Историја

Петар Поп Арсов-македонски револуционер и културно-национален деец

Petar_Pop_Arsov

Petar_Pop_ArsovПетар Попарсов (14 август 1868–1 јануари 1941) е македонски револуционер и културно-национален деец, еден од основачите и идеолозите на Македонската Револуционерна Организација (МРО). Автор е на првиот Устав на МРО и познатата публикација   „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“. Тој е еден од главните редактори на списанието „Лоза“ во кое се застапува за македонската самобитност и изградување на самостојна и независна држава на македонскиот народ.

Петар Попарсов е роден на 21 октомври 1872 година во селото Богомила, Велешко. Основно образование завршува во родното место, а потоа три години учи во Велес (1881 – 1884). Во учебната 1884/85 година се запишал во Солунската гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Како еден од антиегзархиските бунтовници, заедно со поголема група ученици од Солунската гимназија, во учебната 1888/89 година се префрла на школување на Великата школа во Белград. Меѓутоа за првпат ја согледува манипулацијата на пропагандата во Белград и заедно со група македонски ученици заминуваат за Софија. Попарсов го продолжува своето образование на Вишото училиште на Историско-филолошкиот факултет во Софија, каде дипломира во 1892 година.

Додека Попарсов се` уште студирал во Софија, од солунските и белградските бегалци се создава јадрото на „лозарското движење“. Кон крајот на 1890 година, Попарсов со Даме Груев и други учествува во формирањето на „Тајната дружба“ од која потоа се создава Младата македонска книжевна дружина (ММКД). Групата во која покрај Попарсов се наоѓаат Георги Баласчев, Георги Белев, Климент Караѓулов и други од јануари 1892 година почнува да го издава својот орган „Лоза“, а Попарсов е еден од главните нејзини редактори и соработници.

Попарсов и неговите соработници свесни дека секој што од надвор ќе им ја подари слободата, ќе им ја земе и земјата, како и тоа дека ослободувањето на Македонија може да стане само со сопствени сили, работат на испраќање на свои членови во Македонија за да таму на лице место во согласност со условите да подготват терен за револуционерното движење.

Ваквата национална концепција на „Лозарите“, како и јасната македонско-сепаратистичка и јазично-правописна тенденција промовирана уште во првиот број на списанието, во бугарската јавност предизвикуваат кампања против „македонскиот национален сепаратизам“. Набрзо потоа, дружината и списанието „Лоза“ биле спречени да дејствуваат.

По растурањето ММКД и забраната на списанието „Лоза“, Попарсов се враќа во Македонија и најпрво предава во Скопската гимназија (1892/1893), а потоа се вработува како професор во Солунската гимназија (1893/1894). Тука тој повторно се сретнува со своите старите познаници, меѓу кои и со Даме Груев.

Во есента 1893 година, меѓу младите македонски интелектуалци Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Антон Димитров се развива идејата за да се соберат сите сили на разединетите групи и да се формира силна револуционерна организација способна да ја ослободи Македонија. За таа цел тие ги повикуваат Петар Попарсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев да учествуваат на основањето на организацијата.

Првиот чекор е направен на 23 октомври 1893 година, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов, каде покрај него на состанокот присуствувале: професорите Даме Груев, Христо Батанџиев и Петар Попарсов, потоа лекарот Христо Татарчев и учителот Антон Димитров. На состанокот била разгледана неопходноста од политичка активност во Македонија, како и условите за развивање на револуционерната дејност, со што биле поставени основите на Македонската револуционерна организација (МРО).

Веќе на вториот состанок на почетокот на 1894 година. Попарсов добива задача да изработи проект на Устав, кој потоа бил прифатен од Организацијата. Во август 1894 година, како член на ЦК на МРО, Попарсов присуствува на организационата средба во Ресен, каде било решено во општинските и егзархиските училишта да се постават учитали на организацијата за да може да се шири револуционерното дело меѓу македонскиот народ. Истата година (1894), под псевдонимот Вардарски, Попарсов ја објавува брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ во која тој го критикува режимот на Стефан Стамболов и Бугарската егзархија и ги претставува основните концепции на Програмата на МРО.

Во текот на својата дејност во МРО, следејќи ги насоките од организациската средба во Ресен Попарсов работел како егзархиски чиновник во Велес (1895), потоа учител во Прилеп и претседател на прилепскиот околиски комитет (1896), главен учител на егзархиското училиште во Штип и претседател на Окружниот Комитет на ТМОРО (1896/7).

Во 1896 година Петар Попарсов активно учествува на Солунскиот Конгрес на МРО, но, по Виничката афера во 1897 година бил уапсен и обвинет за организирање на востание. Попарсов бил осуден на 101 година робија, а казната ја издржувал во Подрум кале во Мала Азија. По амнестијата во 1902 година Попарсов ја продолжува револуционерната дејност во Велешко, но спроти Солунските атентати во април 1903 година повторно е уапсен во Велес и затворен во Скопскиот затвор од каде излегува еден ден пред објавувањето на Илинденското востание.

Излегувајќи непосредно пред почетокот, Попарсов останува на страна за време на Илинденското востание. Работи како учител во Скопје во учебната 1903/ 04 година, а потоа во Солун. Повторно станал член на ЦК на ТМОРО, но набргу потоа се повлекува. Во јули 1904 година оди во родното село, а во август е поставен за надворешен претставник на ТМОРО во Софија. Во 1905 година, на Рилскиот конгрес бил избран за член на Задграничното претставништво и учествува во дејноста на организацијата се` до нејзиниот расцеп.

