Историја

Европа знае каде има Срби, Бугари и Грци

macedona-map-1913

macedona-map-1913Се` уште незајакната со своја црква во Турција, каква што имале Бугарија и Грција, српската пропаганда, за да се инфилтрира полесно во Македонија, во осумдесеттите години на XIX век ја побарала соработката на оние македонски кругови кои биле еднакво незадоволни и од Патријаршијата и од Егзархијата, а кои се бореле за своја македонска политичка, просветна и црковна самостојност, нудејќи им ја својата поддршка.

Меѓутоа, колку повеќе наоѓала погодна почва за ширење на српската пропаганда во Македонија, Србија се` повеќе ја намалувала поддршката на македонските сили што се бореле за своја независност. Од 1890 година и таа тргнала по стапките на Бугарија и Грција. Србија ја пренесува пропагандната активност во надлежност на Министерството за надворешни работи во Белград и на новоотворените конзулати во Македонија. Од година во година, Србија ги зголемува средствата наменети за пропаганда, а како резултат на тоа, во вочетокот на XX век таа имала во Македонија 217 училишта, во кои учеле 9.179 ученици.

По Илинденското востание 1903 година, српската, бугарската и грчката пропаганда се поизразито добиваат нов облик на делување. Тешката положба на македонскиот народ по востанието, тие дополнително ја усложнуваат со дејствувањето на вооружените пропаганди. Бугарската, грчката и српската, а во еден период и романската пропаганда, поддржани од државните буџети и силата на воените институции,  не бирале средства за да се подготви терен кој ќе им овозможи окупирање на територија на Македонија. Во овој период соседните вооружени пропаганди упорно работат на ликвидирање на македонското револуционерно движење и отстранување на сите оние кои работат спротивно на нивните интереси. Истовремено тие создаваат атмосфера на страв и несигурност кај македонскиот народ, со цел тој побрзо и полесно да се асимилира.

Српските владејачки кругови, покрај црковната и просветна пропаганда, почнувајќи од 1904 година, се` повеќе ги засилуваат четничките акции во Македонија. Под директно раководство на српската влада, во 1905 година српската вооружена пропаганда во Македонија располагала со 11 чети и повеќе од стотина четници, кои се обидуваат да остварат доминација на деловите од Македонија кои би овозможиле излез на Егејско Море.

Четите на Македонската револуционерна организација се соочуваат со српската и грчката вооружена интервенција во Македонија. Покрај борбите со вооружените чети на соседите, македонските револуционери го поддржуваат македонското население да не потклекнува на искушение на парите или на заканите со оружје.

Еден од борците против српската пропаганда е кичевскиот реонски војвода Павле Наумов (Ореовец, Велешко, 1883). Во пролетта 1905 година, под раководство на брат му, војводата Иван Наумов, дејствува во родниот крај, со задача да се спротивстават на српските чети. Кон крајот на јули 1905 година, тие водат тешка битка со српските чети кај селото Крапа. Во оваа битка Павле бил тешко ранет. По заздравувањето, наредната 1906 година, Павле се наоѓа во Леринската чета, а наредната 1907 година од април до август, тој е во Костурската чета. На Битолскиот револуционерен конгрес, одржан кон крајот на август, Павле  бил назначен за војвода на Кичевската чета.

Павле Наумов, покрај тоа што води борби со вооружената странска пропаганда, тој го убедува населението дека не треба да подлегне на уцените, ниту пак за пари да ја менува својата припадност. Во писмото од 28 јануар 1907 до селаните од селото Тополчани, Павле Наумов на селаните од Тополчани им ја објаснува суштината на македонската борба за слобода. Ова писмо преку српскиот конзул во Битола било испратено до Министерството за надворешни работи на Србија (заведено под бр. ПП 696, од 16 февруари 1907 година).

Во писмото со кое им се обраќа на Тополчани, кичевскиот војводата Павле Наумов вели:

„Браќа тополчани,

Штом ќе го прочитате ова писмо, наполно сме уверени дека малку ќе се свестите и дека малку ќе се разбудите од длабокиот сон, бидејќи вие сте заспале со таков сон, па сте заборавиле што е човештина. Јас не ве познавам добро, од кога сте станале Срби, ама се зачудив кога дознав де­ка вие сте Срби. Многу арно знаете, браќа, дека во Тополчани нема Срби, нема Грци, ниту пак Бугари. Ние сме Македонци. Србија за Србија, Грција за Грцијаи Бугарија за Бугарија. Секој што работи тоа и ќе биде. Значи, она што ќе се заработи со свој пот тоа му е слатко, како што е и нашата работа. Ако барате друга држава да ни заповедува, тогаш до­бра ни е и Турција. Знајте, браќа, дека под друга држава ќе ни биде многу полошо.

Како што сте се заколнале дека ќе работите за народната рабо­та, не треба да се откажувате до капка од крвта, не треба да ги заборавите нашите браќа, не треба да јазаборавите крвта на нашите браќа, која ја пролеаја со текот на толку години. Многу е жално и срамно пред народот, а исто така пред Европа, бидејќи Европа знае каде има Срби, Бугари и Грци.

