|
|
| Секое дете што ќе се роди денес е доказ дека Македонија има иднина утре |
|
Наталитетот (бројот на новородени деца) веќе подолго време опаѓа во Македонија и тоа е сериозен демографски и општествен предизвик. Ова не е само статистички тренд, ова е реалност која секој ден ни ја одзема иднината. Бројките се сурови, а последиците се далекусежни. -Просечен број на деца по жена: Во 1990-тите, една жена во Македонија раѓала во просек над 2 деца. Денес, тој број е под 1.5, што е под прагот за проста замена на населението (2.1 деца по жена). -Стареење на населението: Се повеќе луѓе се над 65 години, а сè помалку млади. Ова ја оптоварува пензиската и здравствената сфера. -Миграција: Голем број млади (и во репродуктивна возраст) се иселуваат – најчесто во Западна Европа, што директно влијае врз наталитетот. Во 2016 година во Македонија се родија над 23.000 деца. Во 2024 – едвај 16.737. Тоа се речиси 9.000 помалку за само осум години, или пад од 30%. Истовремено, минатата година починале 20.187 лица – што значи дека природниот прираст е негативен, со разлика од над 3.500 луѓе во минус. Ова не е проблем што ќе се случи некаде во иднината. Ова е криза што се случува сега, тука, пред нашите очи. Соочена со овој сериозен предизвик, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ предложи сет конкретни и социјално чувствителни мерки. Меѓу нив: - Шест бесплатни ин витро процедури – поддршка за брачните парови кои се борат со неплодноста; - Финансиски стимулации за прво и второ дете, мотивирачки чекор кон младите семејства; - Ослободување од персонален данок на доход за мајките – една година за првото дете, две години за второто, а за третото и секое следно, ослободување сè до полнолетство на првото дете. Ова се мерки со кои државата испраќа јасен сигнал: новиот живот е национален приоритет. Младите и семејствата се во центарот на вниманието, токму онаму каде што треба да бидат. Не сме единствената земја која се соочува со демографска криза. Но сме една од ретките која сè уште има време да преземе вистински чекори. Сега е време Македонија да покаже зрелост. Време е да се отвори општествена и сериозна дебата за наталитетот, не како политичко прашање, туку како национален приоритет. Потребна е широка поддршка од сите сектори, од институциите, економијата, образованието, медиумите и културата. Бидејќи секое дете што ќе се роди денес е доказ дека Македонија има иднина утре. |















