|
|
| Македонците од Егејска Македонија не се само сведоци на минатото, туку столб на нашиот национален опстанок |
|
Кога се зборува за темелите на македонската државност, за борбите за национална слобода и за зачувувањето на идентитетот, често се заборава една тивка но огромна сила, Македонците од Егејска Македонија. Тие не се само бегалци од една изгубена војна. Тие се жив доказ дека македонскиот народ, каде и да е, никогаш не престанува да се бори. Егејот не е само географска одредница. Тој е лулка на херои, лулка на дух што не се поклонува. Таму, во Леринско, Воденско, Костурско,… се раѓаа востанија, се бореше со срце за слобода, се пееше и денес се пее на Македонски. Македонците од Егејот први станаа на нозе и во Илинденското востание, и во НОБ, и во Граѓанската војна во Грција. Додека многумина молчеа, тие земаа пушка. Додека светот вртеше глава, тие плаќаа со егзил, со крв, со тишина. Денес многумина од нив живеат во Македонија, во Скопје, Битола, Прилеп, Велес, Гостивар, Тетово,... тие се нашите роднини, наставници, лекари, занаетчии, Тие ја градеа оваа држава. И ако денес се зборува за македонскиот идентитет како нешто подложно на преговори, нека се погледне во очите на Македонецот од Егејот. Таму нема двоумење, таму има болка, но и јасно „ние сме тоа што сме“. Нема потреба од докажување, нивниот живот е доказ. Културниот придонес на Македонците од Егејот е неизмерлив. Донесоа песни, носии, дијалекти, обичаи што денес ги учиме како „традиционални“. А се сеќава ли некој на нивната борба за право на мајчин јазик? За правото да бидеш тоа што си во сопствениот дом? И денес, иако официјално „не постојат“ во Грција, Македонците во Егејска Македонија постојат. Тие се гласот што не замолчува. Гласот на оние што немаат ни гроб на дедовината, но ја носат со себе како света обврска. Гласот на народот што претрпе историска неправда, но не ја предаде вистината. Македонија има морална и историска обврска. Да се обезбедат посебни програми за заштита и афирмација на нивното културно наследство. Да се отворат музеи, истражувачки центри и јавни простори посветени на нивната историја. Да се институционализира 20 август, Денот на егзодусот како државен ден за сеќавање. Без Егејот Македонија не е цела! |















