|
|
| Од што се плаши Бугарија да ги признае Македонците во Бугарија? |
|
Во 21 век, кога Европа зборува за човекови права, демократија и малцински слободи, во Република Бугарија постои молк, страв и системска дискриминација. Не станува збор за некаква непозната група, туку за Македонците, автохтоно население во Пиринскиот дел на Македонија, чие постоење се негира со децении. Прашањето е едноставно: од што точно се плаши Бугарија, страв од вистината?. Признавање на македонско малцинство значи признавање дека македонскиот народ постои, дека има свој јазик, историја и национално чувство. А токму тоа го руши столбот на бугарската политика, вековниот наратив дека „Македонците се Бугари“. Со еден потпис на признавање, паѓа нивната идеолошка конструкција стара 150 години, затоа молчат. Во повеќе наврати, Европскиот суд за човекови права ја осуди Бугарија поради одбивање да дозволи регистрација на здруженија на Македонци. И покрај тоа, Софија упорно го крши европското право. Зошто? Затоа што вистинска демократија би значела дека Македонците во Пирин ќе имаат право: -да формираат свои здруженија, -да организираат културни манифестации, -да бараат училишта и медиуми на македонски јазик, -да зборуваат за историјата на нивните дедовци кои не се чувствувале како Бугари. Признавањето на Македонците би значело отворање на „второ македонско прашање“, но сега внатре во самата Бугарија. Тоа би донело потреба од историска ревизија на времето на Тодор Живков, депортациите, бугаризацијата и крвавото замолчување на Македонците во Пирин. А за Бугарија, тоа е неприфатливо бидејќи би значело соочување со сопствените злосторства. Бугарија со децении го користи своето членство во ЕУ за да ја уценува Македонија, да негира јазик и идентитет, и да преговара за нешто што е свето и недискутабилно, нашата национална припадност. Но признавањето на македонско малцинство во нејзините граници би ја оставило без аргумент, без притисок, и без алиби за историски ревизионизам. Македонската држава, политичарите и граѓанското општество мора да ги засилат напорите за заштита на Македонците во Бугарија. Не од омраза, туку од љубов кон вистината. Не за минатото, туку за иднината на еден народ кој никогаш не се откажал, дури ни тогаш кога бил заборавен. Молкот на Бугарија не е неутралност – тоа е страв. Страв од вистината, страв од правдата, страв од демократијата. Но ниту една лага не живее вечно. Македонците во Пирин не молчат – тие чекаат. А со вистината на своја страна, и таа битка ќе ја добијат. Македонскиот идентитет не се признава тој се живее. И колку повеќе не го признаваат, толку повеќе ќе постои. |















