|
|
| Нашата вистина, нивниот срам: Европа молчи, ние сведочиме! |
|
Во времето кога историската вистина стана монета за поткусурување, а моралот политичка алатка за уцена, нашата обврска како Македонци е да сведочиме. Да сведочиме, да запишуваме и да потсетуваме. И кога Европа заборава особено тогаш. Има граница што не смее да се премине. Тоа не е само политичка, туку и морална линија: линијата на вистината за холокаустот врз Евреите во Македонија, извршен од бугарските фашистички окупаторски власти. Не можеме и не смееме да премолчиме пред обидите за релативизирање, фалсификување и бришење на ова злосторство од историјата. Затоа денес, кога Европската Унија глуми божем е храм на вредности, правда и човекови права, дозволува оваа болна рана на нашиот народ да биде исмеана, згазена и заборавена, мора да прашаме: Европо каде си? Европо каде ти е правдата? Бугарите сакаат да не натераат да прифатиме „една заедничка историја“? Но, како да споделиме историја со оние што ги укинаа пресудите за воени злосторства? Како да напишеме заедничка приказна со оние чии претставници во Европскиот парламент и денес отпоздравуваат со нацистички поздрав, додека Брисел премолчува? Ние не ја бараме вината на денешна Бугарија, туку правдата што е предолго потиснувана. Бараме признавање на неоспорните факти: дека 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип се депортирани во Треблинка со знаење, логистика и организација на бугарските фашистички власти. Дека 11.300 Евреи од Македонија, Тракија и Пирот завршија во логори на смртта. Дека тоа е дел од историската вистина, не на Македонија, туку на светот. Бараме извинување, како што тоа го направи Франција, како што тоа го направи Германија, како што тоа го направија многу земји што имаа храброст да се соочат со своите темни страници од минатото. Бугарија не само што не се извини, туку ги укина пресудите против злосторниците. Го слави цар Борис III човекот кој дал зелено светло за депортациите. Го поништува делото на вистинските антифашисти, македонските борци, и се обидува да се претстави себеси како спасител. Тоа не е само ревизија на историјата тоа е негирање на злосторството. Ние не смееме да молчиме. Молкот е соучесништво. А нашата историја не е на продажба. Ние сме должни на сите оние кои заминале во Треблинка, без гроб и без споменик. Должни сме им на нашите предци, на вистината, на идните генерации. И тука ќе бидеме кристално јасни: Додека Бугарија не се извини за својата улога во холокаустот, не може да бара привилегии, ни историски, ни политички, ни уставни. Македонија не може да гради Устав врз заборавот на своите маченици. Бугарите во Македонија ќе бидат дел од Уставот само кога Бугарија ќе ја прифати вината и ќе покаже вистинско каење не декларативна, туку конкретна. На крајот можеби Европа ќе остане слепа и глува, но ние ќе останеме исправени, Болката е наша! Вистината е наша, и не можат да ни ја одземат! |















