|
|
| Саркањац: БОЖИКНА БАЈКА ИЛИ ЗА ROYAL INSTITUTION И CHRISTMAS LECTURE |
|
Години по ред на пријателите им зборувам за Royal Institution и за тоа што значи вистински однос на општеството спрема науката и на науката спрема општеството. И никој не чул за оваа институција. А на сите им звучи фасцинантно. Последниот кому му раскажував за ова кралска институција, мојот пријател Ванчо, дури со нескриено одушевување заклучи дека сепак некаде бајките постојат стварно. Токму за Нова Година и Божик, ја пишувам оваа бајка. Зошто студентите од машинските факултетите во Европа се натпреваруваат да добијат шест месеци платен престој во Кембриџ? Кој не би сакал да работи во лабораториите на Формула 1 на автомобилскиот гигант „Рено“ - кои се наоѓаат токму таму – во Кембриџ. Или, зошто се британските студенти најдобри во дебатирање? Зошто се Кембриџ и Оксфорд најдобри универзитети? Meѓу другото и поради Божикните предавањата што ги организира „Кралската институција“. Новогодишните празници за нашите деца значат подароци и распуст – среќни денови како што велат децата денес. За многу генерации во Македонија деновите по дочекот на Новата година се врзуваат со руска салата, скијачки скокови (Гармшипартенкирхен), виенски валцери и малтретирање со некоја поема или еп (на пример, пола Илијада) што треба да се научи напамет за време на празниците. За огромното мнозинство деца во Македонија она вистинското секогаш било надвор од училиштето и подалеку од професорите. Но, во Велика Британија не е така – и тоа повеќе од век и половина. Од 1826 година децата, освен на Божик и Нова година, им се радуваат и на Божикните предавања. За огромен број деца Божик значи две работи: подароци и научните Божикни предавања на BBC. Од 1966 година ова е традиција на BBC, но од пред неколку години предавањата ги пренесува Channel 4, a на задоволство на целиот свет предавањата одат и на интернет. Многумина стануваат научници инспирирани од овие предавања. Како, на пример, Тони Рајан кој станува хемичар токму поради овие предавања што како дете ги гледал на BBC. Потоа станува професор на универзитетот Шефилд и пред четири години предавач на Кралската институција.
Што се тоа Божикни предавања? Прецизно кажано, Божикните предавања претставуваат образовен форум на кој се презентираат сложени научни проблеми на младите на информативен и забавен начин. Просто кажано, тоа се предавања за популаризирање на науката кои ги иницира Мајкл Фарадеј, прочуениот пронаоѓач на Фарадеевиот кафез. Во 1826, Мајкл Фарадеј, веќе бивш директор на Royal Institution, ги иницира првите Божикни предавања. Целта била да им се доближи науката на децата, во тоа време кога образованието било далеку од современото организирано образование. Велат дека Фарадеј преку предавањата дошол и до еден пронајдок кој нема многу врска со физиката но и денес е дел од секојдневниот живот ширум планетата. Предавањата станале толку интересен настан што во петок навечер на Albemarle Street и пред куќата на Royal Institution станувала таква мешаница од луѓе и кочии што морало да се најде решение. Решението било „one way“ – еднонасочна улица. Пет дена по ред точно во осум часот (со знак на ѕвонче) почнува предавањето на професорот. Предавањето веднаш почнува без поздравни зборови и трае точно 1 час (завршува со знак на ѕвонче), зашто Мајкл Фарадеј, добро знаел дека кој зборува повеќе од еден час станува здодевен за публиката. А тоа е многу важно да не се случи, зашто во публиката – во салата на Royal Institution - има само деца. Професорот кој ги држи предавањата се бира меѓу неколку стотини професори. Хемичарот Тони Рајан, професорот по хемија, беше избран меѓу 400 професори. Професорот што ќе ја добие честа да ги држи предавањата станува вистинска Ѕвезда со кого колегите и студентите се гордеат. Универзитетот или институтот на кој работи со неговото име станува попрестижен и привлекува повеќе студенти. |
















