|
|
| Томас Вајц бил цел на клеветничка и заплашувачка кампања организирана од бугарски националистички структури |
|
Мане Јаковлески Европскиот пат не смее да зависи од закани и уцени! Во последниов период, сведоци сме на загрижувачки развој на настаните поврзани со Европскиот пат на Македонија, каде што не само државата, туку и претставници на Европскиот парламент стануваат мета на крајно агресивни и опасни кампањи. Последниот случај со европратеникот Томас Вајц, кој е официјален известувач за Македонија во Европскиот парламент, е аларм за сите и во Македонија, и во Европската Унија. Според информациите, Вајц бил цел на клеветничка и заплашувачка кампања, вклучително и со смртни закани, организирани од бугарски националистички структури. Неговиот телефон бил споделен на крајнодесничарски Телеграм канали, а причината за оваа хајка е неговата поддршка за европскиот пат на Македонија, пат кој да бидеме искрени, повеќе личи на политичка Голгота отколку на процес на интеграција. Овој инцидент ја разголува вистината која многумина од нас ја зборуваат со години: дека дел од Бугарија, особено нејзините националистички кругови, не се задоволуваат со уцени и блокади само на институционално ниво, туку се подготвени и на лични закани, мобинг и класичен политички терор. Ваквото однесување не само што ја навредува самата идеја на Европската Унија како заедница на вредности, туку го доведува во прашање кредибилитетот на целиот проширувачки процес. Томас Вајц, со сите свои ставови кои можат да се дискутираат и критикуваат досега настапуваше доследно и искрено. Тој уште еднаш потсети дека т.н. „француски предлог“, односно обврската за уставни измени со внес на Бугарите, не е билатерален договор меѓу Македонија и Бугарија. Но, факт е и дека токму Бугарија инсистираше на ваков модел на уцена, што потврдува дека нејзината крајна цел не е интеграција на Македонија во ЕУ, туку нејзино понижување, редефинирање и претопување. Македонскиот народ не смее да дозволи оваа европската интеграција да се претвори во процес на самоукинување. Да, потребни ни се пријатели во Европа, како Вајц, кои ќе ја поддржат вистината за македонскиот јазик и идентитет, но уште поважно, потребни сме самите на себе. Ни треба силна, достоинствена внатрешна политичка структура која нема да потклекнува под надворешен притисок, без разлика дали доаѓа од официјален Брисел или од заканувачки Телеграм-канали од Софија. Ако Европа навистина верува во владеење на правото, човековите права и достоинството на народите, тогаш мора јавно и недвосмислено да ги осуди нападите врз европратеникот Вајц, и уште повеќе да престане да толерира системски национализам и историски ревизионизам кој доаѓа од официјална Бугарија. Не може и не смее ЕУ да бара од Македонија да ги исполнува условите, додека еден нејзин сосед се однесува како да е над европското право. Заканите и уцените не се европски вредности. И ако Европа не најде сила да се справи со тоа, тогаш нека не се чуди што Македонецот почнува да ја губи вербата во европскиот сон. |















