Историја

ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „ Првото сослушување во тајниот затвор на СДБ“ (6)

Dragan Bogdanovski 1
????????????????????????????????????

                                  Dragan Bogdanovski 1

                                     ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ

Набрзо по киднапирањето во јуни 1977 година и префрлањето на Драган Богдановски, раководител на ДООМ, од Париз во тајниот затвор на СДБ во близина на Македонски брод, започна неговото испрашување.

Во овој затвор Богдановски поминал 18 месеци, пред да биде префрлен во затворот Идризово. Во својот дневник тој говори за тортурата и навредите на кои бил изложен додека бил испрашуван. Опишувајќи го првиот ден на сослушувањето, Богдановски ќе го забележи следното:

„Бидејќи удбашките началници салонот на катот или дневната соба ја викаа “ловџиска“ соба така за натаму и јас ќе ја викам ова просторија во која поголемиот дел од мојата полициска истрага мина, во која многупати бев тортуриран и навредуван. На првото сослушување во ловџиската соба ме чекаа тројца началници на СДБ, двајца од старата гарда на Александар Ранковиќ Шкатров и Гогов, и еден помлад од новата титовистичка интелектуална генерација Никола Илиевски. Тие седеа кај големата маса, пред себе имаа снопчиња некакви документи и чиста хартија за пишување.

Кога милиционерите ме доведоа во ловџиската соба, удбашките началници уште пиеја кафе.

Ми  наредија да седнам на столица спротив нив од другата страна…Неколку минути потоа удбашкото кафе беше пред мене, кога Шкатров рече:

– Најпрвин сакаме од тебе да слушнеме зошто во 1951 година избега преку граница.

– Тогаш бев млад, немав полни 22 години, а по причини кои ви се познати на вас јас бев исклучен од сите универзитети и високи школи на Југославија. Имав страсна желба да си го продолжам образованието за кое ми беа одземени сите услови во Југославија. Но искрено да ви кажам избегав и од вашиот комунистички режим, кој по моето интимно сфаќање е тоталитарен режим, кој не почитува никакви човечки слободи и е длабоко антидемократичен.

Ти како студент на Агрономскиот факултет во Земун на Белградскиот универзитет си бил осуден за кражба на писачка машина од факултетот и како криминалец си исклучен од Универзитетот.

– Барем вие македонските удбаши треба да ја знаете правата вистина и да не верувате во таа лага. Во учебната 1949/1950 година јас поминав шест месеци во затвор под истрага во зградата на УДБА за Србија на Обелиќев венец во Белград, а вие добро знаете дека во истражниот затвор на УДБА не затвораат криминалци, туку луѓе кои се под сомневање за некоја политичка антидржавна или антирежимска дејност. По шестмесечниот истражен затвор во УДБа за Србија на мене ми беше врачено “судско“ решение или пресуда дека сум осудуван на шест месеци затвор значи за времето што сум го издржал во затвор без да бидам изведен пред суд, без да имам било каква одбрана. Значи пресудата ми беше донесена во мое отсуство, само и само да ме искомпромитира како криминалец. Во истата пресуда беше донесено и решение дека губам право на студирање на сите универзитети и високи училишта во  Југославија. Писачката машина од факултетот ја открадна еден друг Македонец студент, кој подоцна стана шпион на УДБа. Тоа беше Никола Драмски од Струмица, а ја открадна божем за пишување на летки, по повод Илинден 1949 година. Летките никогаш не се појавија а машината беше вратена на факултетот. Тоа покажува дека Драмски бил провокатор од УДБа и тогаш. Просто јас бев жртва на режимот т.е. на УДБа за Србија.

Зарем мораше поради тоа да бегаш преку граница? – рече Шкатров– Тогаш времето беше такво, велат нашата земја се наоѓаше под ударите на Инфобирото. Во она време покрај сувото гореше и суровото. Многумина невини граѓани поминаа години а не само шест месеци како тебе на Голи Оток, па кога беа ослободени од затворот станаа лојални и чесни граѓани на својата земја. Некои од нив направија и големи кариери.

