Среда, 06 Март 2024   
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „Секој Македонец кој се откаже од идејата за самостојна и обединета Македонија тој ќе влезе во историјата како национален предавник“ (21)

1fon6

Еден ден по излетот во Охрид, иследниците на СДБ побарале од Драган Богдановски да напише карактеристики за повеќе од 350 Македонци за кои знаеле дека тој лично контактирал или се допишувал. Тие сакале да знаат меѓудругото: кога со нив се запознал или кога почнал да се допишува; на чија иницијатива дошло до контактите и колку време траеле тие контакти или соработката; причини ако соработката била прикината; нивните мислења за македонското национално прашање; за нивниот однос кон Титова Југославија и т.н.

Драган Богдановски на ова работел со извесни прекини цели шест месеци. Луѓето за кои пишувал, како што ќе наведе во својот дневник, сите ги преставувал како приврзаници на идејата за обединета Македонија. Откако завршил со ова, иследниците побарале од него да ги опише своите врски со српската, хрватската, бугарската и албанската емиграција. Односно побарале прво да напише за своите врски што ги имал со српските организации и со поедини српски емигранти, како и за судири со нив. Драган Богдановски во својот дневник за своите врски и судири со српските организациии во својот дневник пишува:

„ - Мојот прв контакт со српската емиграција претставуваше воедно и мојот прв судир со големосрпската четничка политика – пишував. До тој судир дојде уште во 1951 година во логорот Лаврион, во Грција во ова време постоеше српска кралска и четничка организација, чиј главен експонент беше стариот предвоенак македонски предавник Мијалче Караматлијата од Штип, кој беше истовремено и човек на грчката разузнувачка служба. По моето пристигање во логорот Лаврион, еден ден бев извикан во канцеларијата на грчката политичка полиција во Лаврион, и бев воведен во една канцеларија, каде крај писачка маса седеше еден елегантно облечен господин на свои шеесетина години. Ми се престави на српски јазик како Михајло Караматијевиќ, бивш кралски сенатор од Штип. Сега преставник на кралот Петар втори за Грција. Ми рече дека во грчката ги видел моите документи, видел декан сум од Кумановско, и бидејќи бил убеден дека Кумановците по традиција биле српски ориентирани, дошол да ме запознае и да зборува како “Србин со Србин“. Имав силна желба да му ја кажам вистината дека мојот дедо и мојот татко во големосрпска Југославија пред војната беа прогонувани и мачени како “бугараши“, како вистински македонски патриоти и дека мојот Кумановски крај стана гробница за српското четничко движење на Дража Михајловиќ во текот на војната, дека кумановците со своето масовно учество во македонските партизани ја создаваа македонската национална историја, умираа за македонската национална историја, умираа за македонската национална слобода, но знаев дека имам работа со еден стар македонски предавник и не сакав да му противречам. Му реков само додека сум во Грција не се впуштам во никаква политика за да не страда моето семејство во Југославија. Нека ми помогне да излезам што побргу од Грција, па после ќе можам политички да се ангажирам за “Српската ствар“. Од Грција најубаво може да се работи за “Српската ствар“ – рече Караматијевиќ, остани, јас ќе те извадам од логорот и ќе ти извадам стипендија да студираш на Атинскиот или на Солунскиот универзитет. Му заблагодарив, но одбив. Но изгледа дека ме прочитал Караматијевиќ, повеќе не се обиде да ме врбува.

И во логорот Лаврион постоеше српска кралска организација, за смеа нејзиниот претседател беше Македонецот Глигор Србиновски – Џајко од селото Љубојно, кој пред војната бил претседател на српската општина во Љубојно. Еден есенски ден, враќајќи се од плажата во логорот, видов Џајко со своите луѓе како на некои робијаши дели по кесе грозје. Минувајќи покрај масата на која стоеше грозјето Џајко ми довикна: “Драгане дојди да ти дадам грозје, денеска е празник“. Каков празник? – го прашав. Роден ден на крал Петар, одговори Џајко. – Што зар кралот Петар умрел, ќе земам грозје само ако умрел – реков. – Ќе видиш за ова што го рече – ми се закани Џајко.

