|
|
Македонија ќе победи ако корупцијата биде поразена |
Народот има право на држава без корупција! Корупцијата не е само зло кое краде пари. Таа е канцер што ја разјадува секоја пора од општеството од администрацијата, преку судството, до здравството и образованието. Таа ги укинува можностите за чесните, ги демотивира способните и ја наградува сервилноста и подмитливоста. Во таков систем, младиот човек не гледа перспектива, бидејќи знае дека успехот не зависи од трудот, туку од врските. Во последната деценија, корупцијата доби конкретни имиња и презимиња, владата на СДС и ДУИ. Додека зборуваа за "правда", зад завесата грабаа сè што можат. Случајот „Рекет“ ја разоткри мрежата на влијание меѓу обвинители и политички врв, но никогаш не допре до главните мозоци. Зоран Заев, кој дојде на власт со ветувања за борба против криминалот, ја претвори Владата во фамилијарен проект. Бизнисите на неговиот брат, Вице Заев, цветаа токму додека државата назадуваше на секое поле. Од откуп на марихуана, до зделки со енергетика и градежни проекти, Вице добиваше државна поддршка и работеше без конкуренција. Народот со право прашуваше: кој е вистинскиот премиер? ДУИ, пак, во сенка и тишина, го презеде државниот апарат. Круна на таа заробена држава е Артан Груби политичар со безгранична моќ, но без отчетност. Неговиот потпис стои зад милионски тендери, сомнителни јавни набавки и скандалозни проекти. Посебна улога во заштитата на стариот систем има и Венко Филипче. Наместо одговорност за милионските скандали во здравството, тој денес е претседател на СДС и тоа не случајно. Со таа функција, неговата задача е јасна: да го штити криминалот на Заеви и да ја обезбеди нивната недопирливост, и во партијата и пред законот. Но тоа време завршува. Македонија денес има шанса за пресврт. Денес, сме сведоци на почетокот на една вистинска, длабока и бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Започна процесот на расчистување на најтемните агли на државата таму каде со децении се собирале тајни, афери, тендери, лажни дипломи и криење одговорност. Нема веќе заштитени! Без оглед на функцијата, партиската книшка или моќта, секој што сторил криминал ќе одговара. Не за да се задоволи јавноста со спектакл, туку затоа што тоа е основата на правната држава. Македонија не смее повеќе да биде земја на неприкосновени. Законот мора да важи за сите. Ова не е борба на една Влада ова е борба на целата нација. Граѓаните, институциите, медиумите и граѓанскиот сектор сите имаме обврска да не молчиме, да поддржиме и да се бориме. Зашто само така ќе ја изградиме државата што ја заслужуваме праведна, чесна и слободна Македонија. Да ја поддржиме оваа битка, затоа што е за нас. За нашите деца. За Македонија. Затоа Премиерот Мицкоски повика: секој граѓанин да биде дел од оваа борба. Да не молчиме, да не прифаќаме, да не се помируваме со неправдата. Да ги охрабриме новите власти да одат до крај, без калкулации. Македонија ќе победи ако корупцијата биде поразена. |