Не треба да се нарекувате Срби, а сетете се како зборувате со своите деца во куќата, бидејќи сум уверен дека не изговарате ни еден српски збор, а не заборавајте какви беа нашите татковци и дедовци. Значи, какви сме од старина, тоа сме и денес, а според тоа не сме ни Срби, ни Бугари, ни Грци.

Погледаме ги околните села, па тогаш како вие можете да се нарекувате Срби. Жално е, браќа, што сме многу про­сти, та поради таа простота се` се натрупало во нашите глави. За тоа што сега Србите ви даваат по некоја пара вие се лажете со вашите шупливи глави, а не знаете дека она што не го заработувате со вашата пот ќе ви излезе на нос.

Немојте да се лажете за тоа што сега ви даваат по некоја пара. Тие кога-тогаш ќе ви го предадат се` што ви е најмило на светот. Овде нема Срби, па според Србите овде немаат место за работа. Србите треба да работат таму каде што имаат свои луге, таму на Косово што тие го нарекуваат Стара Србија. Бидејќи нема потреба друго да ви пишувам, уверен сум дека се` сте разбрале и дека ќе се свестите…’ (ДА ССИД – Фонд Министарства за сполне послове Кралевине Србије – Политичко-просветно оделење Ф. – 1, ред. бр. 9/1907.- Документи, том први, 1981, Скопје, стр. 492).

Набргу се развива преписка меѓу Павле Наумов и селаните од Тополчани, во кој секој ги брани своите ставови. Меѓутоа, ова писмо покажува дека Европа добро знае каде се Србите, Бугарите и Грците, а каде Македонците.

Најново од: Историја

23–24 октомври 1912 година – Кумановската битка

Крајот на османлиската власт не ја исполнил македонската надеж за слобода и сопствена држава На 23 октомври 1912 година, во Кумановско започнала една од решавачките битки во Првата балканска војна. Во дводневниот судир меѓу српската и османлиската војска, завршен на 24 октомври, османлиските сили претрпеле пораз што значително влијаел врз натамошниот тек на воените дејства […]

Зошто треба да си горд Македонец од Беломорска Македонија

Пишува: Новица Арсовски Од борбата кај Д’мбени до зачувувањето на мајчиниот јазик – историја на пожртвуваност, страдање и истрајност Да бидеш Македонец со корени од Беломорска Македонија значи да носиш семејно и историско наследство што поминало низ востанија, војни, преселби и забрани. Во тоа наследство се испреплетуваат имињата на селата, спомените за предците, мајчиниот збор […]

Воздигнување на Александар Трети Македонски во оазата Сива во Египет

Кога Александар Македонски и неговата придружба најпосле пристигнаа до оазата Сива, беа изненадени од големите и необични стебла на урми и маслинки и од богатството со вода од многубројни извори и езера. Храмот на пророштвото беше во тврдината наречена Агхурми. Денес можат да се најдат остатоците на храмот надградени со модерни куќи, па не може […]

21 октомври 1943 година – (Фотограифи) Издеглавје – Дебрца го отвори патот кон македонската црковна самостојност

На патот кон признавање и осамостојување на Македонската православна црква-ОА Во виорот на Втората светска војна, на слободната територија во Дебрца, македонското свештенство ја потврдило својата определба да биде со народот – во борбата за слобода, за сопствен црковен живот и за духовно достоинство. На 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, во куќата на […]

На 13 октомври 1993 Македонија го одигра својот прв меѓудржавен фудбалски натпревар

На 13 октомври 1993 година, во словенечкиот град Крањ, започна меѓународниот пат на фудбалската репрезентација на самостојна Република Македонија. Во пријателски натпревар против Словенија, македонските фудбалери остварија убедлива победа од 4:1 и го претворија своето деби во ден за паметење. Првиот гол го постигна Зоран Бошковски – Чоко, чие име засекогаш остана запишано на почетокот […]

„Гласот на Москва“ во 1914 година: Македонец и Бугарин се различни поими, а стремежот е обединета и независна Македонија

Во статијата „Македонија“, Н. Николаев ги разгледува балканските спротивставувања и се залага за обединета и независна Македонија како праведно и трајно решение на македонското прашање. Превземено од: Macedonia: A True Endless Story Во рускиот весник „Гласот на Москва“ („Голос Москвы“), број 237 од 15 октомври 1914 година, е објавена статијата „Македонија“, потпишана од Н. Николаев. […]

Берлинскиот конгрес од 1878 година – прекројување на Балканот без решение за Македонија

Големите сили го ревидирале Санстефанскиот договор и воспоставиле нова политичка рамнотежа на Балканот. Македонија останала под османлиска власт, со предвидени реформи што не ѝ обезбедиле политичка самостојност. Берлинскиот конгрес се одржал од 13 јуни до 13 јули 1878 година, под претседателство на германскиот канцелар Ото фон Бизмарк. На него учествувале претставници на Германија, Австро-Унгарија, Русија, […]

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ И АЛЕКСАНДРИЈА

Со основањето на Александрија во 331 година пред нашата ера, Александар Македонски ги поставил темелите на град што ќе стане едно од најзначајните трговски, културни и научни средишта на античкиот свет. Неговата визија ги поврзала природните богатства на Египет со поморските патишта на Средоземјето. Основањето на Александрија било еден од најдалекосежните потези на Александар Македонски. […]

To top