, ми ги одврзаа очите и ги скинаа белезниците од рацете. На сите прозорци на куќата беа спуштени црни пердиња, така да ништо не можев да видам надвор. За мене беше тотална мистерија каде се наоѓам. По една внатрешна дрвена скала ме слегнаа во потонот или визбата на куќата. Потонот беше од бетонска конструкција и од коридорот можев да ги видам четирите железни врати, со рендиња железни за затворање и со шпионки. Веднаш заклучив дека се наоѓам во некој таен мал затвор на СДБ. Ќелијата беше долга можеби едно четири метри, а широка два метра. Дел од ќелијата беше преграден за клозет, имаше шоља за седење и туш за бањање. Клозетот немаше врата. Во овој подземен бункер остана цели 18 месеци. Го напуштав само кога ме изведуваа на катот во вилата на сослушување или кога ме носеа на сослушување во Скопје со хеликоптер.

Во бункерската келија од мебел имаше само еден кревет и еден ќум. Во ќелијата влезе Агонијан седна на креветот до мене и ми рече: “Да се погодиме ние двајцата! Јас сум одговорен за твоето обезбедување. Ќе ти кажам и кој сум, јас сум командант на македонската полиција се викам Аганијан. Ти треба да се помириш со дициплината која ти се наметнува. Таа дициплина не сме ја измислиле ние македонските полицајци, таа е преписана од сојузните органи. Кога навечер ќе легнеш да спиеш, за десната рака и за десната нога со синџир ќе бидуваш врзуван за ногарка од креветот. Наутро на станувањето ќе бидеш одврзан. Дење и ноќе во твојата ќелија ќе свети електрична светилка, дење и ноќе до твојот кревет ќе седат по тројца милиционери, кои ќе се сменуваат на секои три часа. Со милиционерите не смееш да зборуваш, освен кога нешто сакаш да порачаш на иследниците или да побараш нешто. За тебе ќе биде подобро веднаш да се помириш со ваквата дициплина“. – “Во ваши раце сум, правете што сакате со мене“ беше мојот одговор.

Аганијан си излезе а тројца милиционери седнаа на столиците. Јас почнав да се соблекувам за спиење, ме врза со синџири за десната рака и десната нога. Бев толку уморен што првата вечер не почувствував дека спијам врзан со синџири.

Утредента во седум часот изутрината ме пробуди стражарската смена, ми ги одврза синџирите од раката и ногата и ми даде прибор за бричење – паста за бричење, четка, огледало и бричиња “БИК“ со пластична дршка, направена за една употреба... Кога се избричив, милиционерите ми дадоа нов долен веш и кошула да се пресвлечам и ми кажаа дека еднаш неделно ќе се пресвлекувам нечистиот веш тие ќе го носеле в град да се пере... По пресвлекувањето за првпат погледнав надвор низ единствениот прозорец на мојата келија.

Прозорецот стоеше високо како мала дупка во ѕидот но благодарение на мојата височина од 190 см. стоејќи можев да ја видам околината која го опкружуваше од едната страна на мојот таен затвор. На прозорецот имаше дебели железни решетки дебелина на човечка рака кај глуждот...

Веднаш зад прозорецот надвор се простираше мала зелена рамнина не поголема од еден декар, која во ова годишно доба беше обраснато во густа трева прошарена со најразлични и најразнобојни горски свеќина. Рамнината личеше на мала планинска или горска ливада. Шумата пречеше да видам што има понатаму во хоризонтот. Подоцна разбрав дека прозорецот беше свртен на западната страна од вилата-затвор, зошто на таа страна сонцето зајдуваше.

... Околу десет часот се слушна брмчење на мотор. Погледнав низ прозорецот и видов на зелената рамнинка пред прозорецот како се спушта еден хеликоптер на чиј труп можев да прочитам “Милиција“. Од хеликоптерот покрај пилотот кој беше во офицерска униформа, слегна со акт-ташни во рацете двајца цивили, еден постар човек со сребрена коса на 60-тина годишна возраст, по моето проценување, и еден помлад, на 40-тина години, црномурен човек. Милиционерите ги поздравија по војнички со станување мирно. По начинот по кој ги поздравија заклучив дека се работи за некои полициски големци. И подоцна разбрав дека постариот човек бил Тошо Шкатров, а помладиот Мирко Буневски, секретар (министер) за внатрешните работи на Македонија, родум од село Ѓавато, Битолско. Седнаа на столиците на кои тогаш седеа моите стражари....

