Историја

К. Мисирков: Патот на примирениет

Krste-Misirkov-portrait

К. Мисирков: Патот на примирението, „Илинден”, V, 5, Софија, 30.1. 1925, 2.

Krste-Misirkov-portraitПокојниот руски конзул во Битола велеше дека Србите и Бугарите треба да се спогодат и да престанат да си пречат едни на други за да го зачуваат Костурско од неизбежното завладување од Грците.

Тој во 1903 година беше рекол: Ерменците не еднаш креваа востание, секое од кои се свршуваше со истребување на ерменското население и денеска има Ерменија и ерменско прашање, но нема Ерменци во Ерменија. Сакате ли и вие да има Македонија и македонско прашање, а да нема Македонци во неа?

– Што следува oд тоа? – ќе праша некој.

– Следува дека ако тогаш немало српско-бугарско зближување, тоа треба да настапи сега. И друго: ние Македонците треба да си ги коригираме своите стари сфаќања за целите и средствата на нашиот национален живот.

И така, Србите, Бугарите и Македонците, излезени од војната со распокинувањето на Македонија и со големи загуби во полза на Грција, треба да ги заборават своите стари раздори и да си подадат рака едни на други.

Притоа не само Србите имаат право да бараат од бугарските државници да не бидат такви какви што биле пред 1914 г., туку и Бугарите и Македонците со право можат да го бараат истото од Србите; сите треба да се отресеме од старата мувла и да си ги нагодиме мозоците и разбирањата спрема новите потреби на времето, инаку ќе имаме нови неуспеси и Грците ќе имаат нови успеси за наша сметка, а ние заемно ќе се обвинуваме едни со други или пак „бездушната” западноевропска дипломатија, заборавајќи ја старата вистина дека на оној што самиот не може да си помогне, не само туѓинците, туку и самиот господ нема да му помогне.

Нека ми биде дозволено да искажам неколку пожелби за патот по којшто подобро може да се дојде до едно српско-бугарско-македонско разбирање.

1. Во Бугарија треба да се помни добро дека Македонците, независно дали тие се викаат Македонски Бугари или просто Македонци или претпочитаат да се викаат Македонци, тие секогаш биле добри и лојални бугарски граѓани, кои, немајќи своја национална држава и постојано ползувајќи се со полните и рамни права на старото месно бугарско население, ја сакаат бугарската држава како своја. Избегани од татковината, каде што царуваше и уште царува туѓа власт, ние ја сакаме бугарската национална држава како своја. Ние природно сме поголеми националисти и помалку анархисти од старото население на Бугарија. При сето тоа, ние имаме потреба уште од една слобода, од едно право: дајте ни слободно да се наречуваме и да се чувствуваме како Македонци, просто Македонци, без додавката Бугари.

2. Истото барање им го предјавуваме ние и на Србите: ако сакате да ја сакаме Југославија толку колку што ја сакаме Бугарија, дајте ни го правото и слободата да се наречуваме просто Македонци, без да го прикачуваме кон тоа и името Срби. Ние сакаме како Македонци еднакво да ги сакаме и државите во коишто живееме како слободни и рамноправни граѓани, и исто така да ја сакаме својата многунапатена и распокината татковина.

Зошто јас како бугарски поданик, па дури и како Бугарин од Македонија, треба да заборавам дека јас истовремено и како Македонец имам специјален долг да мислам за мојата татковина Македонија повеќе отколку другите Бугари не—Македонци?

Зошто Македонецот во српска Македонија, како добар земјоделец, трговец, занаетчија или човек со интелигентна професија и добар и лојален југословенски граѓанин да нема право истовремено да се чувствува како Македонец и да не се интересира за минатото, сегашноста и иднината на сите делови на Македонија? Ако Југославија се интересира за Солунското пристаниште, зошто да не им биде дозволено на Македонците што живеат во јужнословенска Македонија да се интересираат и да болеат со душата за своите сотатковинци во грчка Македонија?

И во Бугарија и во Србија треба да помнат едно, дека во Македонија има население со огнено патриотско чувство и со определена национална свест за која треба да се води точна сметка и да се исползува разумно за доброто како на самото месно население, така исто и за доброто на словенските држави во коишто живеат Македонците и уште во интерес на југословенската солидарност. Србите и Бугарите треба добро да помнат дека тоа национално чувство и свест кај Македонците постои не од вчера, како што си мислат Србите, од времето на основањето на Епархијата, туку од пред основањето на Охридската архиепископија, во целото време на постоењето на последнава и по нејзиното уништување и до денешен ден.

Македонското национално чувство и национално сознание е толку старо, колку и бугарското и српското, и бидејќи не е создадено од Егзархијата за 40-50 години, исто така не може да биде ни уништено со 40-50 годишен српски асимилаторски режим.

Трново, Охрид и Пеќ постоеле со векови како независни и рамноправни културни центри. Правата на Охридската архиепископија, односно на македонското национално чувство и македонското национално сознание биле признати и почитувани од бугарските царови и од српскиот Стефан Душан Силни и Македонците беа најлојални граѓани во тие држави.

