|
|
| Македонија не смее да биде земја на старци и празни училишта |
|
Македонија се соочува со тивка, но опасна криза. Време е за семејна офанзива! Статистиките се немилосрдни, сѐ помалку деца се раѓаат, младите се иселуваат, селата пустеат, а градовите стареат. Ако сакаме државата да опстане, мораме да го вратиме фокусот таму каде што навистина започнува иднината, во семејството. Не е доволно само да се жали. Потребна е семејна офанзива. Еве неколку правци кои би можеле реално да го променат трендот: Високи еднократни надоместоци при раѓање, месечни детски додатоци, целосно платено породилно отсуство и поддршка и за татковците. Звучи скапо? Па, нема ништо поскапо од празна татковина. Мора да престане стравот дека со дете ќе се изгуби работата. Флексибилно работно време, можност за работа од дома и стимулации за фирмите што вработуваат родители. Субвенционирани хипотеки, бесплатни парцели за млади семејства во рурални средини и поддршка за изградба на семејни домови. Потребни се повеќе државни градинки, субвенции за приватни градинки, проширување на капацитетите и нови работни места за воспитувачи. Родителите треба да знаат дека нивното дете е безбедно додека тие работат. Јавните кампањи треба да го слават родителството, љубовта, жртвата и радоста од создавање поколение. Не за да се наметнува, туку за да се охрабрува. Ова не е само демографско прашање, ова е битка за опстанок. Македонија не смее да биде земја на старци и празни училишта. Мораме да ја вратиме вербата дека тука вреди да се живее. Нека започне семејната офанзива, за иднината на Македонија се работи!
|
