По убиството на Сарафов и Гарванов во 1907 година, Попарсов како приврзаник на левицата бил уапсен во Софија, но наскоро бил пуштен од затвор и во мај 1908 година се враќа во Скопје. Во 1909 година се вклучува во задушувувањето на султановата контрареволуција, а потоа го поддржува Теодосиј Гологанов повторно да се кандидира за Скопски митрополит. Кратко време работи како учител, а потоа и како директор во Педагошкото училиште Скопје.

Во текот на 1910 година, Попарсов учествува во работата на Народната Федеративна Партија и зема активно учество во подготовките и спроведувањето на изборите за Отоманскиот парламент, но не го добива потребниот број гласови за пратеник. Тој се залага заедно со Крсте П. Мисирков и со бившиот скопски митрополит Теодосија Гологанов, да се отвори македонска Висока педагошка школа во Скопје.

По избувнување на Првата Балканска Војна и окупацијата на Македонија, Попарсов се засолнува во Велес. Во текот на декември 1912 година, заедно со Димитрија Чуповски ја организира Општомакедонската конференција за спас на окупираната Македонија. На средбата на која присуствуваат Ангел Коробар, Ризо Ризов, Александар Мартулков и други, било решено Македонската колонија во Петербург да ги застапува македонските интереси во странство, но неговиот обид со Чуповски да заминат во Париз и Лондон за да ја запазат целоста на Македонија бил спречен.

По Букурешкиот договор во 1913 година, Попарсов се преселува во Бугарија и станува учител во софиското село Костенец. Тука работи како учител и директор на училиштето се` до пензионирањето во 1929 година, кога со својата сопруга се преселува во Софија.

Попарсов бил член на Привременото претставништво на обединетата поранешна ВМРО во Софија и потписник е на Апелот од 15. III. 1919 година, со кој се бара воспоставување на самостојна независна држава на Балканот во нејзините природни и географски граници.  По Версајскиот мировен договор, наполно разочаран од конечната поделба на Македонија, тој целосно се повлекува од јавниот и политичкиот живот.

Петар Попарсов умира во Софија на 1 јануари 1941 година.

Најново од: Историја

На денешен ден, 27 ноември 1919 година – Потпишан Нејскиот мировен договор, потврдена поделбата на Македонија

На 27 ноември 1919 година, во Неј на Сена, во близина на Париз, бил потпишан Нејскиот мировен договор меѓу Бугарија и силите победнички во Првата светска војна. Со овој договор, во голема мера била потврдена територијалната поделба на Македонија, воспоставена со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година. Македонија повторно била предмет на меѓународни договори, […]

На 26 ноември 1904 година – Крвавата свадба во Зеленич, Леринско, Егејска Македонија

На 26 ноември 1904 година (13 ноември по стариот календар), во селото Зеленич, Леринско, во Егејска Македонија, се случил еден од трагичните настани во македонската историја, познат како „Крвавата зеленичка свадба“. Зеленич пред нападот Во 1904 година Македонија сè уште била под османлиска власт. По задушувањето на Илинденското востание, грчките андартски чети го засилиле своето […]

Ристо Никовски: Македонска небиднина

(септември 2021 година) Поминаа веќе 30 години откако се распадна југословенската федерација и Македонија стана самостојна држава. Иако тогашните македонски лидери не беа воопшто подготвени за независност, а распадот беше повеќе од очигледен, имавме многу повеќе среќа отколку знаење и умеење, зашто не бевме вклучени во војните кои следуваа. Гледано од денешен аспект, нашата среќа […]

АНТИМАКЕДОНИЗМОТ И „НАТРАПНИКОТ“

Војната во името на културата е војна против националниот идентитет Војната во име на културата претставува војна против националниот идентитет. Таа често се користи како изговор за владеење и наметнување доминација врз други народи, кои се прогласуваат за „некултурни“, „предавнички“ или „заблудени“. Таквите војни можат да се водат со оружје, но и преку политички, културни […]

Спорот за името (1913–2026)

Поделбата на Македонија во 1913 година претставува важен дел од историската заднина на спорот за името, кој се отвори по осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Со Букурешкиот договор биле утврдени новите граници меѓу балканските држави по Втората балканска војна. Осум децении подоцна, употребата на името Македонија станала предмет на долгогодишен дипломатски спор со […]

ОБРАЌАЊЕ НА МАЛЕШЕВСКИТЕ ВОСТАНИЦИ ДО АНГЛИСКИОТ КОНЗУЛ ВО СОЛУН, 24 НОЕМВРИ 1878 ГОДИНА

Извор на документот: Документот е преземен од Фејсбук-профилот на Гоце Панговски. Историски документ: Протест на македонското население од Малешево против одлуките на Берлинскиот конгрес На 24 ноември 1878 година, населението од Малешевскиот крај упатило обраќање до генералниот англиски конзул во Солун, во кое ги изнесува своите страдања под османлиската власт и протестира против одлуките на […]

Кузман Шапкарев: Ние сме Македонци, а не Бугари! (1870)

На 30 ноември 1870 година, бугарскиот весник „Право“, кој излегувал во Цариград, објавил полемички текст за дејноста на охридскиот учител Кузман Шапкарев. Во написот весникот го обвинува Шапкарев дека се спротивставувал на употребата на книги напишани на бугарски јазик. Преку тие обвинувања, написот сведочи дека уште тогаш во печатот се расправало за посебноста на македонскиот […]

Како Александар Македонски го освоил Сур и го променил неговиот брег

Александар Македонски го напаѓа Тир (денешен Сур) од море. Гравура на Антонио Темпеста од 1608 година, Музеј „Метрополитен“, Њујорк. Сур е денешното арапско име на античкиот Тир, град во Либан. Со латиница често се пишува „Sour“. Во 332 година пр. н. е., војската на Александар Македонски се нашла пред утврден феникиски град чии ѕидини ги […]

To top