|
|
| КОИ СМЕ И ШТО ЌЕ ОСТАВИМЕ ПОСЛЕ НАС? |
|
Мане Јаковлески
За да можеме да ја разбереме сегашноста и да можеме да создадеме подобра иднина за нашите поколенија, потребно е да ги откриеме корените од минатото. Кои сме? Од каде доаѓаме? Што ни оставиле како наследство нашите предци? Што сме направиле да го сочуваме тоа наследство? И што ние ќе им оставиме на нашите потомци откако ќе го напуштиме овој свет?“. Ако не знаеме кои сме, нема да знаеме ни каде одиме! Во секој историски миг постои одговорност, одговорност што ја носат живите кон мртвите, и уште повеќе кон идните поколенија. Денес, кога Македонија повторно се исправува по годините на понижување, оваа генерација има мисија: да го зачува она што многумина пред неа го сонувале, за кое се бореле и гинеле. Нашата обврска денес е да ја чуваме Македонија таква каква што ни ја оставиле, суверена, македонска и достоинствена. Македонија не ни е дадена на подарок, Таа ни е доверена. А секоја доверба бара одговорност. Оваа генерација ќе остане запаметена или како таа што ќе го згасне пламенот, или како таа што ќе го разгори за векови напред. Изборот е наш, а времето е сега. Македонија нека биде наш завет, наш дом и наша иднина. Ние, Македонците, сме народ со длабоки корени. Нашата приказна не започнува со меѓународни договори, туку со крвта на нашите херои. Сме биле раселувани, оспорувани но никогаш избришани, зашто народ што знае кој е, не може да биде уништен. Нашето наследство е обврска, не само гордост, наследството не е само музејски експонат или убаво патриотско чувство, тоа е завет, тоа е одговорност. Што сме направиле ние за да го зачуваме она што ни било дадено со жртви, мака и со љубов? Дали ги почитуваме корените или ги продаваме за краткорочни интереси? Ја носиме честа на генерациите кои се бореа да не бидеме народ на колена, тоа искуство е нашето огледало и нашиот аманет. Што ќе им оставиме на нашите потомци? Ќе им оставиме ли држава што клечи, или држава што стои исправено? Ќе им оставиме ли празни зборови, или дела кои ќе ги водат и инспирираат? Ќе им ја оставиме Македонија, или само спомен на тоа име? Нашата обврска е да ја чуваме Македонија не како географска одредница, туку како душа. Да ги учиме децата да бидат горди што се Македонци, да им кажуваме дека македонското име е свето и е запишано во Библијата. Да не го заборавиме аманетот и идеалите што ни ги оставија нашите предци! Вечна да е Македонија! |















