|
|
| УСТАВНИ ИЗМЕНИ БЕЗ ГАРАНЦИИ РЕЦЕПТ ЗА ИДЕНТИТЕТСКА КАТАСТРОФА! |
|
Ако ја погледнеме суровата реалност, ќе видиме дека токму нашата земја е „казан“ што врие, а околу него играат европски и балкански демони, облечени во костуми од Брисел, Париз, Берлин и Софија. Доаѓаат еден по еден, со насмевки и декларации за поддршка, но заминуваат со притисоци, уцени и нови понижувања. Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет, дојде во Скопје како гласник на нова капитулација. Барањето е јасно, сменете го Уставот и внесете ја Бугарија како „државотворен народ“ во сржта на македонската држава. А ние што да правиме? Да молчиме и да чекаме? Да се лажеме со „европски перспективи“ додека ни ја бришат историјата, идентитетот, достоинството? Нема веќе простор за илузии, Македонскиот народ не е заборавен. Ние сме народ кој преживеал поделби, војни, геноциди, и пак се исправил. Планот на тие што денес го варат нашиот Устав не е ништо ново, тој е продолжение на Лондонската конференција од 1913 година, кога големите сили ја сечеа Македонија како со касапски нож. УСТАВНИ ИЗМЕНИ БЕЗ ГАРАНЦИИ РЕЦЕПТ ЗА ИДЕНТИТЕТСКА КАТАСТРОФА! Што значи тоа? Тоа значи дека вратата се отвора за бескрајни и сè поагресивни барања од источниот сосед, барања кои директно го удираат во темел македонскиот национален, историски и културен идентитет. Тоа значи дека Македонија не добива ништо за возврат ниту јасен датум за напредок во преговорите, ниту почитување од Бугарија, ниту заштита од Европската Унија, ниту правата на Македонците во Пиринска Македонија и во цела Бугарија, добива само нови закани и нови услови. Да не се лажеме Бугарија не го крие својот вистински мотив. Таа не сака да го помогне македонскиот пат кон ЕУ, таа сака да го прекрои македонскиот идентитет и тоа не е ништо ново. Оваа политика ја водат од времето на царот Фердинанд, преку врховистите, па до денешните евро-блокатори. Ако еднаш се направи отстапка без јасно дефиниран крај секој нов чекор ќе биде наметнат со истата уцена: „или ќе прифатите ново барање, или ќе ве блокираме“. Ова не е пат кон ЕУ, ова е пат кон самоуништување! Промена на Уставот без цврсти гаранции и без меѓународен документ што ќе стави крај на сите барања е национално предавство. Тоа е чекор што нема назад. Тоа е преседан што утре ќе се користи за нови притисоци, за нови откажувања, за нови уцени. Македонија мора да застане цврсто и достоинствено. Уставот не е инструмент за политичка трговија. Тој е основата на нашето постоење, темелот на државноста и заветот на нашите предци. Македонија не е „услов“, ниту „предуслов“ таа е држава со своја душа. И таа душа не се продава. Македонија не смее да биде жртва во туѓ геополитички рецепт. Ако Европа навистина нè сака, нека нè прими такви какви што сме, горди, своеглави, историски исправени. Време е за достоинствен отпор, за национално будење, за политичко обединување околу јасната порака: Македонија не менува Устав за да стане ничија колонија! Ова не е борба само за членство во ЕУ, ова е борба за постоење! Македонија заслужува иднина, но не по цена на нејзината душа! |