... Ние дојдовме денеска кај тебе да ти пружиме прилика да си ја олесниш положбата во кој се наоѓаш – ми рече министерот Буневски и не чекајќи некаков одговор од мене продолжи: Ти ќе си ја олесниш многу положбата ако седнеш и напишеш една покајничка изјава дека сам и по твоја лична волја си се вратил во Југославија затоа што си согледал дека политичката дејност што си ја развивал во емиграцијата била на штета на македонските национални интереси. Ти си мајстор тоа сам да го формулираш. Една ваква изјава многу ќе ти ја олесни пред судот, зошто судиите ќе мислат дека ти навистина си се вратил сам.

- Не мислам да ги заведувам во заблуда моите судии, а освен тоа тие нема да бидат толкави глупаци па да веруваат на една ваква лага – одговорив. Јас не се кајам заради мојата политичка дејност и таа политичка дејност ќе ја бранам пред судот како вистинска македонска национална политика. Не се плашам од казната што ќе ми ја изрече судот.

- Ние можеме да ти пресудиме и без суд, кој ќе не види кога ќе те закопаме во оваа планина? Никој! -рече Шкатров.

- Ако не ја напишеш изјавата што ти ја бараме, ти самиот си ја клаваш јамката на вратот – рече министерот Буневски. Но ти размисли убаво, сега имаш време за размислување колку сакаш. Ќе наредам на милиционерите да ти донесат хартија за пишување и хемиски писалки.

- Џабе ќе ми испратите хартија и хемиски писалки, таква гнасотија не пишувам па кога би ми ги исекле и двете раце – одговорив.

- Хартијата и хемиските ќе ти требаат, за тоа што ти ќе имаш многу за пишување, - рече Шкатров. – Сега ќе пишуваш за нас. Ќе ни пишуваш за твојот живот од денот кога си се родил па се до денеска. Ќе пишуваш за твоите пријатели и соработници, за твоите врски со странските полиции и разузнавачки служби и друго. Од тебе бараме потполно и детална писмена исповед. Од утре ќе почнеме и со сослушувањата. Подготвен ли си да одговориш на нашите прашања.

- Мора да е подготвен инаку кој го прашува – рече Буневски. При УДБА и каменот зборува! Ние имаме проверени методи како да извлечеме признавања и од најкоравите непријатели.

Си излегоа од келијата како што дојдоа: со војнички поздрав од милиционерите.

Седнав на креветот и размислував зошто беа кај мене двајцата први луѓе на СДБ на Македонија. Дали дојдоа за писмената изјава што ја бараа од мене или пак повеќе да ме заплашат со нивните методи кои го натеруваат и каменот да прозбори! Заклучив дека дошле и за едното и за другото.

... По пладнето во мојата келија дојде командирот на милицијата и со себе доведе едно полициско куче од расата германски овчар. Ми нареди да стојам  мирно зашто кучето треба да ме душне. По командата на командирот, кучето навистина ме душна, па дури и ми се испули заканувачки. Заклучив дека намерата со ова душкање е да не случајно побегнам, кучето да ми ја познава миризбата и по неа да ме пронајде. “Си реков во себе: дека удбашите нема да ме испуштат од своите канџи, кога си даваат толку маки да ме држат нивен заточеник и роб“.

Утредента кога ме изведоа на катот на куќата на сослушувањето, од прозорец можев да го видам кучето врзано со синџир пред куќата а до него милиционер со машинска пушка. Иако во мојата келија ме чуваа тројца милиционери, надвор пред куќата деноноќно стоеше стражар со машинска пушка. Исто и полициското куче деноноќно беше на стража. Милиционерите во мојата келија не беа вооружени, во секој случај јас не видов оружје.

За сите оние 18 месеци што ги поминав во бункерскиот затвор, и удбашите и милиционерите, правеа се да ме доведат до лажна претстава во врска со географското лоцирање на местото односно планината на која се наоѓаше тајниот удбашки затвор. Тие ми зборуваа дека се наоѓам под самиот врв на Пелистер планина и пред мене намерно зборуваа кога требаше нешто да се набави од градот, дека тоа го набавувале од Битола. Меѓутоа знаев дека ме лажат..“

1Tihomir Подготвил: Т.К.

(продолжува)

 

На прво место

News image

Славјанка Петровска да каже дали луксузната хациенда е уште нејзина или ги крие парите од продажба

Според катастарските снимки во моментот кога Петровска вели дека го продала земјиштето, таму била ...

Историја

News image

Св. Давид цар Македонски, братот на Самоил

„На 13 јануари 1833 година во пожар настрадал манастирот Св. Јован Рилски. Монасите започнале негова...

Иселеници

News image

УЧЕСТВО НА АНСАМБЛОТ „ТОМОВ“ НА ИЛИНДЕНСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО БИТОЛА (35)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“  НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.