До втор судир со српската емиграција во време на моето студирање во Париз. Видни претставители на српската емиграција во тоа време во Париз беа бившиот претседател на југословенската кралска влада Драгиша Цветковиќ и претседателот на Српската социјалистичка партија Живко Топаловиќ. Еден ден го сретнав мојот хрватски пријател д-р Анте Цилига, кој тогаш беше во Управата на Хрватскиот работнички сојуз за Франција и ми рече дека некој ден ќе се одржала во Парис конференција на емиграцијата од Југославија на која требало да се избере нов Социјален одбор чија задача ќе биде да дели пари на емигрантите кои се наоѓаат во социјална мизерија. Француската влада секоја година доделувала извесна сума пари за таа цел и Француските органи барале во тој Социјален одбор да бидат застапени сите нации од Југославија. Меѓутоа, српските политичари во Париз не сакале да ја признаат македонската нација, т.е. не сакале во одборот да имаат Македонски преставници. Хрватите се спротивставиле на овој големосрпски став и преку д-р Цилига побараа од мене на конференцијата да одведам што поголема група Македонци и како претставници на македонската емиграција да бараме рамноправен третман со емигрантите од другите нации. На брзина ги мобилизирав Македонците во Париз, им кажав за што се работи и како да истапат на конференцијата. На конференцијата претседаваше Живко Топаловиќ, а кога д-р Цилига рече дека во салата има над дваесетина Македонци, кои бараат да се почитува националниот принцип и да бидат застапени во Одборот, Топаловиќ стана и почна да зборува дека Србите никогаш нема да ја признат македонската нација, дека за нив Македонците се Јужни Срби, и ако треба Србите ќе се откажат да се ползуваат од парите на фондот, но нема на Македонците да им ја признат националноста. Тогаш за збор се јавив јас и реков: дека во правилата на француската влада јасно стои дека во Социјалниот одбор треба да бидат застапени сите националности на Југославија, а бидејќи Франција ја признава денешна Југославија, таа го признава и нејзиното внатрешно решение на националното прашање, т.е. ја признава македонската нација. Господинот Живко Топаловиќ. Како предвоен големосрпски политичар ништо не научил од историјата, затоа сака да ја негира и денешната фактичка положба. Но големосрпската политика на г-д Топаловиќ е надживеана работа, благодарение на слепотата на таквата политика комунистите ја заграбија власта во Југославија. На нас Македонците во Париз не ни е станало до парите што ќе се делат, туку до националната чест и националното признавање. Хрватите, Македонците и Словенците ме поздравија со аплаузи, потоа стана д-р Цилига и ја зеде во заштита македонската национална кауза. Настана врева и караница во салата, но на крајот Србите не можеа ништо да сторат против множеството. Во заедничкиот социјален одбор на емиграцијата од Југославија влегоа: Драгиша Цветковиќ – претседател, д-р Анте Цилига – потпретседател, еден Словенец католички свештеник, чие име сега не можам да се сетам – секретар – Драган Богдановски – касиер и уште по еден преставник од секоја национална емиграција како членови на Одборот...

- Тој Социјален одбор имаше ли некоја канцеларија? – праша Никола Илиевски. – Каде се обрнуваа оние што бараа помош?

- За канцеларија ни служеше станот на претседателот на Одборот, Драгиша Цветковиќ, во тој стан Одборот ги држеше и своите состаноци.

- Зар Цветковиќ не се обиди да те придобие за српската кауза? – праша Анче Гогов.

- Цветковиќ не само што не се обиде да ме придобие за српската кауза туку насамо пред мене признаваше дека политиката на кралска Југославија била погрешна во однос на Македонците. Тој и тогаш ја знаел етничката вистина дека Македонците не биле Срби и дека врз нив се води политика на асимилација и денационализација. Тој дури и ми призна, дека неговото семејство води корење од Крушево. Уште некој негов дедо во турско време побегнал како печалбар во Србија и станал гостилничар во Ниш.

Потоа семејството се збогатило имало млин на пареа во Ниш. Тој ми кажуваше дека неговата баба не знаела да зборува српски, зборувала влашки. – “Мојата семка е цинцарска или влашка, како и на големиот српски писател Бранислав Нушиќ, кој исто така потекнува од една влашка фамилија од Крушево велеше Цветковиќ...

Во продолжение за моите врски за српската емиграција пишував: Во 60-тите и 80-тите години сметав дека ќе биде од големо значење за македонската национална кауза ако емиграцијата од соседните народи, меѓу нив и српската емиграција, му ја признае на македонскиот народ неговата национална индивидуалност. Сметав дека ќе биде од голема победа во кое Македонците ако српската и југословенската емиграција му ја признат на македонскиот народ неговата национална индивидуалност, па затоа барав и доаѓав во контакт со сите српски и бугарски организирани групи во емиграција кои се преставуваа за демократски и федеративно ориентирани.

