|
|
| ИСТОРИСКИ СВЕДОШТВА ЗА ПОСТОЕЊЕТО НА ИСУС ХРИСТОС И НА ЈОВАН КРСТИТЕЛ |
|
Александар ДОНСКИ Во времето на комунизмот кога атеизмот беше дел од владеачката идеологија, во СССР во времето на Сталин нашироко се промовирало и пропагирало дека наводно „немало историски докази за постоењето на Исус Христос“. Во тој период репресијата против религијата посебно земала голем замав, a врв на ова било варварското уништување на големата катедрала посветена на Исус Спасителот во Москва која била срушена со динамит во 1931 година. Што се однесува до Исус, атеистичките небулози за неговото наводно „непостоење“ се повикувале на тоа дека наводно за неговото постоење немало ниту еден друг извор освен Новиот Завет кој бил пишуван од неговите следбеници. Меѓутоа вистината е сосема понаква. За постоењето на Исус постои и вонбиблиско сведоштво и тоа уште од првиот век по Христа. Се работи за сведоштвото на најпознатиот антички еврејски историчар Јосиф Флавиј, кој иако бил фарисеј и не бил никаков христијанин, во своите историски дела не можел да го одбегне постоењето и дејствувањето на Исус во неговата земја. Флавиј (кој се родил во Ерусалим во 37 година по Христа, т.е. само неколку години по распнувањето на Исус), не само што го забележал постоењето и дејствувањето на Исус Христос, туку и јасно ставил до знаење дека Исус не бил обичен човек! Флавиј дури го спомнал и воскреснувањето на Исус, а спомнал и дека за време на своето дејствување повел по себе “многу Евреи и многу пагани”. Еве како најпознатиот еврејски историчар од тоа време Јосиф Флавиј го опишал Исус Христос: “Во тоа време се појави Исус, мудар човек, до колку и навистина можеме да го наречеме човек; тој правеше прекрасни нешта, учител на луѓето кои ја примаа вистината со задоволство. Тој привлече кон себе многу Евреи и многу пагани. Тој беше Христос. А, кога Пилат, по сугестија на нашите угледни луѓе го распна на крст, оние што го сакаа не се откажаа од него, затоа што им се појавил жив на третиот ден како што најавија Божјите пророци, заедно со уште десет илјади прекрасни нешта поврзани со него. И групата христијани, кои го добија името по него, до денес постојат.“ (Josephus Flavius: “Jewish Antiquites” XVIII,3,3). Јосиф Флавиј ова го напишал во првиот век по Христа. Воедно тој оставил вредни историски сведоштва и за дејствувањето на свети Јован Крстител. Кога пишува за поразот на војската на вазалниот (кон Римјаните) еврејски крал Херод Антипа од Арапите, Флавиј пишува: “Некои Евреи сметаа дека поразот на Херодовата војска дојде како казна од Господ, поради тоа што му го направи на Јован, кого го викаа Крстител. Херод го отепа него, иако тој беше добар човек и им зборуваше на Евреите да бидат чесни и праведни еден кон друг, како и да покажуваат почит кон Бога, така што ќе бидат крстени... Кога луѓето масовно почнаа да одат кај него за да ги слушаат неговите зборови, Херод се уплаши дека големото влијание што Јован го имаше кај народот, би можело да биде искористено од негова страна за кревање востание, бидејќи изгледаше дека луѓето се подготвени да направат сѐ што ќе им кажеше Јован. Поради тоа Херод помисли дека е најдобро ако го погуби за да ги спречи немирите што тој можеше да ги предизвика, а и за да не се кае подоцна до колку се доведе себеси во непријатности преку конфронтирањето со него. Така, поради сомневањето на Херод, Јован беше испратен во затворот во Махер, што претходно го спомнав и таму беше погубен. Сега Евреите сметаа дека поразот на војската на Херод беше казна поради незадоволството на Бог. (Jewish Antiquites XVIII, 5,2) И ова сведоштво (исто така објавено во првиот век по Христа) има посебна тежина, затоа што е дадено од нехристијански извор. Флавиј, не само што не бил христијанин, туку тој припаѓал на еврејската фарисејска секта, која тогаш била спротивставена на христијаните. Затоа неговите сведоштва за постоењето на Исус и на свети Јован Крстител имаат огромно значење. Да го спомнеме и тоа дека Исус, не само што е спомнат во Библијата, туку тој (под мето Иса) е спомнат десетици пати и во исламската света книга Куран како еден од најголемите пророци на Бог (Алах) поради што денес муслиманите имаат голема почит кон него. Кога сме кај Јосиф Флавиј, тој оставил исклучително вредни сведоштва и за животот на големата колонија Македонци која живеела во Светата земја, притоа јасно издвојувајќи ги Македонците како посебен народ во однос на Грците. Македонците (целосно или делумно) владееле со Светата земја почнувајќи од нејзиното освојување од страна на Александар Велики Македонски, па сѐ до нејзината окупација од страна на Римјаните. Во тој период во Светата земја (со која владеела македонската династија Селевкиди) се доселила огромна колонија Македонци, кои таму основале свои градови или на постоечките еврејски градови им ставале македонски имиња, па не случајно дури и во Исусово време во Светата земја постоеле градови со чисти античко-македонски имиња како што се: Макед, Дион, Пела и други (што впрочем може да се види на секоја сериозна мапа од Светата земја поврзана со тоа време).Флавиј пишува дека Македонците и Евреите долго време живееле во соживот во државата на македонската династија Селевкиди, сѐ додека на чело на оваа династија не дошол Антиох Четврти кој ја забранил еврејската вера и сосила сакал да им ја наметне балканската паганска религија. Поради тоа Евреите кренале востание против Македонците (тоа е познатото востание на Макевеите, кои биле големо семејство) кое на крајот завршило со создавање независна еврејска држава. Кога пишува за востанието на Евреите против Селевкидите Јосиф Флавиј, сосема јасно пишува дека Евреите всушност се бореле за своја слобода против ропството што им било наметнато од - Македонците! Кога пишува за смртта на еврејскиот водач Јуда Макавеј, Флавиј вели: “Јуда... остави зад себе голем углед и спомен, борејќи се за слободата на својот народ и избавувајќи го од ропството под Македонците. (Jewish Antiquites XVIII, 11,2). Во врска со успесите на Јуда Макавеј против Македонците Селевкиди, Јосиф Флавиј пишува: “Еврејскиот народ ја обнови својата слобода откако претходно беше под ропство на Македонците... Но, не беа малку оние (Евреи, з.м.), кои поради основните потреби и поради тоа што не можеа да се носат со мизерувањето и со гладот што им надвиснаа над глава, избегаа од својата земја и појдоа кај Македонците. (Jewish Antiquites XVIII, 1,1). Нема сомнение дека потомците на доселените Македонци во Светата земја живееле таму и во Исусово време, но за сето ова ќе пишуваме во некоја следна прилика, а повеќе детали можат да се сретнат во книгата „Исус Христос и Македонците“ (чие трето издание е во издание на МПЦ) и во истоимениот документарен филм на Јутуб од авторот на овој текст.
Најпознатиот антички еврејски историчар Јосиф Флавиј (роден во Ерусалим во 37 година, а починал во Рим околу 100 година) |
















