|
|
Честа на функцијата е во скромноста не во гордоста! |
Мане Јаковлески Честа на функцијата е во скромноста не во гордоста! Во животот, секој човек сонува за моментот кога ќе му биде укажана доверба да носи одговорност, но функцијата, таа кревка и привремена моќ, не е круна на величие, туку доверба дадена од Лидерот и партијата што му ја доделила таа функција. И токму тука започнува вистинскиот тест за човекот. Функцијата не смее да создаде ароганција, надменост или оддалеченост од оние што го издигнале. Оној што ќе заборави од каде доаѓа или ќе ги изневери принципите за кои се борел пред да ја добие функцијата, многу брзо ќе ја изгуби довербата и од Лидерот и од народот и на крај од самиот себе, ќе ја изгуби честа и душата. Функцијата не е дозвола за привилегии, таа е обврска да се работи, да се служи, да се биде пример. Оној што ќе ја злоупотреби за лични цели, ќе остане запишан како трагичен пример на себичност и слабост. Човекот на функција треба да биде достапен, скромен и храбар. Треба да го слуша народот, да прифаќа совет, но и критика. Функцијата бара храброст за тешки одлуки и достоинство за признавање на грешки. Оној што мисли дека е незаменлив, ја губи свеста за сопствената минливост. Секој е заменлив, но честа и угледот што ќе ги остави зад себе, тие остануваат засекогаш. Функцијата не е место на раскош, туку на саможртва. Да бидеме луѓе што со функцијата не ја губат душата, бидејќи функцијата минува, но делата остануваат засекогаш. Тоа не е само прашање на манири, тоа е прашање на карактер зошто функцијата не го менува човекот таа го разголува. Го покажува она што го носел во себе цело време, само што дотогаш немал можност да го покаже. Ако некој со првиот вкус на моќ стане глув за другите, тоа значи дека отсекогаш ги потценувал. Но некои како да забораваат дека функцијата не е вечна. Дека столчето има рок на траење. И дека истите луѓе кои денес ги игнорираат утре ќе им бидат потребни, но тогаш можеби ќе биде доцна зошто секој игнориран повик е мала пукнатина во довербата, а довербата, еднаш скршена ретко се враќа. И затоа, секој што добил функција мора да разбере: не е тој почетокот, ниту крајот на историјата. Функцијата не е негова сопственост, туку должност дадена во доверба, кој ќе заборави на тоа самиот ќе биде заборавен. Да бидеме луѓе што со функцијата не ја губат душата, туку ја возвишуваат честа. Функцијата минува, но делата остануваат. Честа на функцијата е во скромноста не во гордоста! |