Таква група во 50-тите години во Париз претставуваше Српската задруга “Ослобоѓење“. Тоа беше предимно млади луѓе студенти, кои изјавуваа дека се борат за една Трета, Демократска Југославија, заснована на федеративни основи. Групата во Париз го издаваше списанието “Наша Реч“, кое потоа се пресели во Лондон. Оваа група политички беше блиска со така наречениот Југословенски одбор во Лондон, на чие чело стоеше претседателот на бившата југословенска влада во емиграција Слободан Јовановиќ, инаку бивш професор по меѓународно право на Белградскиот универзитет.

Бидејќи групата “Ослобоѓење“ во Париз ја сочинуваа повеќе студенти, јас така да се рече секој ден се состанував со нив, било во студентските мензи или по разни кафани и започнував со нив политички дискусии – “Вие не сте ни вистински демократи, ни вистински федералисти, ни вистински Југословени – им велев – вие сте големосрпски четнички политичари. Ако сте демократи и федералисти вие ќе му ја признаете на македонскиот народ неговата национална самобитност. Комунистите во тој поглед се поголеми демократи и поголеми федералисти од вас, зашто тие му го признаа националното право на македонскиот народ“. Така дојдов до дискусија и со водачите на групата “Ослобоѓење“ Ѓорѓи Радовановиќ и Десимир Стошиќ. По долги дискусии и полемики и двајцата се согласија дека правото што му го признале Комунистите на македонскиот народ би требало да го признат и српските демократи, иако тоа прашање е мошне болно за српството. Во “Наша Реч“ Македонците дури почнаа да се споменуваат како посебен народ.

Еден ден Ѓорѓи Радовановиќ ме сретна и ми рече дека Слободан Јовановиќ, претседателот на Југословенскиот одбор од Лондон, дошол до убедување дека е редно на македонскиот народ да му се признае неговата национална посебност, и барал Македонци кои би можеле да основат македонска секција во тој Југословенски одбор. Ѓорѓи Радовановиќ му зборувал на Слободан Јовановиќ за македонската студентска група во Париз, и посебно за мене, како нејзин активен портпарол. Слободан Јовановиќ ме поканил во Лондон на еден разговор со него. За Лондон отпатував заедно со Ѓорѓи Радовановиќ. Средбата со Слободан Јовановиќ стана во хотелот во кој живееше.

Го пуштив стариот политичар да зборува. Од неговото зборување заклучив дека така наречениот Југословенски Одбор, за да не изостане назад од комунистите, се спрема да ја признае македонската национална независност, но само под еден услов, а имено: Македонците да се откажат од нивниот историски стремеж за обединета и самостојна македонска држава и Југославија да ја признаат како единствена нивна држава.

Му реков на Слободан Јовановиќ дека секој Македонец кој се откаже од идејата за самостојна и обединета Македонија тој ќе влезе во историјата како национален предавник и јас не верувам дека во денешната македонска емиграција ќе се најдат луѓе кои ќе ја прифатат политиката на Југословенскиот одбор за една демократска Југославија. Во секој случај, ми советував, ако некогаш мислите да придобиете некој Македонец за алтернативата на демократска Југославија тогаш уште сега признајте му ја на македонскиот народ неговата национална независност.

- Младо момче – ми рече Слободан Јовановиќ – вие ништо не давате а барате многу од нас. Ние нема Македонците да ги признаеме се додека тие не се изјаснат во корист на Југославија.

Тоа беше моето прво и последно видување со професор Јовановиќ – набргу по оваа средба тој умре.

- Во тебе има жива историја – рече Анче Гогов утредента кога бев изведен во ловџиската соба на сослушување. – Драган Богдановски лично познавал два претседатели на бившата кралска влада. Кога остареш ќе имаш материјали за твоите мемоари.

- Твоите обиди да ја натераш српската емиграција да ја признае националната индивидуалност на Македонскиот народ ќе бидат забележани и во македонската историја – рече Никола Илиевски. Ти си правел и добро и лошо, за лошото ќе одговараш, а за доброто македонската историја ќе те спомнува. “

(продолжува)

1Tiho3Подготвил: Т.К.

 

Историја

News image

Интервју на Лондонскиот „The Times“ со Тодор Александров, 4 Јануари 1924

Можно ли беше да таква Организација постои во дваесеттиот век? Набрзо бев вратен кон вистината со са...

Иселеници

News image

ЖИВОТНИТЕ ПАТИШТА НА СТИВ И ЛИЛИ ПЉАКАС (6)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

Руската сказна за царот Македон

Во древните времиња, најстари од кој може да се види, па дури и позади нив, како што каменот од тие ...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.