|
|
| Кочани гореше, ќе гори ли и одговорноста? |
|
Кога Кочани се најде во пламен, не гореше само градот, туку и надежта дека некој, некогаш, ќе сноси одговорност во оваа држава. И тоа не е случајност. Тоа е резултат на децении негрижа, партизација и неказнивост. Немарност. Системски пропусти. Институционална парализа. Тоа се зборовите што се повторуваат по секоја катастрофа. Но не смееме да дозволиме тие зборови да станат нормалност. Сега е моментот кога мора да се именуваат виновниците. И тие мора да одговараат. Без разлика дали носат црвена или сина партиска книшка. Без разлика дали се „нашите“ или „нивните“. Во нормална држава, такви разлики нема. Но Македонија со години живее во изопачен систем каде што вината е релативна, а одговорноста селективна. И токму во момент кога правосудниот систем конечно почнува да покажува знаци на будност, оние кои најмалку имаат кредибилитет, сега поставуваат прашања. А каде беа тие седум години? Оние што денес зборуваат за правда, молчеа за Ласкарци. За Беса Транс. За модуларната болница во Тетово. За десетици други трагедии каде единствено „виновни“ беа кабли, шасии и неименувани несреќи. Тогаш немаше ни оставки, ни притвори, ни одговорност. Обвинителството тогаш беше нем сведок, под целосна политичка команда. Да се потсетиме, ова обвинителство и судство се дел од истата мрежа од тефтерчињата на Заев и Ахмети. Таму не се вработуваше по заслуга, туку по партиска подобност. А сега, кога тие истите луѓе конечно почнуваат да работаат професионално, СДС и ДУИ во паника се обидуваат да ја делегитимира нивната работа. Кога СДС и ДУИ зборуваат за селективна правда, нека одговорат кој беше одговорен за смртта на 14 пациенти во модуларната болница? Зошто немаше ни една оставка по трагедијата во Бугарија со автобусот на Беса Транс? Зошто обвинителството тогаш молчеше додека државата тонеше во корупција? Одговорот е јасен – затоа што сè беше под нивна контрола. Контрола што ја користеа не за правда, туку за грабеж. А денес, кога институциите конечно функционираат, министерот за внатрешни и директорот на Бирото за јавна безбедност се под удар. Луѓе што 24/7, во координација со сите надлежни органи, професионално ја водат истрагата за пожарот во Кочани. И тоа е проблем за СДС и ДУИ. Зошто? Затоа што за првпат вистината излегува на виделина. Правдата не смее да зависи од тоа кој си, туку што си направил. Ова не е повик за политичка пресметка – ова е повик за државна зрелост. Повик за морал, за отчетност, за правда. Затоа што ако ниту една трагедија не сноси одговорност, тогаш трагедијата не е во пожарот, туку во системот. |















