|
|
ГОРДОСТ Е ДА СИ МАКЕДОНЕЦ! |
Мане Јаковлески Во свет полн со предизвици, заблуди и наметнати идентитети, најголемата чест и благослов е да кажеш: јас сум Македонец! Не по мода, по душа и по обврска што ја носиме пред нашите предци и потомци. Да се биде Македонец не е само прашање на потекло, тоа е битка, вечна и упорна, да го зачуваш својот корен наспроти сите притисоци, негирања и фалсификати. Тоа е да стоиш исправено да ја љубиш татковината, дури и кога таа крвари. Да веруваш во својата земја, дури и кога другите те предаваат. Нашата историја е крстосница на крв и слава. Од Александар Македонски и Свети Климент, до Илинденци, Гоцевци, Комити, Асновци и борците од 2001, ние сме народ што никогаш не молчел, кога се заканувала неправда. Од нашите дедовци го наследивме пламенот на отпорот, а од нашите мајки верата во вистината. Денес, кога многумина се срамат од својот идентитет, ние го носиме со гордост. Ние не прифаќаме да бидеме „северни“, безимен народ во геополитичка табела. Македонија е библиска земја. Земја на маченици и светци. Првата христијанска држава во Европа, со апостол Павле што овде ја ширеше Светлината. Гордост е да зборуваш македонски јазик, јазикот на Блаже Конески, на Кочо Рацин, на Јане Сандански. Гордост е да ја пееш „Бисер Балкански“ и да ги славиш празниците со слава, песна и трпеза. Но најголема гордост е кога ќе ги погледнеш своите деца и ќе им кажеш: Никогаш не се предавај, никогаш не заборавај кој си, Македонија е во тебе и таа ќе живее ако ти не ја изневериш. Нема ништо поубаво од родната грутка. Да си Македонец не е случајност, тоа е чест! А таа чест се брани со збор, со дело и ако треба, со живот. ГОРДОСТ Е ДА СИ МАКЕДОНЕЦ!
|