Се сеќаваш ли од кој белградски суд ти било доставена пресудата за украдената писачка машина? – ме праша Никола Илиевски. – Ние баравме во архивите на белградските судови но таква пресуда не најдовме.

– Веројатно таа и не била никаде регистрирана – одговорив јас зашто како што реков јас не бев излезен пред суд. Можеби сум бил пресуден административно од УДБа само да се даде некаква легалност за шесте месеци затвор што ги одлежав невин од УДБа на Србија.

-Таа работа сега не е толку важна – рече Анче Гогов – зашто тепаниот си останува тепан, а ебаниот ебан. Било па поминало! Ти сега си под истрага и ќе одговараш за докажани дела од политички криминал.

– Само во управничкиот речник на Југославија постои изразот “политички криминал“ – одговорив. Во правните системи на демократските земји делата од криминална природа наполно се одделени од делата од политичка природа. Впрочем во држави никој не бива обвинуван и осудувам за дела од политичка природа зашто слободата на говорот, на политичкото убедување и организирање е заштитена со самиот правен систем.

– Сакаш да кажеш дека Југославија е полициска држава а не правна – рече налутено Шкатров – Внимавај што зборуваш зашто ќе станам ќе те згазам како некоја пачарва!

– Вие ме наведовте на овој разговор а јас само ви кажав што мислам по овој правен проблем – одговорив.

– Ти како уште да не знаеш каде и пред кого се наоѓаш! – рече Анче Гогов. Ние луѓето од УДБА на Македонија сме сега твоите иследници и твоите судии, твојот живот стои во наште раце. Од тебе самиот зависи дали ќе си ја сочуваш главата или ќе бидеш нечујно и незнајно закопан во некој дол на оваа планина.

– Ако бидам закопан во планинава како што ми се заканувате, тоа нема да биде првиот случај во македонската историја – реков. Меѓу двете војни ванчомихајловистите во Софија по сред бел ден го киднапираа Симеон Кавракиров, членот на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) и во автомобил го однесоа на Пирин Планина, каде го мачеа и садистички се изживејуваа врз него цели две години, а потоа го убија и го закопаа во незнаен гроб во осоите на Пирин Планина. Со мене македонската историја само ќе се повтори.

– И по цената на твојот живот сакаш да влезеш во македонската историја – рече Никола Илиевски.

– Јас не сакам на тој начин да влезам во македонската историја но вие ако во историјата сакате да останете како братоубијци, тогаш убијте ме, нека ви се исполни таа желба!

…Замолкнав. Еден миг молчеа и тројцата удбаши, потоа проговори Илиевски.

– Вчера си добил хартија и хемиски. Сега ќе те вратиме во твојата келија да пишуваш. До вечера бараме од тебе да го опишеш твојот шестомесечен престој во Грција. Ние имаме некакви податоци дека уште во логорот Лаврион си бил мошне политички активен, си се среќавал и соработувал со многу лица од Вардарска и Пиринска Македонија. Знаеме дека во логорот си се дружел со ванчомихајловистите, со кои подоцна политички си се разишол. Ванчомихајловистите се фалат дека тие ти помогнале да излезеш од Грција, ако тие не биле ќе си скапел по грчките острови. Напиши што има вистина во ова нивно тврдење. Пишувај опширно и детално. Не жали хартија. Напишаниот материјал дај го на милиционерите кога тие ти донесат вечера, ние по вечерата ќе го разгледаме, па утре по појадокот пак ќе се видиме и ако има нешто што си заборавил да напишеш, ние ќе те потсетиме.

– Кога вие знаете се, зошто ме терате да пишувам? – ги прашав удбашите.

– Сакаме во нашата архива да ги имаме и твоите лични кажувања по тие прашања – одговори Никола Илиевски.

Ме вратија во мојата келија, седнав на креветот и почнав да пишувам на колена. Немав зошто да не пишувам, бидејќи решив да ја пишувам вистината, нека остане некаква трага од неа барем во полициските архиви – си реков.

