|
|
Марија Воденска: ПОРАКА До Андреас Георгиос Папандреу и неговите наследници Децата |
Од илјада деветстотини четириесет и осмата Сеедно од кој извор бликнат Вруточен, дотечен, распукнат Разнесен, расчеречен Расточен низ омеѓени ливади И расплоден по светот. Тебе, кириос Папа, Те потсетуваат: За градината размеѓена За лебецот раскршен, раздробен, Раскостен, разнижан, За гробови расфрлени по недооднини Недофатни, недогледни ледини Наши небиднини, бигорни изгревнини.
Тебе и тие пред Тебе со зад-мисла Да се уништи р’кулецот од памтивек осведочен Низ вековното траење на историјата Со црвен катран зачепувана, Тебе, кириос Папа, Те потсетуваат:
Овој НАРОД, знае за себе И својата судбина опточена со венец. На овој народ жилата му е прастара, недофатна Недопирлива за валкање и уништување.
Овој народ-кириос Папа е жилав И против јавното одрекување И непризнавање на Македонците Во мајската ноќ протестираа илјадници деца, Чии татковци меѓу првите Му дадоа отпор на Мусолини И се жртвуваа за националните права и слободи Од ’четириесет и првата до крајот На Граѓанската војна во Грција.
Децата во збегот од ’Четириесет и осмата, Родени во Егејска Македонија Што остана заробена под Грција, Сега и самите татковци и мајки по светот, Те потсетуваат:
За Општата Декларација за правата на човекот, За Завршниот Документ во Хелсинки, Чиј потписник е и Република Грција.
Овој народ од Александар до Гоце и потоа, Те прашува: Зар повредите на тие Документи Не наидуваат на Осуда Пред судот на твојата лична совест? Со Дабов лист и Крстот за Вера, Македонка ти порачува:
Родена на денот кога загина Марко Цакончето од Воденско, Со куќа преку плотот и жуборот на Белица, Се бореше на Албанскиот фронт За правата на Елада, А беше МАКЕДОНЕЦ.
Раните го печеа за правата на својот народ За родната земја, прадедова од памтивек. Со рана незацелена, Остави млада вдовица, Со машко дете во пелени Мајка забрадена во црнина.
Порастен во селото и уште е таму. Низ нивјето далдисан семето го одгледува И чекори над Земјата македонска Преполовен за самобитноста И за копнежот преселен преку граница Со забрана за враќање назад.
Македонката таксана за машкото дете Со години чека, децении поминати, И уште чека да слета свената пред зајдисонце Со птицата што не замира во неа.
Низ изладеното огниште, со запретан жар Од пеплосани искри, ветрот го довикува А тој се задушил зад планинските превои Границата чека да се отвори За разлиена река без речно корито За разминување на сенки од живи мртовци Со жар во очите и распалена мисла Што разгорува оган и во празнина.
Македонката зрачи од полите на Егејот Будно стражари со духот на лозата По дедо и пра-прадедо Често притисната од ноќните мори, Будно сонува.
Во сонот и’ доаѓа да викне, Да викне, дури да крикне, како ранета срна Што остана сопната ждребица За непремин преку граница.
Македонката од Егејот, кириос Папа, Ти порачува: Не џбарај по дамарите раскостени На исконската Климентова убавица МАКЕДОНИЈА. |