Со други зборови, Србите и Бугарите треба да покажат повеќе стрпливост во својот однос спрема Македонците и спрема нивното национално сознание и национално чувство.

3. Уште поголема трезвеност во нашите односи кон Србите и Бугарите се бара од нас Македонците.

Заседнати помеѓу Грција, Србија и Бугарија, ние имаме потреба од поголеми, подлабоки и поразновидни научни знаења отколку Србите, Грците и Бугарите.

Бугарите нека си се занесуваат со крајните политички и економски теории, Србите нека си мислат дека и господ при создавањето на светот зборувал српски, Грците нека си се сметаат за директни потомци на Хомера, Одисеја и Аристотела, ние треба со големо напрегање, зачувувајќи си ја полната слобода на научната мисла, да го проучиме минатото и сегашноста на сите овие народи за да го определиме своето меѓу нив и да си ја зачуваме својата етничко-историска индивидуалност. Нашата независна македонска научна мисла, заедно со нашето економско соземање, ќе ни го гарантираат она место сред балканските Словени, на кое ние со нашите душевни заложби и морални квалитети имаме полно право.

Македонецот е закален во борбата.

Ако кон борбата со оружје се додаде и борбата преку независната македонска научна мисла и ако последнава стане се поинтензивна, Македонија не е загубена и Македонците ќе успеат во својот историски долг да ги помират Бугарите и Србите во интерес на целото јужно словенство.

К. Мисирков: Патот на примирението, „Илинден”, V, 5, Софија, 30.1. 1925, 2.

Најново од: Историја

Годишнина од Гавгамела: Решавачката битка што го отвори патот кон Александаровото Царство

На 1 октомври 331 година пред нашата ера, Александар Велики ја победил војската на персискиот цар Дариј III кај Гавгамела. Победата претставувала решавачки пресврт во освојувањето на Персиското Царство и во создавањето на неговата огромна империја. Битката кај Гавгамела останала запаметена како една од најзначајните воени победи во античката историја. Соочен со побројна противничка војска, […]

Александар Трети Македонски освојува голем дел од Мала Азија

Од победата кај Граник до походот кон Киликија: освојувањата, легендата за Гордиевиот јазол и опасната болест што го запрела неговото напредување. Во првата година од војната Александар Македонски постигнал големи успеси. По победата кај Граник, голем дел од Мала Азија, сè до реката Сангар, паднал под негова власт. Персиската флота ги изгубила пристаништата на тој […]

Зошто Македонија низ историјата била делена – и зошто борбата за нејзината историја трае и денес?

Македонија со векови се наоѓала на крстопатот меѓу Истокот и Западот, на простор низ кој минувале војски, трговски патишта, империи и интереси. Но зошто токму Македонија толку долго била предмет на војни, поделби, пропаганди и спротивставени историски претензии? И уште поважно: колку Европа знаела за сето тоа и зошто интересите на големите сили толку често […]

Под каков идентитет се земаа и се иселуваа македонските деца?

Едно од најзначајните прашања со кои се запознав при истражувањето на чедособирството, а на кое не му е дадено соодветно внимание, е разликата во ставовите меѓу славофонските и грчкофоните села во северна Грција. Извештајот на УНСЦОБ известуваше за расположението на селаните во славофонските области и реони: тие, воопшто земено, биле многу подготвени да им дозволат […]

Крушоради, 1902: последната борба на војводата Дине Кљусов

На 28 септември 1902 година, по целодневна борба во Крушоради, Леринско, загинале војводата Дине Кљусов и тројца негови соборци. Нивната чета била предадена и опколена од османлиската војска. Дине Кљусов бил еден од револуционерите што дејствувале во четата на Марко Лерински. Во 1902 година Леринско било погодено од потери, предавства и вооружени судири. Кљусов учествувал […]

Востанието се проширува во Серскиот округ

Илинденското востание не завршило со падот на Крушевската Република. На 27 септември 1903 година, на Крстовден, започнале планираните востанички дејства во Серскиот револуционерен округ. Во летото 1903 година, додека во Битолско веќе се воделе жестоки борби, револуционерите во Серскиот округ се подготвувале за дејствување. На конгресот одржан во Пирин било решено востанието таму да започне […]

Драмското востание во 1941 година: отпор и трагедија во Егејска Македонија

Во ноќта меѓу 28 и 29 септември 1941 година, востаници во Драмско се кренале против бугарската окупациска власт. Востанието траело кратко, но репресалиите што следувале оставиле длабока рана во источниот дел на Егејска Македонија. По окупацијата во 1941 година, населението во Драмско живеело под воена и полициска контрола. Во такви околности бил организиран вооружен отпор, […]

Тајниот македонски комитет – основан 1885 година во Софија

Во втората половина на XIX век, во време кога Македонија била изложена на силни и меѓусебно спротивставени пропаганди, меѓу македонската интелигенција се појавуваат организирани обиди за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и црковната самостојност. Еден од најзначајните такви рани обиди бил Тајниот македонски комитет во Софија. Формирањето на Тајниот македонски комитет Тајниот […]

Најнови вести

To top