Пишувањето одеше мачно на колената, и некој од удбашките иследници, љубопитен да види дали ќе започнам со пишувањето, тоа го видел однадвор од прозорецот, па по еден милиционер донесе во келијата една мала масичка, која од тој ден ми служеше и за пишување и за јадење. “

(продолжува)

1Tihomir Подготвил Т.К.

Најново од: Историја

23–24 октомври 1912 година – Кумановската битка

Крајот на османлиската власт не ја исполнил македонската надеж за слобода и сопствена држава На 23 октомври 1912 година, во Кумановско започнала една од решавачките битки во Првата балканска војна. Во дводневниот судир меѓу српската и османлиската војска, завршен на 24 октомври, османлиските сили претрпеле пораз што значително влијаел врз натамошниот тек на воените дејства […]

Зошто треба да си горд Македонец од Беломорска Македонија

Пишува: Новица Арсовски Од борбата кај Д’мбени до зачувувањето на мајчиниот јазик – историја на пожртвуваност, страдање и истрајност Да бидеш Македонец со корени од Беломорска Македонија значи да носиш семејно и историско наследство што поминало низ востанија, војни, преселби и забрани. Во тоа наследство се испреплетуваат имињата на селата, спомените за предците, мајчиниот збор […]

Воздигнување на Александар Трети Македонски во оазата Сива во Египет

Кога Александар Македонски и неговата придружба најпосле пристигнаа до оазата Сива, беа изненадени од големите и необични стебла на урми и маслинки и од богатството со вода од многубројни извори и езера. Храмот на пророштвото беше во тврдината наречена Агхурми. Денес можат да се најдат остатоците на храмот надградени со модерни куќи, па не може […]

21 октомври 1943 година – (Фотограифи) Издеглавје – Дебрца го отвори патот кон македонската црковна самостојност

На патот кон признавање и осамостојување на Македонската православна црква-ОА Во виорот на Втората светска војна, на слободната територија во Дебрца, македонското свештенство ја потврдило својата определба да биде со народот – во борбата за слобода, за сопствен црковен живот и за духовно достоинство. На 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, во куќата на […]

На 13 октомври 1993 Македонија го одигра својот прв меѓудржавен фудбалски натпревар

На 13 октомври 1993 година, во словенечкиот град Крањ, започна меѓународниот пат на фудбалската репрезентација на самостојна Република Македонија. Во пријателски натпревар против Словенија, македонските фудбалери остварија убедлива победа од 4:1 и го претворија своето деби во ден за паметење. Првиот гол го постигна Зоран Бошковски – Чоко, чие име засекогаш остана запишано на почетокот […]

„Гласот на Москва“ во 1914 година: Македонец и Бугарин се различни поими, а стремежот е обединета и независна Македонија

Во статијата „Македонија“, Н. Николаев ги разгледува балканските спротивставувања и се залага за обединета и независна Македонија како праведно и трајно решение на македонското прашање. Превземено од: Macedonia: A True Endless Story Во рускиот весник „Гласот на Москва“ („Голос Москвы“), број 237 од 15 октомври 1914 година, е објавена статијата „Македонија“, потпишана од Н. Николаев. […]

Берлинскиот конгрес од 1878 година – прекројување на Балканот без решение за Македонија

Големите сили го ревидирале Санстефанскиот договор и воспоставиле нова политичка рамнотежа на Балканот. Македонија останала под османлиска власт, со предвидени реформи што не ѝ обезбедиле политичка самостојност. Берлинскиот конгрес се одржал од 13 јуни до 13 јули 1878 година, под претседателство на германскиот канцелар Ото фон Бизмарк. На него учествувале претставници на Германија, Австро-Унгарија, Русија, […]

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ И АЛЕКСАНДРИЈА

Со основањето на Александрија во 331 година пред нашата ера, Александар Македонски ги поставил темелите на град што ќе стане едно од најзначајните трговски, културни и научни средишта на античкиот свет. Неговата визија ги поврзала природните богатства на Египет со поморските патишта на Средоземјето. Основањето на Александрија било еден од најдалекосежните потези на Александар Македонски. […]

To top