|
|
| Али Ахмети „историчар“ по нарачка? |
|
Александар Македонски Џеповски На Балканот, а особено на Македонскиот Полуостров, веќе одамна е во мода политичарите да глумат историчари. Но, кога Али Ахмети се појавува со свои сензационални „откритија“, тоа веќе преминува во фарса. Неговите тврдења за потеклото на албанскиот јазик, за историските права врз Македонија и за античкото минато се потсмев не само за науката, туку и за здравиот разум. Секој што барем малку ја познава историјата знае дека албанскиот јазик бил стандардиран во 19 век под влијание на странски центри, особено Австро-Унгарија, како алатка за креирање вештачки идентитет наспроти српските и грчките интереси. Денес, Али Ахмети сака да го претстави како најстар јазик на светот. Ако не беше трагично, ќе беше смешно. Но Ахмети не застанува тука. Во својот политички шах, тој не игра, туку краде фигури, без срам присвојува делови од македонската историја, како што тоа со години го прават бугарските и грчките пропаганди. Ниту една вистина не му е доволно света ако му користи во политичката агенда. Сепак, вреди да се потсетиме: Ематија е срцето на Македонија, а денешна Албанија била само дел од античкото Македонско царство. Овие факти не може да ги избрише ниту Ахмети, ниту неговите спонзори од Запад, кои преку него и слични на него водат долгорочна кампања за бришење на македонскиот идентитет. Али Ахмети е типичен политички проект употребен од геополитичките центри за дестабилизација на Македонија. Неговите изјави за историјата би требало да бидат тема во некоја хумористична емисија, со наслов „Верувале или не“. Македонија е премногу важна да ѝ се дозволи некој да прави кариера газејќи ја вистината. Доста беше да јадеш леб на македонска почва а да работиш за туѓи агенди. Време е да се стави крај на оваа историска фарса. |















