|
|
| Македонија не смее да дозволи уште една рана од лажни спасители |
|
Мане Јаковлески Време е за владеење на правото, не за уличен линч Во моменти на голема трагедија и национална болка, најлесно е да се поведе толпата. Но најтешко и најважно е да се сочува разумот. Македонија, по трагедијата во Кочани, го живее еден од своите најтешки периоди во поновата историја. Во тие моменти не смееме да дозволиме да не води гневот, туку правдата. А правдата е постојана, трпелива, институционална не е улична, не е политичка, не е манипулативна. Секоја трагедија бара сочувство, одговорност и вистина, но не и линч. Ниедна нација не е изградена на принципи на улична пресуда. Ова не е момент за освета, туку за реформа. Ова не е време за диви протестни сцени, туку за достоинствено барање на правда преку институции. Македонија еднаш веќе ја виде оваа формула – Шарената револуција. Со зборови за слобода и правда, ни донесе промена на име, распродажба на историја, етнички тензии и девалвација на вредностите. Не смее да дозволиме истата шема повторно да нѐ фрли на колена. Ова е момент кога мора да се зајакнат институциите, а не да се рушат од улица. Да се гради систем, а не да се глуми моралност на плоштад. Правдата не се носи на транспаренти. Таа се постигнува со закон, со истрага, со одговорност. Трагедијата во Кочани не е само локална несреќа, таа е национален шок. Болка што не смее да биде заборавена и повик што не смее да остане без одговор. Но прашањето е: како Македонија да излезе од оваа катастрофа? Кочани не е изолиран инцидент. Тоа е резултат на децениски распад на институциите, од урбанистички криминал, преку нефункционални инспекции, до обвинителства што молчат. Ако не го смениме овој систем, ќе броиме нови жртви. Македонија мора конечно да воведе ред, закон и функционална контрола. Ова не е момент за политички поени. Ова е момент за национално единство. Да се обединиме не околу лични интереси, туку околу вредности: живот, достоинство, правда. Вистината сама по себе не е доволна ако не следи одговорност. Досега видовме многу трагедии и ниту еден затвор за клучните виновници. Овој пат мора да биде поинаку. Не поради освета, туку поради правда. За да знае секој кој утре ќе носи одлука дека животите зависат од неговата одговорност. Македонија не смее да дозволи уште една рана од лажни спасители. |















